За колку Албанци ДУИ ветува субвенции?


Предлогот на ДУИ за субвенционирање на приватните компании кои вработуваат Албанци е удар за пазарната економија и за основните права на секој поединец загарантирани во Уставот. Бидејќи нема попис 18 години не се знае ни колкав дел од работното население го сочинуваат Албанците, а и другите помали етнички групи

 

По барањето на ДУИ  да им се дадат субвенции на приватните компании што ќе вработат Албанци, она што стана најочигледно е дека ваквата политика за „позитивна“ дискриминација, како што ја нарече вицепремиерот Артан Груби, не може да се поткрепи со ниту со една бројка за актуелната ситуација на пазарот на трудот во Македонија.

Освен што станува збор за небулоза од аспект на пазарната економија, изгледа дека се бара нешто што се заснова на факти од „ракав“. Ниту Груби, ниту ДУИ, ниту другите што се произнесоа на оваа тема од оваа партија не изнесоа елементарни податоци и анализи за евентуален нерамноправен статус на Албанците во однос на вработувањето во Македонија, па да бараат сега да се крши Уставот и да се трошат јавни пари за да се дискриминира македонскиот дел од популацијата. Со години токму ДУИ го кочи пописот во земјата кој треба да ја покаже и бројноста и вистинската социјална и економска слика на Албанците во Македонија и притоа постојано бара некакви екстра права повикувајќи се на недокументирана нерамноправност или подреденост во државата, кога со голо око се гледа дека Источна Македонија е позаостаната од Западна.

Дека е така покажуваат и редовните извештаи на невработени кои ги објавува Агенцијата за вработување на Македонија, според кои од 2018 до 2020 бројот на Македонците што се пријавуваат како невработени е меѓу 51 и 61 отсто, а кај Албанците меѓу 25 и 31 отсто, што е пропорционално речиси на нивната застапеност во државата. Анализата во 2018 година покажа дека најмногу невработени според бројноста има во Скопје и во Тетово, но споредено со бројот на жителите во градовите, испадна дека најголема невработеност има во Дебар (секој 13-ти,) во Берово и Прилеп (секој 11-ти), а во Тетово, кое е доминантно албанско, невработен е секој осми работоспособен граѓанин.

Извештаите пак на Народниот правобранител, што се објавуваат секоја година, за лани покажаа дека најмногу преставки од граѓаните до оваа институција имало за правосудството(18,5 отсто), имало и над 10 отсто за нарушени потрошувачки права, а само 1,74 отсто за правичната (не)застапеност во државата.

Реално, освен бројките за застапеноста на Албанците во јавната администрација, никој не знае ни приближно каква е етничката структура на вработените во приватните компании во земјата. Вработувањата според Рамковниот договор во државната управа беа толку партизирани и вулгаризирани од ДУИ, што оваа операција стана предмет за потсмев во јавноста, уште повеќе што на некои од нив не им се признати дипломите а работат, а други воопшто и не доаѓаат на работа со години. Ваквата фарса од вработувања сепак тешко може да се спроведе во приватниот сектор.

Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата во Македонија, учтиво ја оспори ваквата евентуална мерка на Владата. Според него, општеството е засновано на граѓански концепт и во него сите се еднакви, а со барањето на ДУИ да се субвенционира вработувањето Албанци се крши Уставот, нешто што, вели тој, прв што не треба да го прави е власта.

„Се кршат и одредбите од Законот за работни односи, според кој компаниите не треба да се прашуваат ниту за родовата припадност, брачната состојба или возраста на тие што ги вработуваат, а не пак да фаворизираат некого по етничка основа“, вели Бошков.

Со оглед на кризата околу корона вирусот, според Бошков дилема во приватните компании сега е дали ќе се отпуштаат луѓе, а не дали ќе се вработуваат, генерално оценувајќи дека и сега и претходно немало интерес за вработување со субвенции. Од друга страна, и досега, вели тој, имало вработување на Македонци во компании со албански газди и обратно, така што не гледа потреба од ваква политика која од друга страна ќе ги дискриминира тие што се веќе вработени, а се и од разни етнички заедници и ќе прати порака дека за едни државата е мајка а за други маќеа.

Фото: Б. Грданоски

Да биде уште покомплицирано, најавата на ДУИ ја демантираше лично премиерот Зоран Заев. Според него субвенции ќе има за сите, без оглед на етничката припадност, а тоа реално се случуваше и досега со бројните економски пакети на владата кои го помагаа вработувањето, така што ова што го бара ДУИ би било тоа што веќе се дава – да се подели по етничка основа.

Вакви „ветер и магла“ идеи на најголемата албанска политичка партија не се ништо ново, но и натаму ја иритираат јавноста. Освен премиер етнички Албанец врз основа на клуч место на изборни резултати, ДУИ веќе бараше и претседател Албанец, исто во име на правична застапеност на Албанците. Претходно се бараше и буџетот да се дели по етнички клуч, а на последните избори ДУИ настапи со барање за консензуално законодавство (за секој закон тие да дадат согласност), задолжително учење албански јазик, мултиетничка химна и слично. На претходните избори пак бараа формирање на некаков Државен комитет за финансирање на општините кој ќе носи правични одлуки за нивно финансирање.

Откако деновиве се поделија заменичките места не баш етнички правично, бидејќи повеќето од нив се со албанско потекло, и откако се поделија начелно компаниите каде што ДУИ треба да именува свои директори, при што ги добија најбогатите, и откако побара субвенции за вработување на Албанците додека се укинуваат тие за еколошки прозорци, натаму може да се очекуваат барања за доделување јавни тендери по етничка основа, за правична застапеност т.е. реципроцитет  при уривањето дивоградби (такво барање веќе имаше по уривањето на таа кај Мавровка) и слични нешта, но никако попис или „правична застапеност“ во судењата за корупција.

И покрај бројните реакции во јавноста, аналитичарите сепак не сакаат воопшто да ја коментираат оваа евентуална мерка. За нив таа е апсурдна, дискриминирачка и убиствена за концептот на интегрирано општество, така што ќе предизвика гнев на македонска страна, бидејќи невработените Македонци ќе треба да плаќаат за да ги губат работните места и ќе се најдат во нерамноправна положба. Нивното очекување беше оваа предизборна „приказна“ да исчезне, односно да заврши како политичка препорака низ дијалог со компаниите. Многу извесно е дека таквата мерка ќе се најде и пред Уставниот суд, а според некои законски одредби за неа, ако стане формална, може да се одговара и кривично.

Имено, во  Кривичниот закон стои дека „тој што врз основа на разлика на полот, расата, бојата на кожа, националното и социјалното потекло, пол и верско убедување, имотна и општествена положба, јазикот и друго лично својство или околност, ќе му одземе или ограничи права на човекот и граѓанинот утврдени со Устав, закон или со ратификуван меѓународен договор, или врз основа на овие разлики им дава повластици на граѓани спротивни на Уставот, ќе се казни со казна затвор во траење од 3 месеци до 3 години:  Ако делото од став 1 го стори службено лице во вршење на службата, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“. (С.Ј.)