За Боки, Катица и Орце или за Макрон и Путин


НАНО РУЖИН

Дали просечниот македонски читател повеќе е заинтересиран за рекетот на Боки, корупцијата на Катица и криминалите на Орце или за разговорите на светските лидери како Путин, Макрон, Трамп? Општа е констатацијата дека во македонското новинарство или меѓу колумнистите недостигаат теми од доменот на надворешната политика и меѓународните односи. Да не постоеше спорот со Грција околу името, веројатно интересот за анализата на меѓународната (регионална) проблематика ќе беше уште помал. Додека сите светски медиуми ги почнуваат вестите со драмата со мигрантите од бродот „Опен армс“, ексцентризмите на Трамп и Салвини, настаните во Хонгконг или средбата на Путин со Макрон во Брегансон пред почетокот на Самитот Г-7 во Биериц, кај нас веќе еден месец е топ-тема аферата „Рекет“, препукувањата СДСМ-ДПМНЕ, телефонот на Катица Јанева кој завршил кај сестрата од внукот на вујкото од свекрвата, лажните вести и други слични сапуници. Опозицијата усилено сонува за митоманијата на „октоподот“ на СДСМ и предвремените парламентарни избори за да се дограби до власта со која се изживуваше 11 години. Какви чудни времиња. Во времето на популистичкиот авторитаризам на Груевски единаесет години народот молчеше и се плашеше од власта. Денес народот се охрабрил, ја слуша опозицијата, критикува и навредува опиен од лажните вести, додека власта се плаши од народот. Демократија или психолошки синдром? Иронијата на еден пријател за стереотипот на Македонецот е дека кога ќе му шлапнеш една заушка, одма се повлекувал, прифаќал и давал сè. Но, ако го помилуваш, Македонецот се буни, станува агресивен и бара сè. Ова ми го кажа еден мудар познавач на нашиот табиет. Можеби претерува, но дали е некој крив? И кој е виновникот? Дали се работи за нашата суета, лесноверноста или наивноста? Велат дека ние во Македонија немаме демократски капацитет и дека народот повеќе го ценел добриот камшик на Груевски отколку меката рака на Заев. Дали е ова митологија или реалност? Со право Рејмон Арон истакнува дека изборот во политиката не е помеѓу доброто и лошото, туку помеѓу посакуваното и омразеното.

Можеби ова е прв индикатор за да се објасни поголемиот интерес на граѓаните и новинарите за внатрешната политика отколку за светските настани? За обичниот граѓанин важна е и старата лаконска максима: изборите се освојуваат со прашањата сврзани за политиката на стомакот, а не за оние сврзани за светските проблеми. Граѓанинот не го интересира кој владее и како владее, туку кој дава. Впрочем, и Платон советува: кој владее, мора и да рани и да дава. Има и една трета, геополитичка теорија, дека најголемиот хендикеп на малите држави е што нивните народи живеат во мали простори и немаат смисла за хоризонтите на светот и светската проблематика. Што повеќе преферира македонската читателска публика? Дали усилените драми што со голем успех ги штанцаат спиновите на ВМРО-ДПМНЕ со долгата композиција на аферата „Рекет“, сезона 1, „Рекет“ сезона 2, или ја интересираат одлуките на Г-7, резултатите од разговорите Макрон-Путин, односно амбицијата на Трамп да го купи Гренланд?

Од теориска гледна точка, се работи за две вечни сфери на политиката: внатрешна и надворешна политика. Извесно е дека граѓаните живеат со внатрешната проблематика и се заинтересирани за сопствената судбина и статус кои најмногу зависат од домашните политичари и политика. Меѓутоа, во денешната епоха на глобализацијата, значењето на влијаените на надворешните актери врз општеството е во огромен прогрес. Затоа во продолжение наместо со веќе изџваканите теми од домашната политичка сцена би им посветил повеќе простор на меѓународните настани од минатата недела. На 19 август, додека на австро-унгарската граница канцеларката Ангела Меркел и премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, го одбележуваа триесетгодишниот јубилеј на „Пикникот без граници“ и симболичното пробивање на Железната завеса, Владимир Путин слета со хеликоптер во боите на Русија во департманот Вар во Франција, на брегот на Средоземното Море. Рускиот претседател беше поканет од страна на францускиот претседател Макрон на билатерална средба пред одржувањето на Самитот на Г-7 на 24 август на кој не присуствува Русија. По протоколарните церемонии попладнето, двајцата лидери одржаа конференција за печат во опуштена атмосфера, и покрај неколкуте непријатни епизоди сврзани за прашањата за Сирија, Украина или апсењето на демонстрантите на Црвениот плоштад. Прашањето за уапсените руски демонстранти Путин го неутрализира со споредбата на судирите на француската полиција и жолтите елеци. Главните акценти беа ставени на глобалната меѓународна политика и безбедност. Состојбата на односите помеѓу Русија и ЕУ беше еден од главните влогови на оваа средба. Претседателот Макрон се заложи за приближување на двете сили, инсистирајќи на потребата за поголема доверба во рамките на меѓународниот поредок кој е во преструктуирање. Макрон порача дека Русија треба повторно да се приближи до Европа бидејќи таква е и нејзината историја, и нејзината судбина, а и интересот на Франција. Споменувајќи ги Достоевски, Тургењев и Стравински, како предвесници на руското просветителство, Макрон лирично порача: „Достоевски е толку Русин колку и Европеец“. Макрон се заложи и за реализација на новата архитектура на „безбедност и доверба“ од Лисабон до Владивосток. Улогата на Москва е неопходна во решавањето на светските кризи. Не е во наш интерес ниту во интерес на Европа, кога Русија би ни го завртила грбот. Путин не пропушти да се реферира на славната мисла на Де Гол за Европа од „Атлантик до Урал“ и покажа интерес за позициите на Франција особено за „милитаризација на космосот“, тема што во говорот од 14 јули ја елаборираше Макрон.

Кризата во Украина, чие решавање е услов за враќање на Русија во Г-8, ќе се надминува преку заложбата за еден нов состанок во форматот Нормандија (Франција, Германија, Русија и Украина). Во однос на Сирија, Макрон и Путин останаа тврдо на сопствените позиции. Францускиот претседател се заложи за моментален прекин на судирите во Идлиб, додека Путин даде до знаење дека заедно со Башар ел Асад ќе остане целосно ангажиран до завршетокот на војната против терористите. Во емотивниот дел набљудувачите забележаа дека букетот што ѝ го подари Путин на Брижит Макрон, е ист како оној на Меркел од Сочи во 2018 година. Кај Путин освен кавалерството и шармот, голем респект ужива силата и респектот на домаќинот. За рускиот цар најзначајно беше да покаже дека Русија повторно станала моќен актер на меѓународната сцена. Москва очекува подобрување на односите со Брисел и смалување на санкциите. Путин знае дека ништо нема да се помрдне со ЕУ доколку не се сменат работите со Украина. Воедно, добро знае дека францускиот претседател има амбиции да е мотор на ова досие. Интересно е дека и Доналд Трамп искажа желба Русија повторно да ѝ се приклучи на Г-8, потег кој веројатно би го подржал и Макрон.

Инаку, Самитот на Г-7, составен од САД, Велика Британија, Канада, Италија, Јапонија, Германија и Франција, е организација на најиндустријализираните држави во светот со предоминација на англо-саксонските држави. Во 2014 Русија беше исклучена поради анексијата на Крим, додека ниту Кина ниту Индија немаат пристап кон оваа организација. Оваа година со Г-7 раководи домаќинот на средбата Емануел Макрон. Уште една можност да ги истакне своите идеи и да брилира како Кралот Сонце. На дневен ред на самитот се трговската војна, „Брегзит“, данок за џиновските нумерички фирми – GAFA (Google, Apple, Facebook, Amazon) и пошироко на мултинационалните компании на дигиталната економија (Uber, Airbnb…) Главна тема е рефренот – битката против нееднаквоста. Ете, тоа е светот, а ние и понатаму ќе талкаме со домашните теми како бабите што предат платно и ќе живееме во нашиот микрокосмос. Можеби навистина првата амеба била македонска, а првиот човек Македонец, а не е мал и бројот на академските граѓани, па дури и професори, кои сметаат дека ние сме центарот на светот.