Вуди Харелсон главна ѕвезда на Сараево филм фестивал


Сараево – Три номинации за Оскар, Златна палма и четири децении неповторливи улоги, Вуди Харелсон доаѓа на 32-от Сараевски филмски фестивал! 

Како признание за неговиот извонреден придонес во филмската уметност, Вуди Харелсон ќе го добие Почесното срце на Сараево на 32-от Сараевски филмски фестивал.

Меѓу досегашните добитници на „Почесно срце на Сараево“ се и швдскиот актер со холивудска кариера, Стелан Скарсгард, мексиканскиот режисер, продуцент и сценарист Алехандро Инариту, познат по проникливите, универзални приказни за човековата состојба, полскиот наградуван режисер Павел Павликовски и француската актерка Изабел Ипер.

Оваа година, публиката ќе го види во филмот „Добредојдовте во Сараево“ од Мајкл Винтерботом, кој премиерно беше прикажан во Кан и на 3-от Сараевски филмски фестивал во 1997 година, а сега се враќа на големото платно на Летното кино „Кока-Кола“, во програмата Open Air.

„Вуди Харелсон е актер на кој му верувате и кога игра најневеројатни ликови, а истовремено лесно можете да го замислите како човек со кој секојдневно би пиеле кафе. Токму таа природност пред камера е една од најтешките работи што може да ги постигне еден актер, а Харелсон тоа го прави од филм во филм. Неговиот талент, харизма и храброст се инспирација за новите генерации филмски уметници. Чест ни е што ова признание ќе му го врачиме токму нему“, изјави директорот на Сараевскиот филмски фестивал, Јован Марјановиќ.

Публиката наскоро ќе може да го гледа Харелсон и во новата серија „Brothers“ на Apple TV+, каде што глуми заедно со Метју Меконахи. Премиерата е најавена за 23 септември. Заедно со Кристен Стјуарт ја толкува главната улога и во филмот „Full Phil“ на Квентин Дипје, кој оваа година беше премиерно прикажан во Кан. Неодамна го заврши снимањето на филмот „The Cackling of the Dodos“ за Netflix, во кој игра со Сем Роквел, а во моментов работи како продуцент на документарен филм за легендарниот концертен простор Armadillo World Headquarters во Остин.

Сара Климовска во жирито на 32. Сараево филм фестивал

Добитник е и на наградата Еми за улогата на Вуди Бојд во култната серија „Cheers“, а телевизиската публика го памети и по сериите „True Detective“ и „White House Plumbers“. Значаен белег остави и на театарската сцена, настапувајќи на Бродвеј и во лондонски продукции, а ја режираше и драмата „Bullet for Adolf“, која ја напиша заедно со Френки Хајман.

Во повеќе од четири децении творештво, Вуди Харелсон изгради кариера што ги надминува жанровите и медиумите, потврдувајќи го статусот на еден од највлијателните и најпочитуваните актери на современата филмска сцена. Почесното Срце на Сараево е уште едно признание за неговиот траен придонес кон светската кинематографија.

Филмскиот фестивал во Сараево формиран во 1995 година од група ентузијасти, денес прерасна во најголем фестивал на филмот од Виена до Истанбул. 

 

Почесно „Срце на Сараево“ и за босанскиот актер Емир Хаџихафизбеговиќ

Оваа година, Филмскиот фестивал во Сараево ќе му го додели Почесното срце на Сараево на Емир Хаџихафизбеговиќ, еден од најпознатите актери на босанската и регионалната кинематографија. Наградата ќе му биде доделена за голем број значајни улоги и целокупен придонес во филмската уметност.

Фестивалот ја промовира филмската култура на Босна и Херцеговина и регионот повеќе од три децении, а со оваа награда сака да им оддаде признание на уметниците кои оставиле длабок белег на домашната кинематографија.

„Меѓу нас има уметници чие дело станува дел од културната меморија на една средина. Кога ќе се осврнеме на босанската и регионалната кинематографија, насекаде ги препознаваме трагите на Емир Хаџихафизбеговиќ и неговите улоги длабоко вткаени во некои од најзначајните филмски достигнувања“, рече директорот на Филмскиот фестивал во Сараево, Јован Марјановиќ.

Тој додаде дека станува збор за актер чие дело ги надминува границите на јазиците, земјите и театарските сцени.

Во текот на својата кариера, тој одиграл повеќе од 70 улоги во играни филмови, како и повеќе од сто улоги во театарот, филмот и другите медиуми.

Соработувал со бројни режисери, меѓу кои Огњен Свиличиќ, Рајко Грлиќ, Јасмила Жбаниќ, Пјер Жалица, Срѓан Вулетиќ и Емир Кустурица. Филмовите во кои глумел биле прикажани и наградувани на фестивали во Кан, Берлин, Локарно и Ротердам.

Наградуван во Венеција и Пула
За улогата во филмот „Такви се правилата“, ја освоил наградата за најдобар актер во програмата „Оризонти“ на Венецискиот филмски фестивал, Златната арена во Пула и голем број други меѓународни награди.