Сара Климовска во жирито на 32. Сараево филм фестивал


Фото. Б. Грданоски

Во трка за „Срцето на Сараево“ на 32-от Филмски фестивал во Сараево кој ќе се одржи од 14 до 21 август 2026 година, се натпреваруваат 51 филм, додека еден филм ќе биде прикажан надвор од конкуренцијата.
Во четирите натпреварувачки селекции – долгометражен игран филм, долгометражен и краток документарен филм, долгометражен краток филм и студентски краток филм – 21 филм ќе имаат светска премиера, шест меѓународни, еден европска, 23 филма ќе имаат регионална премиера, додека еден филм надвор од конкуренцијата ќе има босанско-херцегованска премиера.

Оваа година, селекцискиот тим предводен од Изета Граѓевиќ, креативен директор на Филмскиот фестивал во Сараево, најпрестижен во регионот, погледна 1215 филмови: 210 долгометражни филмови, 305 документарни филмови и 700 кратки филмови и студентски кратки филмови.
„Во време кога филмовите се подостапни од кога било, вредноста на еден филмски фестивал не е во тоа што ги прави филмовите достапни, туку во тоа што ги враќа во јавниот живот. Ова бара долгорочна инвестиција во публиката. Во текот на повеќе од три децении, Сараевскиот филмски фестивал ја изгради довербата на публиката која е подготвена да се препушти на филм што можеби никогаш не би го избрала сама. Тоа е публика која не доаѓа во кино за да го потврди сопствениот вкус, туку за возбудата од откривањето на поинаков поглед на светот. Избравме програми за таква публика. Овогодинешниот избор ја потврдува виталноста и разновидноста на современата кинематографија на Југоисточна Европа. Избраните филмови зборуваат со различни кинематографски гласови. Ним им е заедничко потрагата по поинаков поглед на реалноста“, рече Граѓевиќ.

Дури три филма ќе има Македонија годинава во натпреварувачката програма на 32. Сараевски филмски фестивал за долгометражен игран филм. Македонија одамна немала ваков пласман во главните програми на овој престижен фестивал. Во конкуренција за наградите „Срце на Сараево“, ќе се натпревуруваат „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума, „17“ на Косара Митиќ, како и малцинската копродукција „Срам и пари“ на Висар Морина, копродукција помеѓу Германија, Косово, Словенија, Албанија, Македонија и Белгија. Македонски продуцент на овој филм е Марија Димитрова од List Production.

Во документарната пр0грама во официјална селекција ќе биде прикажан филмот „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски, филм инспириран од жртвите и хероите на Кочани, а актерката Сара Климоска ќе биде член на жирито во главната програма.

Жирито на натпреварувачката програма – долгометражен филм на 32-от Филмски фестивал во Сараево го предводи актерката Емили Вотсон (претседател), два пати номинирана за Оскар, режисерот Игор Безиновиќ, актерката Сара Климоска, директорот на Европската филмска академија Матијс Ваутер Кнол и режисерката Атина Рејчел Цангари.
Вотсон се приклучува на богатата плејада филмски режисери кои претседавале со жирито на Филмскиот фестивал во Сараево во претходните изданија: Мајк Ли (2004), Мики Манојловиќ (2005), Јасмила Жбаниќ (2006), Џереми Ајронс (2007), Нури Билге Џејлан (2008), Мирјана Карановиќ (2009), Кристи Пуиу (2010), Ари Фолман. (2011), Корнел Мундруцо (2012), Данис Тановиќ (2013), Бела Тар (2014), Калин Петер Нецер (2015), Елија Сулејман (2016), Мишел Франко (2017), Асгар Фархади (2018), Рубен Мишел Остлу (2019), Јасна Ѓуричиќ (2021), Себастијан Мајсе (2022), Миа Васиковска (2023), Пол Шрадер (2024) и Сергеј Лозница (2025).

Сара Климоска дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопјe, а оттогаш гради значајна кариера на домашни и меѓународни филмски и телевизиски проекти.

Својата најнова главна улога ја играше во филмот „Збогум, Копакабана“ во режија на Милчо Манчевски, чија премиера е закажана за 2026 година. Ова е нејзина трета соработка со наградуваниот режисер, по филмовите „Врба“ и „Кајмак“.

Меѓу нејзините позначајни филмски наслови се „Нема да бидеш сам“ од Горан Столевски, кој премиерно беше прикажан на Санденс, „Домаќинство за почетници“, претставен на Венецискиот филмски фестивал, „Преекспониран“ од режисерката Елеонора Венинова и „Спектар“ од Горан Радовановиќ. На меѓународната сцена, таа играше и улоги во филмовите „Нико“ во режија на Елина Геринг, „Семејни тајни“ од Малик Витал и „Одговор“ од Џејсон Лестер.

Учествуваше во програмите „Талентс Сараево“ на филмскиот фестивал „Сараево“ и „Берлинале Таленти“. Во 2022 година, таа беше номинирана за наградата „Срцето на Сараево“ за нејзината улога во телевизиската серија „Мочвара“. Една година претходно, таа ја доби наградата „Европска ѕвезда што паѓа“ благодарение на нејзината изведба во филмот „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов.

Покрај глумата, Климоска се посветува сè повеќе и на режирање и пишување сценарија. Моментално го развива својот втор краток филм „Оковани“.

Жирито ќе го додели Срцето на Сараево во натпреварувачката програма – игран филм.
Победниците ќе бидат објавени во петок на 21 август на церемонијата на доделување на наградите.