Националниот џез оркестар со проектот „Македонски сновиденија“ вечерва на „Охридско лето“


Националниот џез оркестар вечерва ќе настапи на сцената „Долни Сарај“ во рамки на „Охридско лето“, каде пред охридската публика ќе ја претстави концертната програма „Македонски сновиденија“.

Концертот започнува во 21 часот, под диригентската управа на Владимир Николов, а специјален гостин ќе биде истакнатиот западноафрикански трубач, Питер Сомуа од Гана.

„Македонски сновиденија“ носи спој на македонскиот фолклор и современиот џез, преку нови аранжмани на македонски народни песни и оригинални композиции инспирирани од домашната фолклорна традиција.

Програмата веќе имаше успешни претставувања на европската сцена. Националниот џез оркестар ја изведе во Будимпешта, Прага и Виена во рамки на европската мини-турнеја во ноември 2025 година, а во мај годинава настапи и во престижниот културен центар „БОЗАР“ во Брисел.

Диригентот Владимир Николов е композитор и аранжер кој соработувал со реномирани оркестри и музичари, меѓу кои „Metropole Orchestra“, „Konzerthausorchester Berlin“ и „BBC Radio Orchestra“, како и со Џон Клејтон, Ренди Брекер, Винс Мендоза и други.

Питер Сомуа, кој потекнува од Акра, Гана, а живее и работи во Ротердам, е добитник на наградата „Erasmus Jazz“ за млад џез талент и на „Edison Jazz Award“ за дебитантскиот албум „Outer Space“. Во својата музика ги поврзува џезот, фанк, соулот и традиционалната ганска музика.

Концертот е дел од првото издание на програмата „Џез вечери“ на „Охридско лето“, која од 13 до 16 август носи шест концерти на домашни и странски џез уметници.