Роденденски концерт на Филхармонија со британската трубачка Матилда Лојд


Македонската филхармонија вечер ќе го одржи својот роденденски  концерт, со кој ќе одбележи 82 години од формирањето. Концертот е насловен „Заратустра“, а како солистка ќе настапи британската трубачка Матилда Лојд. Диригент е маестро Конрад ван Алфен, а на програмата се концерт за труба и оркестар во Ас-дур од Александар Арутјуњан и тонската поема „Така зборуваше Заратустра“, оп. 30. 

Матилда Лојд годинава стана првата трубачка која ја добила наградата за млад уметник на Кралското филхармониско друштво (Royal Philharmonic Society Young Artist Award). Признанието ѝ беше доделено за нејзината блескава музикалност, позитивната енергија што ја зрачи во сè што работи, како и за нејзината посветеност да ги инспирира младите да се занимаваат со музика. Списанието BBC Music Magazine ја опиша како „трубачка од исклучителен формат“. Со своето впечатливо присуство на современата класична музичка сцена, таа ја освојуваја публиката со беспрекорниот тон и виртуозното владеење со трубата, а истовремено придонесува и во создавањето на новите генерации класични музичари преку својата педагошка дејност како професорка по труба во Лондон.

Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Интенационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле.