МКЦ домаќин на 13. ПИН музичка конференција: Од Скопје 2028 до Кочани, под мотото Living in a Bubble


Од 26 до 28 ноември, Младинскиот културен центар повторно ќе стане најгусто населената музичка точка во градот. На тринаесеттото издание на ПИН музичката конференција и шоукејс фестивал пристигнуваат повеќе од 300 музички професионалци, 58 изведувачи и гости од 40 земји.
Кина, Австралија, Канада, Аргентина, Европа и Балканот ќе се сретнат во Скопје во МКЦ, кој оваа година нè пречекува веќе со реновирани тоалети.

Мотото на годинешното издание е Living in a Bubble. И, наместо три дена безбедно да живееме во сопствениот културен меур, ПИН ќе се обиде малку да го дупне.

ЗАТОА во ЧЕТВРТОК од 14:00 ве покануваме во Кино Фросина на трибината за град на културата , каде ќе разговараме дали зад титулата веќе постои тим, календар и план, кој го прави, одредува, кој носи одлуки? Кој ги контролира парите? Кога ќе почнат проектите? Како ќе бидат вклучени локалните организации и независната културна сцена? Ќе има ли отворени повици, јавни набавки, европски партнерства и транспарентни извештаи? И најважно – што ќе му остане на Скопје на 1 јануари 2029 година?

На ПИН ќе бидат претставени искуства од европски градови што веќе ја поминале оваа титула, но и од градови што, како Скопје, се подготвуваат за 2028 година. Од Нови Сад и Горица, преку Бурж и Лиепаја, ќе се разговара за тоа кога започнале подготовките, како биле организирани тимовите, како се финансирале програмите и дали големите европски културни приказни поминале без финансиски контроверзии, политички влијанија и административни магии.

Европска престолнина на културата не е град со повеќе ПР текстови, тоа треба да биде град со повеќе култура, нова инфраструктура, функционални институции и подобар живот за луѓето што создаваат.

Панел ПУЛС

Што научивме од Кочани ?
ПИН ќе отвори уште една неизбежна тема. Панелот „PULSE“ ќе зборува за состојбата на клубовите, концертните простори и ноќниот живот по трагедијата во Кочани. Наместо реформи, јасни стандарди и лиценцирање, музичкиот сектор доби затворени клубови, ограничувања и институционален одговор што најчесто се сведува на „кренати раменици“. Во превод, нула напредок. Професионалци од Чешка, Германија, Хрватска ќе ги споделат стандардите и условите на клубската сцена во нивните земји.

Светската музичка индустрија доаѓа во Скопје. ПИН оваа година пречекува претставници на фестивали, клубови, агенции, издавачи, културни мрежи и музички организации од 40 земји. Меѓу гостите доаѓа дректорот на  WOMEX, најголемата светска платформа за world и традиционална музика, како и претставници  на Reeperbahn Festival, Tromsø World, Berlin Music Commission, Boom Festival, Athens Music Week, Europavox, MENT, SHIP, SoAlive и голем број европски концертни и фестивалски мрежи.

На сцените во МКЦ ќе настапат австралискиот електро-инди-поп состав TONIX, кинеските KyoYoko, кинеско-данското дуо Green Tea Bitches, аргентинско-шпанскиот проект Niem Nitai, како и Mista Trick, HRTL, Tankus, Diskopunk, Ljubičice, Elizabete Balčus, Mehmet Polat Quartet, Aurore Voilqué Balkan Ladies ConneXion и многу други.

Домашната сцена останува во центарот на програмата.
На ПИН ќе настапат македонските бендови ИСКРА, Chlen 16, Mallard, Маратонци, Персеида, Taxi Consilium и Деца Корнат Градина, како и македонско-интернационалните проекти на Јордан Костов – Resonant Earth Collective Ritual, Мартин Грозданоски со Mèraque, Тони Китановски и Гоце САФ со Afro Gitano и  Миа Ѓаконовски, внука на легендарниот Драган Ѓаконовски – Шпато, пристигнува од Берлин со сопствен современ авторски израз меѓу алтернативниот поп и џезот.

Сите изведувачи се веќе претставени на https://pinconference.mk/artists/ а достапна е и програмата https://pinconference.mk/programme-2026/