Венко Цветков со изложба „Пејзажи на воодушевувањето“ – дијалог помеѓу природата, меморијата и уметноста


Академскиот сликар, реставратор и педагог Венко Цветков, со својата најнова изложба „Пејзажи на воодушевувањето“, отвора простор за поинакво доживување на пејзажот – не само како визуелна претстава на природата, туку и како лична меморија, внатрешен свет и уметничко истражување.

Изложбата се отвара утре (петок) во 19:30 часот во „The Dude“ кафе, каде што авторот Цветков има постојано изложени слики од претходните циклуси. Оваа изложба е посветена на Илина и Тристан.

„Инспириран од препознатливите предели на нашето поднебје – планините, полињата, светлината и каменот – Цветков создава ликовен свет во кој реалното и имагинарното се испреплетуваат, а пејзажот добива подлабока, симболична и лична димензија. Неговите дела не се ограничуваат на непосредното претставување на природата, туку го повикуваат гледачот на сопствено толкување и доживување. Во изложбата особено доаѓаат до израз колоритот, текстурата и суптилните ликовни односи. Бојата станува носител на емоција и смисла, додека различните површински структури создаваат слоевитост и отвореност за повеќезначно читање на делата. Преку рамнотежата меѓу контролираната ликовна постапка и спонтаноста на изразот, авторот воспоставува дијалог меѓу традицијата и современото уметничко толкување.“ – се вели во рецензијата која за оваа изложба на авторот е креирана во соработка со Мета АИ.

За оваа провокација да соработува со вештачката интелигенција во делот на рецензијата за изложба „Пејзажи на воодушевувањето“, сликарот Венко Цветков вели дека со нетрпение го чека отворањето на изложбата за да ги сподели со колегите од стручната јавност и публиката неговите впечатоци дека во времето на дигитализацијата во сите сегменти на општеството: „Употребата на вештачката интелигенција и во уметноста е конструктивен и консултативен чин со прилично антрополошки особини.“

Венко Цветков е роден на 27 ноември 1955 година во Штип. Своето уметничко образование го започнува на Вишата педагошка академија во Скопје, која ја завршува во 1976 година во класата на професорот Спасе Куновски. Во 1984 година дипломира на Академијата за ликовни уметности во Љубљана, Словенија, во класата на професорот Киар Мешко.

По завршувањето на студиите се враќа во Македонија, каде што професионално се посветува и на реставрацијата на средновековното сликарство, особено на фрескоживописот и иконописот. Ова искуство претставува значаен дел од неговиот професионален и уметнички развој, поврзувајќи го современиот ликовен израз со богатото духовно и културно наследство.

Покрај сликарската и реставраторската дејност, Цветков има значаен придонес и во ликовното образование. Од 2007 година работи како професор во Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“ во Скопје, каде што останува до пензионирањето во 2022 година.

Неговото творештво опфаќа и дела инспирирани од библиски и духовни мотиви, меѓу кои се издвојува циклусот „Псалми“, како и неговите изложбени претставувања во Словенија.

„Пејзажи на воодушевувањето“ е изложба што го открива личниот уметнички сензибилитет на авторот и неговата потреба преку природата да истражува подлабоки емоционални и духовни состојби. Тоа е покана за гледачот да го напушти вообичаеното набљудување и да се препушти на сопственото доживување на просторот, светлината, тишината и времето.

Со оваа изложба, авторот Венко Цветков ја поканува публиката во „The Dude“ кафе во Скопје за да почувствува дека пејзажот може да биде многу повеќе од слика на природата – може да биде личен свет, уметнички процес и прозорец кон внатрешниот пејзаж на секој од нас и во моментите на дружење со пријателите.