СКРМ вели со Сулејмани имале отворен дијалог за Колективниот договор за култура и Законот за култура


По две години игнорантски однос и синдикална борба, конечно отворен дијалог за Колективниот договор за култура и Законот за култура, се вели во соопштението на  Синдикатот на културата на Република Македонија, чии претставници остварија работна средба со министерот за култура и туризам Седат Сулејмани.

„Средбата е важен чекор, но и потврда дека без силен и истраен синдикат нема вистински социјален дијалог. СКРМ со години гласно и без компромис ги брани правата на вработените во културата, укажувајќи на неправдите, непочитувањето на Колективниот договор и потребата од системски решенија за статусот на културните работници“, се вели во соопштението.

На средбата било договорено формирање на две работни групи, составени од претставници на СКРМ и Министерството:

Работна група за Колективниот договор – кој е во процедура пред Уставниот суд.

Работна група за Законот за култура – во која СКРМ ќе учествува активно и директно, со цел законските решенија да ги одразуваат реалните потреби и права на вработените во културата.

На средбата биле отворени и повеќе конкретни прашања кои со години ги засегаат вработените во културата.

„Посебно внимание беше посветено на исплатата на стручните звања во дејноста заштита, како и на проблемот со нивното селективно исплаќање од страна на претходниот министер за култура. СКРМ јасно го истакна ставот дека правата од работен однос не смеат да зависат од лични или селективни одлуки, туку мора да се применуваат еднакво за сите работници кои ги исполнуваат законските и професионалните услови.

Отворено било и прашањето за унапредувањата во театарската дејност, каде со години има вработени – особено актери – кои не се унапредуваат, додека во исто време постојат случаи на селективни унапредувања, вклучително и унапредување на поединци по двапати во повисока група.СКРМ бара еднакви критериуми, транспарентност и правичност при унапредувањето на сите вработени во културата. Не може едни да чекаат со години, додека за други правилата се применуваат поинаку.

На средбата било разговарано и за бенефицираниот стаж на балетските уметници, прашање од особено значење поради специфичноста и физичката тежина на оваа професија и потребата за системско и правично решение.

За СКРМ, ова не е само формален состанок. Ова е почеток на процес во кој синдикатот мора да има место на масата каде што се носат одлуките за работниците. Правата на културните работници не треба да бидат предмет на дневна политика, селективно толкување или празни ветувања. Позитивниот став на министерот за култура Седат Сулејмани ( кој комуницира со јавноста и медиумите исклучиво преку социјалните мрежи н. з.) за сите отворени прашања остава простор да веруваме дека договорениот дијалог ќе биде преточен во конкретни решенија и резултати. Затоа што културата не ја создаваат институциите на хартија, културата ја создаваат луѓето што работат во неа“ се вели во соопштението на СКРМ.