Сиљановска-Давкова шокирана од предлогот да им се одземе независноста на СВП
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска од Струга изјави дека е шокантен предлогот на Министерството за култура до Владата, Струшките вечери на поезијата наместо самостојна национална установа да бидат сектор во состав на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“-Струга, оценувајќи го како некултурен однос кон институција која е синоним за промоција на културата во светот.

Според директорот на НУ Струшки вечери на поезијата, Никола Кукунеш, иако предлогот на претходниот министер за култура Зоран Љутков во јуни не поминал на владината комисија за култура, сепак го чувствуваат како сериозен удар врз институцијата.
По посетата на НУ Струшки вечери на поезијата и средбата со раководството, претседателката Сиљановска-Давкова, која е и покровител на поетскиот фестивал, изјави дека СВП не може да се третира како административно прашање и од врвна самостојна национална установа да се сведе на одделение во друга установа затоа што, рече, 65 години СВП е синоним за светска промоција, го промовира идентитетот и нè прави посебни и познати.
– Навистина е шокантно, за мене е ова некултурен однос. Јас очекував оваа славна институција, овој славен феномен, да биде поткрепен во понатамошниот развој – финансиски, со дигитализација, со простор, со нови проекти, затоа што е препознатлив ширум светот. И вие сега, наместо да го поткрепите и поддржите, зашто тоа го заслужува, да го сведете на дел од бирократијата, на дел од организацијата, мислам дека е длабоко неразбирање на улогата, на меморијата, на успесите, на она што е сторено. Страшно е. Да дојде тоа од некоја институција што не разбира што е култура, ама да дојде од Министерството за култура – за мене е навистина целосно неразбирливо – изјави претседателката за медиумите.
Посочи дека „дури и во евроинтеграциските процеси ние добиваме посебно место, токму заради СВП“ и дека во организацијата на фестивалот е вклучен и УНЕСКО кое години наназад во партнерство со Струшките вечери на поезијата учествува во доделувањето на наградата „Мостови на Струга“ за дебитантска стихозбирка.
– Но, убедена сум дека во оваа Влада покрај премиерот седат луѓе кои ваков предлог нема да прифатат, затоа што знаат што е култура, што е национална култура, знаат што значат зад нас 65 години културна меморија, што значи врвни поети да велат дека ваков однос кон културата е инспиративен и треба да се поддржува – додаде Сиљановска-Давкова.
Директорот на НУ Струшки вечери на поеизјата, Никола Кукунеш, изјави за медиумите дека иако тој предлог не поминал на Влада, сепак го чувствуваат како сериозен удар врз институцијата.
Задоволен е што претседателката и покровителка на СВП, Сиљановска-Давкова, застанува во нивна заштита т.е. дека се „на иста линија“.
– Станува збор за предлог што, за среќа, не помина на комисиска расправа, меѓутоа го чувствуваме како сериозен удар – и на нашата институција, меѓутоа е удар што рефлектира и многу пошироко. Особено во овој момент кога се соочуваме со низа непријатности во поглед на оспорувањето на идентитетот, културата, јазикот итн. – истакна Кукунеш.