Синиша Кашавелски: Уметноста нема националност, но јас секогаш ќе бидам македонски уметник


(МИА) – За Синиша Кашавелски се чини, постојат две реалности. Едната е онаа домашната, каде подолго време морал да се докажува и каде, како што самиот тврди во повеќе наврати, наидувал на скептицизам кон сопственото творештво. Другата е меѓународната сцена, каде истото тоа творештво веќе со години собира признанија и пофалби.

Роден е 1969 година во Куманово. Завршил во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, а потоа дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Членува во Друштвото на ликовните уметници на Македонија, но и во неколку француски здруженија, меѓу кои Друштвото на уметниците на Франција и Друштвото на Есенскиот салон во Париз.

Наградите на почетокот доаѓале бавно, а потоа сè побрзо и почесто. Бронзен, сребрен и златен медал од Зимскиот салон во Париз во период од неколку години. Гранд при за сликарство во 2015 година за делото „Искушение“, доделен во конкуренција од над шестотини уметници на изложбата на Салонот на убавите уметности под Стаклената пирамида на Лувр. Изложувал во Германија, Италија, Шпанија, Сингапур, во една галерија во Пекинг што се смета за меѓу најпрестижните во светот. Во домашни и странски медиуми последниве години постојано се повторува дека е меѓу првите десет реалисти на планетава.

Летово дојдоа уште две признанија, речиси едновремено. Делото „Magna Mater“, наградено на 17. Меѓународен салон на Art Renewal Center, беше изложено во јули во Sotheby’s во Њујорк, во конкуренција од над 8.500 пријавени дела од близу 90 земји. Само неколку дена подоцна, друга негова слика, „Simulatrix“, освои прво место на Progressus Art Awards 2026, пред над 1.300 дела од 74 земји.

Но и покрај светските ловорики, тој секое лето се враќа во своето атеље во Старо Нагоричане, под Козјак, недалеку од Кокино.

Ве одбивале четири пати од Зимскиот салон на ДЛУМ, а потоа добивте награда во Париз. Што чувствувавте во тие моменти, сомнеж во себеси или во системот?

Мојата приказна со ДЛУМ имаше многу необичен тек. Иако бев студент на генерацијата на Факултетот за ликовни уметности, кога првпат конкурирав за членство бев одбиен како недостоен. Неколку години подоцна бев примен, но остана горчливиот впечаток дека тоа не беше признание на мојата работа, туку дека сум примен „по ургенции“ – нешто што длабоко ме повреди.

По приемот во ДЛУМ, четири години по ред моите слики не беа прифатени на Зимскиот салон. Во такви моменти, нормално е човек да се преиспитува. Наместо да се откажам, по последното одбивање решив да конкурирам на Зимскиот салон во Париз, во Grand Palais. Таму сликата беше не само прифатена, туку и наградена со бронзен медал.

Не го доживеав тоа како победа над некого, туку како потврда дека вредноста на едно дело не ја одредува едно жири. Тоа искуство ми даде самодоверба да продолжам по својот пат и многу посериозно да се насочам кон меѓународната сцена.

Велите дека денес „се бега од класичниот реализам“. Дали и што менувате во сопствениот пристап во моментов, а сте сигурни дека пред десет години не би се осмелиле да го направите?

-Не мислам дека реализмот исчезнува, туку дека денес е помалку застапен и понекогаш неоправдано се доживува како нешто традиционално или надминато. За мене реализмот никогаш не бил цел сам по себе, туку средство преку кое ја раскажувам приказната.

Она што најмногу се промени кај мене е слободата. Пред десетина години повеќе размислував дали една идеја ќе биде прифатена. Денес не размислувам така. Ако чувствувам дека на сликата ѝ е потребен силен симбол, необична композиција или филозофска порака, не се двоумам да ја следам таа идеја.

Со годините сфатив дека најголемиот ризик не е да експериментираш, туку да почнеш да се повторуваш. Затоа секоја нова слика ја доживувам како нов предизвик, а не како повторување на веќе постигнатото.

Низ годините сте ја сликале ќерка си од детството до зрелоста. Кога гледате наназад на тие платна, гледате ли повеќе нејзин пораснат лик или сопствена промена како уметник?

-Кога денес ги гледам тие слики, најсилно го чувствувам времето. На почетокот не размислував дека создавам еден вид визуелен дневник. Едноставно ја сликав како што растеше. Денес сфаќам дека низ тие портрети не се менувала само таа, туку и јас.

Секоја слика го носи начинот на кој сум размислувал во тој период, мојата техничка зрелост, но и мојата емоција. Затоа, кога ги гледам денес, не ја гледам само ќерка ми како расте. Го гледам и сопствениот пат како уметник.

Мислам дека токму затоа тие слики ми се особено драги. Тие не се само портрети, туку сведоштво за едно време што повеќе никогаш нема да се повтори.

Кога делото стои во просторот на Sotheby’s New York, покрај дела од уметници од 90 земји, што всушност гледате прво кога влегувате таму? За делото или контекстот околу него?

-Искрено, во такви моменти не размислувам само за своето дело. Повеќе размислувам за контекстот во кој се наоѓа. За мене е голема чест кога мојата слика е изложена меѓу селектирани и наградени дела од најдобрите современи реалисти во светот. Тогаш повеќе не се претставувам само себеси, туку и Македонија.

Во таков контекст сфаќате дека националноста, јазикот и границите остануваат во втор план. Пред публиката стои само делото. Ако успее да го задржи вниманието, да предизвика емоција или да поттикне размислување, тогаш знам дека воспоставило вистински дијалог со гледачот.

На крајот, на една голема меѓународна изложба не се натпреваруваат држави, туку дела.

По десет години отсуство, изложбата „Enigma Collection“ ја вративте прво во Куманово. Зошто токму таму, а не во некој поголем центар и каква реакција очекувавте од луѓето?

-Не размислував каде ќе има повеќе публика, туку каде изложбата има најголема смисла. По десет години ми беше важно тој круг да се затвори токму таму каде што сè започна – во мојот роден град.

Не очекував восхит, ниту аплауз. Најмногу сакав да видам дали моите сограѓани ќе застанат пред сликите и ќе се препознаат во нивните приказни, симболи и емоции. За мене тоа беше најискрената публика, затоа што тие го знаат не само уметникот, туку и човекот зад него.

Секој уметник, колку и да изложува низ светот, има потреба од момент кога ќе се врати дома. За мене „Enigma Collection“ беше токму такво враќање.

Живееме во време кога сликите се гледаат по неколку секунди на телефон. Како денес да се создаде дело што ќе го натера човекот да застане пред него?

-Денес не е тешко да привлечете внимание за неколку секунди. Тешко е да го задржите. Мислам дека токму тука се разликува вистинското уметничко дело од обичната слика што брзо се заборава.

Никогаш не размислувам како мојата слика ќе изгледа на екранот од мобилен телефон. Ја создавам за човекот што ќе застане пред неа, ќе помине време со неа и секојпат ќе открие нешто ново. Верувам дека доброто дело не ги открива сите свои тајни одеднаш.

Во време кога сè се гледа брзо, можеби токму уметноста треба повторно да нè натера да застанеме. Ако една слика успее да го направи тоа, тогаш знам дека навистина воспоставила дијалог со гледачот.

Очигледно е дека на македонскиот уметник му недостасува системска поддршка. Кога размислувате практично, што конкретно требало да ви биде понудено во 2005 година, а не ви било?

-Не мислам дека на уметниците им требаат привилегии, туку услови. Во 2005 година ќе ми значеше да постои јасен систем што ќе ги препознае и ќе ги поддржи авторите кои имаат потенцијал да се претстават надвор од Македонија.

Учеството на престижни меѓународни изложби и конкурси бара сериозни финансиски средства – за изработка на делата, транспорт, осигурување, котизации и патувања. Најголемиот дел од тој пат го поминав со сопствени средства и со поддршка од моето семејство.

Верувам дека Македонија има многу талентирани уметници. Ако институциите создадат систем што ќе им помогне да излезат на меѓународната сцена, тоа нема да биде успех само за нив, туку и за државата. Најдобрата инвестиција во културата е да им се даде шанса на луѓето со својот труд и квалитет достоинствено да ја претставуваат Македонија пред светот.

Освоивте многу светски признанија како ARC Salon, ModPortrait во Барселона и Орденот за заслуги во уметноста на Француската академија Arts-Sciences-Lettres. Има ли меѓу нив некоја помала, помалку позната награда што внатрешно ви значи повеќе од сите нив заедно?

-Секоја награда има своја приказна и свое време. Не ја мерам нејзината вредност според големината на институцијата или медиумското внимание што го добила. Понекогаш признанието што доаѓа во вистинскиот момент вреди повеќе од најпрестижниот трофеј.

Посебно место во моето сеќавање има бронзениот медал на Зимскиот салон во Париз. Не затоа што беше најголемото признание што сум го добил, туку затоа што дојде по четири последователни одбивања на Зимскиот салон во Македонија. Тој момент ми ја врати вербата дека треба да продолжам по својот пат.

Наградите носат радост, но не ја создаваат уметноста. Тие се само потврда дека некој ја препознал вашата работа. Вистинската награда е кога следното утро повторно ќе влезете во ателјето со истата желба да создадете нешто подобро од вчера.

„Magna Mater“, сликата изложена во Sotheby’s New York е алегорија на жената. Што сакавте да кажете преку неа?

-„Magna Mater“ не е портрет на конкретна жена, туку алегорија на женскиот принцип – на животот, создавањето, љубовта, мудроста и духовната сила. Низ целата историја, жената била симбол на раѓањето, обновувањето и надежта, а токму таа безвременска идеја сакав да ја преточам во слика.

Жената отсекогаш била една од моите најголеми инспирации, а преку „Magna Mater“ сакав да ѝ оддадам почит како носител на животот, љубовта и духовната сила.

Не сакав да создадам дело што ќе даде еднозначен одговор. Напротив, сакав секој што ќе застане пред него да пронајде свое лично толкување. Симболите во сликата не се случајни – тие се покана за размислување и дијалог со гледачот.

Верувам дека вистинската уметност не нуди готови одговори, туку поставува прашања. Ако „Magna Mater“ успее барем за миг да го натера гледачот да застане, да почувствува и да размисли за суштината на животот и за улогата на жената како извор на создавање, тогаш ќе знам дека сликата го пронашла своето вистинско значење.

Изложувавте во Лувр, Париз, Пекинг, Њујорк…, а сепак секогаш се враќате во Македонија. Дали денес се чувствувате како македонски уметник со светска кариера или како светски уметник кој случајно е роден во Македонија?

-Секогаш ќе бидам македонски уметник. Тука сум роден, тука ги направив првите чекори и тука се моите корени. Тоа не можам и не сакам да го променам.

Истовремено, верувам дека уметноста нема националност. Кога едно дело ќе биде изложено во Париз, Њујорк или Пекинг, никој не го оценува според пасошот на авторот, туку според неговиот квалитет и способност да комуницира со луѓето.

Затоа не се доживувам ниту како „македонски уметник со светска кариера“, ниту како „светски уметник случајно роден во Македонија“. Се чувствувам како уметник од Македонија кој со својата работа се обидува достоинствено да ја претстави својата земја пред светот. Ако моите дела успеваат да го направат тоа, тогаш сметам дека сум ја исполнил својата мисија.

По сите изложби, награди и признанија што ги освоивте, што е тоа кон што сè уште се стремите како уметник?

-Искрено, не се стремам кон нови награди, туку кон подобри слики. Најголемиот предизвик за еден уметник не е да го надмине некој друг, туку самиот себе. Секоја нова слика треба да биде поискрена, подлабока и позрела од претходната.

Сè уште чувствувам дека имам многу да кажам. Имам идеи што сè уште трпеливо чекаат да созреат и дела што допрва треба да бидат создадени. Веројатно тоа е најубавото кај уметноста – никогаш не чувствувате дека сте стигнале до крајот.

Би сакал моите дела да продолжат да комуницираат со луѓето и долго откако мене нема да ме има. Ако успеам да оставам препознатлив творечки белег и неколку слики што ќе го надживеат своето време, тогаш ќе сметам дека сум ја исполнил својата мисија како уметник.

Бранка Д. НАЈДОВСКА