Вториот филм на Дина Дума со светска премиера на фестивалот „Трајбека“ во Њујорк – голем успех за Македонија
Македонскиот долгометражен филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума, поддржан од Агенцијата за филм, ќе ја има својата светска премиера на престижниот Tribeca Festival во New York City, како дел од International Narrative Competition, една од главните и најреномирани натпреварувачки селекции на фестивалот.Трajбека е основан во 2002 од Роберт де Ниро, Џејн Розентал и Крег Хаткоф за да го оживеaт Долен Менхетн по терористичките напади од 11 септември 2001.
Влезот во оваа селекција значи дека филмот е меѓу внимателно одбраните авторски остварувања од целиот свет, кои се натпреваруваат за највисоките признанија. Со оваа премиера, филмот го започнува својот меѓународен фестивалски живот на една од највлијателните сцени за современ независен филм.

„Светската премиера на филмот на Tribeca Festival претставува значаен успех за македонската кинематографија и потврда за квалитетот и автентичноста на новата генерација автори“, истакнува директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, додавајќи дека „со ова остварување продолжува успешниот пробив на македонските филмови на американската сцена, по Медена Земја и DJ Ахмет на Sundance Film Festival. Учеството на еден од најзначајните фестивали во С. Америка, покрај Sundance Film Festival и Toronto International Film Festival, го потврдува автентичниот режисерски израз на Дина Дума.“

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, во продукција на „Сестри и брат Митевски“. Филмот ја следи приказната за три генерации жени кои се соочуваат со судирот помеѓу традицијата и современите предизвици, раскажана низ перспективата на 12-годишната Адела, сместена во енергичната ромска заедница во Шуто Оризари.

„Оваа приказна ми беше важна затоа што сакав да го прикажам светот на три генерации жени кои живеат помеѓу тежината на традицијата и потребата за промена. Ме интересираше како младите денес наоѓаат свои мали простори на слобода, дури и во средини каде општествените правила се многу силни“, вели режисерката Дина Дума.

Тензијата во филмот произлегува од судирот со традиционалните вредности и општествената маргинализација, додека ликовите се борат за опстанок, достоинство и заедништво.
„Учеството на филмот на Tribeca Festival е големо признание и потврда за неговата искреност и автентичност. Како продукција, продолжуваме да создаваме филмови кои храбро ги отвораат општествените и родовите прашања и ја носат реалноста без компромис“, истакнува продуцентката Лабина Митевска.
Главните улоги ги толкуваат Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. Сценариото е на Дина Дума, во соработка со Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, директор на фотографија е Фредерик Ноaром, а продуцент е Лабина Митевска.
Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм со 24 милиони денари (околу 400.000 евра), како и од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија и Хрватска, и фондовите „Еуримаж“ (со 350.000 евра) и „Медиа“.
Директор на фотографија е Фредерик Ноиром, сценограф Вук Митевски, костимограф Матеја Фајт, шминката е на Мојца Горогранц-Петрушевска. Светската дистрибуција ја застапува француската „Кинолоџи“.
Дебито на Дума, „Сестри“, имаше светска премиера во 2021 на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, каде освои Специјална награда на жирито во програмата „Источно од Западот“, а беше и македонски кандидат за Оскар, но не влезе во прелиминарниот избор на Американската филмска академија. „Сестри“ е и првиот македонски филм кој беше достапен на најголемата светска стриминг платформа „Нетфликс“.