Премиерата на „Идеален маж“ во ХНК Загреб дочекана со долги аплаузи и одлична реакција од публиката
Со голем успех и исклучителен интерес од публиката, на 5 јуни во HNK (Hrvatsko narodno kazalište) во Загреб се одржа премиерата на претставата „Идеален маж“ според драмата на Оскар Вајлд, во режија на Александар Поповски и со музика на Кирил Џајковски.
Премиерата беше проследена со долги аплаузи и одлични реакции од публиката, која ја исполни големата сала на HNK до последно место. Претставата уште пред премиерата привлече огромно внимание и сите пет закажани изведби во текот на јуни се целосно распродадени.
Претставата доби одлични критики, па така Večernji list пишува„ Пофалби за оваа продукција, која верувам дека ќе живее на сцените на нашиот национален театар уште долго време, бидејќи освен што ќе ве насмее, оваа драма ќе ве воодушеви со својата екипа, сценографија, костими, музика, светло или, едноставно кажано, со сите нејзини делови.“, додека 24sata.hr напиша дека „ Режисерот Александар Поповски донесе модерно, хумористично и многу проникливо читање на една од најпознатите драми на Оскар Вајлд. Не штедеа зборови ниту хрватски Telegram, ниту Jutarnji list каде наведоа дека претставата ја одушеви публиката и дека покажа како класиците, со квалитетна глума, можат силно да комуницираат и со денешните гледачи.

„Идеален маж“ претставува ново остварување на долгогодишната и исклучително успешна соработка меѓу Александар Поповски и Кирил Џајковски, авторски тандем кој повеќе од две децении создава значајни театарски проекти на сцените низ Европа. Нивниот препознатлив уметнички јазик уште еднаш беше потврден преку современото читање на класичното дело на Оскар Вајлд, во кое темите за моќта, моралот и општественото лицемерие добиваат силна актуелност.