Врачена наградата за „Роман на годината“ на Оливера Ќорвезироска (фото)
Свеченото врачување на наградата „Славко Јаневски“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности вечерва во ДПМ се одржа по 27 пат, а генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје
Романот „Три Марии“ на писателката Оливера Ќорвезироска во издание на „Арс Либрис“ е добитникот на наградата „Роман на годината“ за 2025 година која ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности, „Славко Јаневски“. Покрај плакета и статуетка, Ќорвезироска доби и парична награда од 150 илјади денари, кои ги доделува генералниот покровител Комерцијална банка АД Скопје, веќе деветта година по ред.

Свеченото врачување на наградата „Славко Јаневски“ , вечерва, во ДПМ , се одржа по 27 пат, во свечен, јубилеен амбиент, на музика на диџеј Шурбе.

„Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, е мајсторски напишан роман, во кој секој лик е внимателно изграден и секој детаљ има важно место во мозаикот на приказната. Во трите приказни од кои е составен романот има по една Марија како главен лик, а лајтмотивот што се протега низ книгата е топосот на станот во кој се поврзуваат отсечките на животите на протагонистките. Сите три приказни започнуваат со вртоглава брзина, од смртта на Марија Пребирлиева, преку потрагата по стан на Марија Зара, до драматичниот повторлив сон на Марија Деспотовска Солев. Потоа, преку ретроспектива, сите се враќаат назад низ времето за да ја доведат протагонистката до критичниот момент во животот““, се вели, меѓу другото, во образложението на жирито, кое вечерва го прочита нејзиниот претседател, Калина Малеска (писателка и минатогодишна лауреатка), во кое членуваа и Иван Антоновски, Ивана Трајановска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата „Славко Јаневски“). Жирито, со тајно гласање, по пет состаноци, со мнозинство гласови го избраа романот, во конкуренција на 46 романи.

„Јас не знам како ѝприлега моето име на низата на досегашни добитници, не знам дали ја добив наградата прерано, предоцна или на време… Не знам што ќе станеше доколку се случеше поинаку и со друг редослед. Не знам дали досега ќе имав само еден или десет романи ако ја добиев наградата за првиот напишан роман за возрасни… Она што знам е дека моите три романи за возрасни со кои досега учествував за Роман на годината се малубројни во однос на моите останати книги. Тоа значи дека и самата сум жанровски номад. (Или мигрант.) Со првиот роман се приближив кон врвот, со вториот – не ми успеа да излезам од средината на листата, со третиот – еве ме во низата на добитниците. Исто така знам и дека сега, по добивањето на наградата, нема да пишувам позабрзано, ниту само романи, туку ќе си продолжам со својот вообичаен творечки ритам. Книгата на којашто работам во мигот не е роман, по неа веројатно ќе биде роман, по романот… којзнае… најверојатно раскази, моето книжевно „дома“, мојот венчален жанр.

Наградите доаѓаат или не доаѓаат. И кога ќе дојдат, тие си заминуваат. Она што останува се добрите книги, а тие преживуваат и без награди, за разлика од наградите коишто не можат да преживеат без добри книги. Секако дека се радувам за наградата Роман на годината, но и покрај радоста, ниту миг не престанувам да размислувам, да се преиспитувам и да се надевам дека „Три Марии“ е добар роман“, рече, меѓу другото, вечерва, во своето инспиративно обраќање, лауреатката Ќорвезироска.

Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година, од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.
Оливера Ќорвезироска (1965, Куманово) живее и работи во Скопје како уредник. Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Наградата „Стале Попов“ по втор пат ѝ беше врачена годинава и тоа за романот „Три Марии“, кој е нејзин трет роман за возрасни. За истиот роман, Оливера го доби и Рациновото признание. Оливера Ќорвезироска е член на ДПМ и на Македонскиот ПЕН –центар. (Л.С.)


