Нумизматичка збирка и инклузивна модна ревија : Археолошкиот музеј го одбележа Светскиот ден на музеите


Бројни гости од сите сфери на живеење, синоќа, во Националниот археолошкиот музеј на Македонија, присуствуваа на редок културен настан со кој се одбележа Меѓународниот ден на музеите –  свечено отворање на Нумизматичката збирка, и на инклузивна модна ревија „Модата низ минатото“. Гостите ги поздрави Росана Јанков, лице за односи со јавност и маркетинг при Музејот, а им се обрати директорката на Археолошкиот музеј , Магдалена Манаскова.

Нумизматичката збирка опфаќа повеќе од 31.000 примероци на монети ковани од злато, сребро и бронза, пронајдени како поединечни наоди или во остави, откриени на различни локалитети низ целата држава.

Во постојаната нумизматичка поставка изложени се околу 2.500 монети, кои датираат од почетоците на монетоковањето на овие простори, од VI век пр.н.е., па сè до XIX век.

Во поставката се претставени монети откриени преку археолошки истражувања од целата територија на државата.

Меѓу позначајните наоди се издвојуваат: оставата со тетрадрахми од Прилепец, Прилеп од III век пр.н.е.; оставата со тетрадрахми од Првата македонска област од Богданци, датирана околу 120–100 г. пр.н.е.; оставите со римски републикански денари од Глишиќ, Кавадарци и Пирава, Валандово од I век; како и оставата со антонинијани од Римскиот форум во Стоби од III век.

Од средновековниот период особено значајни се: депото со византиски солиди и тремизи од Секулица, Кратово од VI век; оставата со солиди и хистаменони од Виничко Кале, Виница од X век; депото со никејски хиперпирони и венецијански грошеви од Скопско Кале од XIII век; депото со српски денари од Кривогаштани, Прилеп од XIV век; како и оставата со османлиски монети од Орта Џамија, Струмица од XVII век.

Проектот „Модата низ минатото“ се реализираше во организација на Националниот археолошки музеј, во соработка со Модниот институт „Изет Цури“, професорот Никола Ефтимов и млади студенти кои активно учествуваа во процесот на изработка на моделите.

Во рамки на проектот беа изработени 12 костими, преку кои посетителите симболично патуваат низ различни историски периоди согледани низ призмата на модата. Костимите беа поделени во четири временски целини: праисторија, антика, византиски и отомански период.

Целта на проектот е преку реконструкции на историски костими да се доближи модниот стил и начинот на облекување на луѓето во минатото.

На настанот беа вклучени и здруженија за поддршка на лица со попреченост, со што симболично се заокружи  овогодишната тема на Меѓународниот ден на музеите – „Музеите обединуваат поделен свет“.