Драмски со јубилејна 50. изведба на „Кармен“
Во рамки на одбележувањето на јубилејот 80 години Драмски театар Скопје, вечерва со почеток во 20 часот на малата сцена, ќе биде изведена јубилејната 50. изведба на монодрамата „Кармен“ на Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, работена според романот „Пет часа со Марио“ од еден од најзначајните шпански автори на XX век, Мигел Делибес, во драматизација и режија на Дејан Пројковски.
Претставата, која од премиерата во мај 2021 година остави силен белег во современата македонска театарска продукција, низ годините изгради исклучителен сценски живот и стана една од претставите на Драмски со најбројни гостувања во странство. „Кармен“ беше изведена на театарски фестивали и сцени во Бугарија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Молдавија, Грузија, Турција и во Јужна Кореја, потврдувајќи ја својата уметничка зрелост и универзалност пред различни публики и културни контексти.
Во центарот на „Кармен“ е жена која, во текот на една долга ноќ покрај телото на својот починат сопруг, ја отвора целата мапа на својот живот – бракот, разочарувањата, стравовите, потиснатите желби, класните предрасуди, лицемерието, религиозните догми и општествените норми што со години ја обликувале. Нејзиниот монолог постепено се претвора во брутално искрена исповед за еден брак, но и за едно време во кое љубовта, моралот, политиката и општествените улоги постојано се судираат.
Мигел Делибес (1920–2010), член на Кралската шпанска академија и добитник на највисоките шпански книжевни признанија, меѓу кои наградите: „Надал“, „Принцот од Астуријас“ и „Сервантес“, се смета за еден од најважните европски писатели на минатиот век. Неговото ремек-дело „Пет часа со Марио“, објавено во 1966 година, претставува едно од најзначајните дела на шпанскиот социјален реализам и роман што и денес фасцинира со својата психолошка длабочина и општествена прецизност.
Монодрамата на Биљана Драгиќевиќ-Пројковска е актерска партитура со исклучителна емотивна прецизност и сценска концентрација, во која Кармен не е само лик, туку жив организам составен од контрадикции, ранливост, суровост, љубов, страв и потреба да биде слушната. За оваа улога, Драгиќевиќ-Пројковска ја доби наградата за најдобар актер на Интернационалниот фестивал на монодрамата во Битола во 2021 година, како и наградата за најдобра актерка на фестивалот „Македонско културно лето“ во Пустец, Република Албанија во 2022 година. На истиот фестивал, Дејан Пројковски беше награден за најдобра режија, а „Кармен“ беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот.
Креативниот тим на претставата го сочинуваат: Дејан Пројковски – режија и драматизација, Ненад Велковски – превод, Валентин Светозарев – сценограф, Раде Василев – костимограф, Горан Трајкоски – композитор, Олга Панго – сценски движења, Елена Бојаџиева – фотографии и дизајн на плакатот, Гоце Бојчев – инспициент, Митко Ризов – мајстор на светло и Саше Георгиев – мајстор на тон.
Претставата трае 85 минути и се изведува без пауза, а публиката може да ја погледне на редовниот репертоар на Драмски театар Скопје.