Промоција на „Репертоарски калеидоскоп“ од Тодор Кузманов во Драмски
„Ретки се авторите што со знаење и со долгогодишна истрајност го следат, го бележат и го анализираат театарскиот живот во Македонија“
Промоцијата на книгата „Репертоарски калеидоскоп“ на истакнатиот театарски критичар и публицист Тодор Кузманов ќе се одржи на 21 мај (четврток) во 12 часот во малата сала на Драмски театар Скопје.
Станува збор за значајно издание кое преку аналитички осврти, критички текстови и театарски записи отвора важни прашања за современиот театар, неговиот развој, естетика и општествено значење. Книгата претставува драгоцен придонес за театарската уметност и културната јавност, како и сведоштво за долгогодишната посветеност на авторот кон театарската критика.
Промотор на „Репертоарски калеидоскоп“ на авторот Тодор Кузманов ќе биде проф. д-р Иван Додовски кој во предговорот на книгата вели: „Ретки се авторите што со знаење и со долгогодишна истрајност го следат, го бележат и го анализираат театарскиот живот во Македонија. Меѓу тие ретки имиња е она на Тодор Кузманов, еминентен театарски критичар, публицист и есеист, кој работи неуморно, повеќе од четири децении на полето на критиката и театарската мисла во Македонија. Тој е автор на повеќе од илјада театрографски единици -критики, осврти, рецензии, статии, есеи, анализи, интервјуа, новинарски известувања, како и на неколку значајни монографии и книги без кои не може да се замисли истражувањето на историјата на драмата и на театарот на Македонија“.