„Као какао“ ќе го затвори „Охридско лето“ : Втор прес за првиот македонски мјузикл на музиката на Влатко Стефановски
Оригиналниот македонски мјузикл „Као какао“ ќе биде премиерно изведен на 2 и 3 јуни во Македонскиот народен театар, во 20.30 часот. Репризите се закажани на 11 и 12 јуни.
Станува збор за мјузикл инспириран од музиката на Влатко Стефановски. Текстот е на Венко Андоновски, режијата на Дејан Пројковски, кореографија – Олга Панго, аранжмани – Бобан Мирковски, продуцент – „Баги комуникации“, копродуцент – Македонскиот народен театар.
Режисерот Пројковски , денес, на втората прес-конференција во МНТ, рече дека мјузиклот го сочинуваат неколку адути и интересни работи – од музиката на Стефановски до текстот на Андоновски.
– Од друга страна, актерската екипа што беше избрана на подолг процес на кастинг, речиси два месеци. Се работи за спој на докажани актерски имиња и нови млади ѕвезди. Она што е интересно за мене е тоа што мјузиклот зборува за старото Скопје, за духот на старото Скопје, за тоа Скопје што на сите нам ни недостига. Зборува за вредности, кои се составен дел од нашиот живот, што понекогаш ги подзабораваме. Што значи љубовта, што значи среќата, што значи вербата во себе – појасни Пројковски.
Вербата на еден млад човек, додаде Пројковски, дека она што го работи може да биде важно.
– Односно, би рекол приказната зборува за млади луѓе што имаат свои соништа, но се доволно млади и храбри за да ги исполнат своите соништа – додаде тој.
Она што го радува, како што истакна, е што веќе имаат покани од „Будва град театар“ да затворат фестивал кон крајот на август, мјузиклот, како што е најавено, и ќе го затвори Охридско лето. Од есен имало најави и за големи турнеи во регионот.

Стефановски пред присутните рече дека особена чест му е што ја има неговата музика и оти со мјузиклот се продолжува животот на неговите песни.
Тој рече дека е воодушевен од пробата и очекува спектакуларна премиера.
– Голема енергија е во прашање, собрана заедно – додаде Стефановски.
Тој беше прашан за која песна му е жал што не е во мјузиклот. Стефановски одговори дека не знае колку песни точно се избрани, но смета оти најголемите хитови ќе бидат внатре.
Панго изминатиот период го опиша како многу возбудлив, забавен и креативен. Таа им се заблагодари на актерите за кои имаше само пофални зборови.
– Се надевам ќе се радувате на 2 јуни – порача Панго.
Мирковски истакна дека верува оти создаваат еден производ што ќе живее долго.
Актерката Катерина Јовановиќ рече дека за неа, ова е остварување на еден сон – да биде дел од толку голем проект. Таа нагласи дека неизмерно благодарна е за целата екипа, за нивната несебична поддршка. Јовановиќ изрази надеж дека ова ќе биде нешто што ќе се памети цел живот.
Актерот Владимир Петровиќ рече дека е сигурен оти на крајот ќе се добие еден продукт, на кој сите ќе се гордеат.
Актерката Тања Кочовска, меѓу другото, рече дека покрај сите прекрасни актери, кои танцуваат и пеат – успехот ќе биде неминовен. Кочовска изрази благодарност до сите што биле дел од проектот.
Мјузиклот е во времетраење од речиси два часа.
Во мјузиклот играат: Владимир Петровиќ, Катерина Јовановиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Јордан Симонов, Антонио Ташковски, Дениз Абдула, Јована Миладинова, Тања Кочовска, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Анастасија Трајковска, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Леонида Гулевска, Ѓорге Нешковиќ, Анастасија Митровска.