Изложба и панел дискусија за Исар – Марвинци во македонскиот КИЦ во Истанбул


Археолошкиот музеј на Македонија во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул, по повод Меѓународниот ден на музеите, организираат изложба, како и панел дискусија посветени на археолошкиот локалитет Исар – Марвинци, еден од најзначајните археолошки локалитети во Македонија и поширокиот балкански простор.

Настанот што денеска ќе се одржи во просториите на Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул претставува ретка можност турската публика поблиску да се запознае со богатото културно и археолошко наследство на Македонија.

Исар – Марвинци, локалитет сместен во близина на Валандово, претставува простор на континуиран живот од VII век пред нашата ера до VI век од нашата ера. Низ вековите овој простор бил важна комуникациска, трговска и воена точка каде се вкрстувале различни цивилизации и културни влијанија.

Преку изложените фотографии, археолошки наоди и визуелни материјали, посетителите ќе имаат можност да ја проследат историјата на локалитетот – од железното време, преку античкиот и римскиот период, па сè до доцната антика. Посебен акцент ќе биде ставен на значењето на локалитетот во рамките на античките комуникации на Балканот, неговиот урбан развој, богатите некрополи, како и наодите кои денес претставуваат дел од најрепрезентативните археолошки поставки во Македонија.

Во рамките на настанот ќе се одржи и панел дискусија посветена на историското и археолошкото значење на Исар – Марвинци, како и неговото место во современите истражувања на античка Македонија и Балканот. Гости на настанот ќе бидат видни македонски археолози и истражувачи на локалитетот од Археолошкиот музеј на Македонија, кои преку свои излагања ќе ги претстават најновите сознанија и резултати од долгогодишните истражувања на локалитетот.