Костимот го соблекува човекот: Интервју со Марија Пупучевска, костимограф

Мјузиклот „Као какао“ за мене е предизвик. Ме инспирираат режисери и уметници  кои создаваат силна визуелна атмосфера, како и модни креатори што умеат да ги спојат драматичноста, елеганцијата, современото и историското во една целина, вели Пупучевска во интервју за „Независен“


Театарот за мене има посебна сила, бидејќи ми овозможува поголема креативна слобода, вели Марија Пупучевска (Фото: Б. Грданоски)

 

Кога ликот оживува преку ткаенина, боја и детаљ – зад таа магија често стои костимографката Марија Пупучевска (1965, Битола). Со префинета естетика и впечатливи креации кои често се граничат со висока мода, таа успешно ја претставува македонската костимографија и дома и во странство.

Нејзините костими не се само облека – тие се карактер, атмосфера и приказна. Тие се еден од неизбежните елементи на едно сценско дело кој извонредно многу говори не само за времето на одвивање на дејствието туку уште повеќе за карактерите на личностите во него. Костимот ја „разголува“ личноста, но тоа „соблекување“, како што вели таа, кај неа е „облекување“ и обратно. Актуелна е како костимографка на првиот македонски мјузикл „Као какао“ на музиката на Влатко Стефановски, чија премиера е закажана за 2 и 3 јуни во МНТ. 

Пупучевска дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, на Одделот за текстил и текстилно инженерство со дизајн. Магистрирала на Новиот бугарски универзитет – специјалност: сценски дизајн и медиум. До пред две години беше раководителка на секторот за костимирање во Националната опера и балет на Македонија цели 23 години. Авторка е на костимографии за над 100 драмски, над 25 оперски, и над 10 балетски проекти, како и за филмот „Мируш“ на режисерот Мариус Холст. Како сценографка е потписничка на два драмски проекта „Елка кај Иванови“ и „Излез“.

Фото: Б. Грданоски

Како почна Вашата приказна со костимографијата?

Мојата приказна  започна уште во детството, преку љубовта кон цртањето, модата и театарот. Отсекогаш ме фасцинирале сценските костими кои не само што ја раскажуват приказната, туку и го откриваат карактерот на ликот и ја надополнуваат магијата на сцената. Со текот на времето, таа љубов прерасна во професија и начин преку кој креативно се изразувам.

 

Што Ве привлече повеќе – театарот или филмот?

Театарот ме привлекува поради живата енергија и непосредниот контакт со сцената и актерите. Филмот, од  друга страна, ми е интересен поради можноста камерата да ги забележи и најситните  детали. Сепак театарот за мене има посебна сила, бидејќи ми овозможува поголема креативна слобода и простор за личен костимографски израз.

 

Кои автори, режисери или уметници најмногу влијаеле на Вашиот стил?

Мојот стил е инспириран од различни уметници, режисери и визуелни естетики – од класичната, ренесансна уметност, до современиот театар и високата мода. Во периодот кога се оформував како костимограф големо влијание врз мене имаше професорот Владимир Милчин, од кого научив како се чита, истражува и анализира еден драмски текст, а потоа тој процес да се преточи во визуелен сценски јазик – костимографија.

Ме инспирираат режисери и уметници  кои создаваат силна визуелна атмосфера, како и модни креатори што умеат да ги спојат драматичноста, елеганцијата, современото и историското во една целина. Особено ме привлекуваат текстурите, патините, историските детали и современите форми, комбинирани во препознатлива сценска естетика.

 

Дали имате проект што ви бил пресвртница во кариерата?

Како една од најзначајните пресвртници во мојата кариерата би го го издвоила мојот прв оперски проект „Турандот“ од Пучини во режија на Кузман Попов, реализиран 2002 година. Секој проект носи ново искуство, но има претстави кои ми овозможиле поголема креативна слобода. Тој проект за мене претставуваше голем професионален предизвик и драгоцено искуство, преку кое уште повеќе ја почувствував моќта  на сценскиот визуелен израз. Особено ми значат проекти во кои сум имала можност да соработувам со силен професионален тим, каде идеите заеднички прераснуваат во сценска магија.

 

Од каде започнува создавањето на еден костим?

Создавањето на еден костим започнува со читањето и анализата на драмскиот текст. Најпрво се  истражува ликот, неговиот карактер, времето и атмосферата на делото, а потоа се раѓа идејата што се претвара во скица. Следува изборот  на материјали и процесот на изработка, преку кои  се создава визуелниот идентитет на ликот. За мене  костимот не е само облека, туку важен дел од сценската приказна и емоција.

Создавањето на еден костим започнува со читањето и анализата на драмскиот текст (Фото: Б. Грданоски)

Колку текстот влијае врз визуелниот идентитет нас ликовите? Како изгледа соработката со режисер и актер?

Текстот има огромно влијание вр визуелниот идентитет на ликот бидејки од него произлегува карактерот, емоциите и енергијата на сцената. Костимот ја надополнува и поддржува приказната, му помага на актерот полесно да влезе во ликот и да го прикаже неговиот внатрешен свет. Соработката со режисерот е многу важна, бидејки заедно го градиме визуелниот и сценскиот јазик – сценската магија на претстават. Со актерите преку проби и разговори се трудиме костимот да  биде не само естетски впечатлив туку и удобен,  функционален, сценски убедлив.

 

Колку истражување правите пред да почнете со дизајн?

Пред секој дизајн правам детално истражување кое е еден од најважните делови од процесот. Во зависност од проектот, истражувам историски периоди, модни сулуети, материјали, фотографии, уметност и културен контекст. Понекогаш инспирација доаѓа од музика, архитектура, современа мода. Колку подлабоко е истражувањето и анализирањето, толку е посилен и поавтентичен визуелниот резултат.

 

Која е најголемата разлика меѓу костим за сцена и костим за камера?

Сценскиот костим треба да биде повпечатлив и поизразен бидејки публиката го гледа од далечина и силуетата мора да се чита. Кај филмот и камерата, деталите се многу поважни затоа што камерата забележува текстура, шев и материјал. Во театар се работи со енергија и форма, а во филмот со суптилност и реалност.

 

Колку боите и материјалите носат психологија на ликот?

Боите и материјалите имаат големо психолошко влијание, бидеќи преку нив се откриваат емоциите, карактерот, внатрешниот свет на ликот и зборуваат за ликот уште пред тој да проговори. Тие му даваат дополнителна длабочина и визуелна препознатливост на сцената.

Боите и материјалите имаат големо психолошко влијание (Фото: Б. Грданоски)

Може ли костимот да раскаже приказна и без зборови?

Апсолутно. Костимот е визуелен јазик кои може да открие време, статус, емоција, внатрешна состојба на ликот без ниту еден збор. За мене тоа е една од најубавите работи во костимографијата – способност преку форма, боја и текстура да се создаде  цела приказна.

 

Дали публиката доволно ја забележува улогата на костимографот кај нас?

Мислам дека публиката сѐ повеќе ја препознава важноста на костимографијата, иако често костимот се доживува како дел од целината, а не како посебна уметност.

 

Колку вашата личност се гледа во вашата работа?

Многу. Секој автор несвесно остава дел од себе во својата работа. Публиката тоа го гледа и оценува.

 

Што сѐ може еден костим да открие за човекот?

Костимот/облеката може да открие  многу -карактер, статус, емоција, начин на живот, внатрешна состојба на човекот. Костимот го соблекува човекот.

 

Дали талентот е поважен од дисциплината?

Талентот е важен како почетна искра, но без дисциплина не може да се изгради долгорочна кариера. Во уметноста се потребни многу работи, како и во многу други професии – истражување, трпение и посветеност.

 

Како да се преживее и остане креативен во уметничка професија?

Најважно е човек да не ја изгуби љубопитноста и љубовта кон тоа што го работи. Уметничката професија знае да биде тешка и непредвидлива но токму новите проекти, луѓе  постојано носат  нова инспирација. Мислам  дека е важно  да се остане отворен кон различни влијанија, но и да се зачува сопствениот сензибилитет.

 

Актуелни сте со премиерата на првиот македонски мјузикл „Као какао“ на музиката на Влатко Стефановски. Од што се водевте во создавањето креации и што ви беше најголемиот предизвик?

Во создавање на костимите се водев од емоцијата, ритамот и атмосферата што ја носи музиката на Влатко Стефановски и текстот на Венко Андоновски. Цел ми е преку костимот да се создаде современ, сценски впечатлив  визуелен свет. Најголем предизвик ми беше да се пронајде баланс помеѓу современиот сценски израз, автентичната енергија и дух што го носи самиот проект.