„Волстрит журнал“: Саботажата на Северен тек беше одобрена од највисокото украинско раководство, вклучително и Зеленски


Саботажата на рускиот гасовод Северен тек 2022 во Балтичкото Море беше одобрена од највисоко ниво во Киев, вклучувајќи го на прво место претседателот Володимир Зеленски, објави денеска Волстрит журнал.

Според американскиот весник, кој се базира на украински воени извори, нападот со експлозив во морето бил извршен под надзор на тогашниот врховен командант на украинската армија Валери Залужни и покрај тоа што Зеленски во меѓувреме се предомислил и побарал да се прекине планот.

Извештајот е објавен еден ден откако беа објавени резултатите од германската истрага за инцидентот, кои укажуваа на Украина, а откако неодамна беше издаден налог за апсење на професионален нуркач од таа земја.

Идејата за саботажа се појави во мај 2022 година на состанок на офицери, високи офицери и шефови на украински компании, три месеци по почетокот на руската инвазија на Украина, според Волстрит журнал.

Шест лица вклучени во операцијата

Според весникот, шест лица биле директно вклучени во операцијата која чинела речиси 300.000 американски долари, која целосно била финансирана од приватни пари.

„Украинскиот претседател Володимир Зеленски првично го одобри планот, според еден функционер кој бил присутен на тој состанок и три лица кои знаеле за тоа“, објави WSJ.

„Но, подоцна, кога ЦИА дозна за тоа и побара да го спречи, тој нареди да престане“, додава весникот.

Сепак, Валериј Залужни ја игнорираше таа наредба и неговиот тим го промени првичниот план, според Волстрит журнал.