Војниците на Националната гарда на САД во Вашингтон ќе носат оружје – Трамп ги најавува и во други градови


Војниците на Националната гарда на САД кои патролираат по улиците на Вашингтон, во акцијата на претседателот Доналд Трамп против криминалот, ќе почнат да носат оружје во недела навечер.

Стотици невооружени војници на Националната гарда се на улиците на Вашингтон во последните две недели откако Трамп прогласи вонредна состојба поради криминалот во округот. Министерот за одбрана Пит Хегсет минатата недела ги овласти војниците да носат оружје.
Заедничката работна група на гардата во писмена изјава во неделата изјави дека нивниот персонал ќе употреби сила само„како последно средство и исклучиво како одговор на непосредна закана од смрт или сериозни телесни повреди.

Во меѓувреме, Трамп изјави дека веројатно ќе ја прошири својата акција против криминалот во Чикаго, интервенирајќи во друг град управуван од демократите. А во неделата тој ја предложи можноста за распоредување војници во Балтимор, Мериленд.

Лидерот на демократското малцинство во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис, во неделата изјави дека Трамп немал овластување да распореди трупи во Чикаго.

Еден функционер рече дека плановите се дел од напорите на војската да ги предвиди сите барања од Трамп и истакна дека високите претставници на Пентагон сè уште не се информирани за нив. Не е невообичаено Пентагон да планира потенцијални распоредувања пред да се дадат формални наредби.

Џефрис рече дека секој потег за распоредување трупи во Чикаго е обид на Трамп да создаде криза. Криминалот, вклучително и убиствата, се намали во Чикаго во последната година.
„Нема основа, нема овластување Доналд Трамп потенцијално да се обиде да испрати федерални трупи во градот Чикаго“, изјави Џефрис на Си-ен-ен во неделата.

Упатувајќи критики кон демократскиот гувернер Вес Мур за нивото на криминал во Балтимор, Трамп рече дека е подготвен и таму да распореди војници.

Во јули, полициската управа на Балтимор соопшти дека има двоцифрено намалување на насилството со оружје во споредба со претходната година. Градот досега има 84 убиства оваа година – најмалку за повеќе од 50 години, според градоначалникот.

„Ако на Вес Мур му треба помош ќе ги испратам војниците, како што се прави во блискиот Вашингтон и брзо ќе го исчистам криминалот“, рече Трамп во неделата на Truth Social.