Во Загреб се случи „Дијалог преку бојата“ меѓу современи уметници од Македонија и Хрватска


Во Македонскиот Културно-информативен центар во Загреб синоќа свечено беше отворена изложбата „Дијалог преку бојата“, која обединува осум современи уметници од Македонија и Хрватска во заеднички уметнички проект, соопштуваат од Центарот.

Изложбата ја отворила директорката на македонскиот КИЦ, Мими Ѓоргоска Илиевска која нагласила дека, „проектот „Дијалог преку бојата“ ја истакнува важноста на заедничкото претставување како креативен чин со кој што ќе се продлабочи соработката меѓу македонските и хрватските уметници и ќе поттикне нови проекти преку кои ќе се претстават културните вредности на двете земји.

Средбата на четири македонски и четири хрватски врвни и меѓународно признати ликовни уметници создава платформа за размена на идеи, каде боите стануваат јазик кој ги надминува зборовите. 

 

-Македонските автори – Сергеј Андреевски, Решат Ахмети,Тања Балаќ и Башким Меџити – носат ликовно богатство, од апстрактни форми до портрети на секојдневниот живот, одразувајќи длабоки традиции и модерни промени. Од друга страна, хрватските уметници Томислав Бунтак, Федор Фишер, Данко Фришќиќ и Матко Векиќ се истакнуваат преку разновидни стилови: од пејзажи и фигуративни композиции до експериментални техники, инспирирани од медитеранското светло и урбаните прикази. Изложбата нуди богат и разновиден ликовен израз преку кој што се потврдува уметноста како универзален јазик што ги поврзува културите и отвора простор за дијалог и меѓусебно разбирање, велат од КИЦ Загреб.

Во присуство на бројни гости, претставници на локалната и државната власт, дипломатскиот кор, претставници на културни институции и љубители на уметноста, настанот поминал во духот на заедништво и размена на идеи. Присутните гости ги поздравил и амбасадорот на Македонија во Хрватска, Драган Ѓурчевски со што дополнително било нагласено значењето на културната соработка и меѓудржавниот дијалог преку уметноста.

Македонскиот КИЦ во Загреб, велат оттаму, и со овој настан уште еднаш ја потврдил својата улога како простор за средби, дијалог и културна размена меѓу македонската и хрватската култура, како и поширокиот европски културен простор.

Групната изложба „Дијалог преку боја“ е дел од сопствената годишна програма на македонскиот КИЦ во Загреб, поддржана од македонското Министерството за култура и туризам.