Во Кремљ победи „партијата на војната“

Успешната контраофанзива на Украина и изолацијата на Путин на самитот во Узбекистан придонесоа милитаристичкото крило да ја однесе превласта


 

Проруските власти на самопрогласените народни републики на Донецк и Луганск (ДПР и ЛПР), како и окупираните територии на регионите Запорожје и Херсон, набрзина и една по друга најавија дека наскоро ќе одржат „референдуми за приклучување кон Руската Федерација“. ЛПР и ДПР додаваат дека гласањето ќе се одржи оваа недела, од 23 до 27 септември.

Како се случи ваков брз развој на настаните, особено по учеството на претседателот Владимир Путин на самитот на Шангајската иницијатива во узбекистан, каде од неговата инвазија на Украина се дистанцираа и лидерите на Индија и Кина, Нарандра Моди и Ши Џинпинг. А денеска турскиот претседател Реџеп таип Ердоган изјави во интервју во Њујорк, каде е на Генералното собрание на ОН, дека Путин мора да ја врати целата окупирана територија, вклучувајќи го и Крим. Ердоган рече дека Крим мора да им се врати на неговите „вистински сопственици“, споменувајќи ги, меѓу другите и кримските Татари.

Веднаш по успешната контраофанзива на украинските трупи во регионот Харков, Москва одлучи да ги запре референдумите и да ги одложи на неодредено време. Независниот руски медиум „Медуза“ пишува дека според два извори блиски до Кремљ, администрацијата на Путин не сакал да притиска за одржување „референдуми“. По контраофанзивата на вооружените сили на Украина, политичките технолози од Кремљ кои работеа во регионите Харков и Запорожје заминаа во Русија, подготовките за гласање во регионот Херсон беа замрзнати, а кампањата практично воопшто не започна во ЛПР и ДПР.

Сепак, ситуацијата се промени за само неколку дена. Соговорниците на „Медуза“ сега потврдуваат дека „референдумите“ треба да се одржат оваа недела: „Постои размислување сѐ да се направи многу брзо“. Извори блиски до Кремљ нагласија дека руските власти немаат ни намера да создадат „илузија на легитимитет“: „Ќе биде важно да се одржи некакво гласање и да се извести за резултатот“. Меѓу другото, планирано е да се користи електронско гласање (што набљудувачите го сметаат за алатка која им помогна на властите да манипулираат со изборите во Руската Федерација).

Соговорниците на „Медуза“ ја припишуваат промената на плановите во лобирањето на таканаречената „воена партија“, група високи руски функционери и безбедносни функционери кои се залагаат за натамошна ескалација на конфликтот со Украина, вклучително и мобилизација во Русија (Киев веднаш се мобилизираше по почетокот на војната, сега Украина има нумеричка предност на фронтот). „Тие влијаеја [на Путин] – да тргнеме, започна итната состојба“, рече еден од соговорниците блиски до Кремљ.

Соговорниците на Медуза објаснија дека има две причини за ваквата брза одлука. Првиот е ставот на некои „цивилни“ претставници на руските власти (вклучувајќи ја и претседателската администрација), кои се загрижени за расположението на окупираните територии по контраофанзивата на вооружените сили на Украина:

Во Херсон и Запорожје постоеле сериозни стравувања кај проруските граѓани дека Украина ќе се врати и ќе ги казни. ДПР и ЛПР беа незадоволни што референдумите се одолговлекуваат. По украинската контраофанзива, овие стравови се намножија, а стравовите се појавија во ДПР и ЛПР, каде што не беа вообичаени.

Кои се главните протагонисти на оваа „воена партија“. Според независните руски медиуми двајца актери се најважни:  генералниот секретар на Единствена Русија Андреј Турчак и заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност Дмитриј Медведев. Поранешен претседател Медведев претходно во вторникот го повика Кремљ да им дозволи на сепаратистите да се приклучат на Русија.

Според изворите на „Медуза“, овие личности и нивната придружба се здружиле во обид да влијаат на Путин со некои безбедносни службеници (особено со шефот на Националната гарда, Виктор Золотов), кои се убедени дека на Русија ѝ е потребна мобилизација на граѓаните за успешна војна со Украина (ова е втора причина за итната одлука).

Во исто време, самиот Владимир Путин сакал да одржи „референдуми“ што е можно побрзо: тој нема намера да ја намали воената активност на Русија. Еден од изворите објаснил за „Медуза“ дека на неодамнешниот самит во Узбекистан, шефовите на неколку држави – меѓу нив и Ердоган и лидерот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев – наводно му рекле на Путин дека на „војната мора да се стави крај“. Рускиот претседател, според изворот, на овие предлози реагирал „многу конфликтно“.

Трите извори на „Медуза“ нагласуваат дека, според планот на Кремљ, „референдумите“ се дизајнирани да го запрат напредувањето на украинските трупи, кои наводно „нема да ризикуваат да напредуваат на руска територија“ (во истото време, пограничните региони на Руската Федерација се редовно гранатирани дури и сега). Официјален Киев веќе изјави дека претстојните гласања ги смета за „фикција“ која ништо нема да промени.

Доколку продолжи контраофанзивата, руските власти имаат намера да спроведат делумна мобилизација во Русија и да воведат воена состојба, според измените во кривичниот законик донесени денеска во Думата.Во овие „нови услови“, веројатни се реконструкции во раководството на претседателската администрација и Министерството за одбрана.

Измените на руското законодавство, вклучително и за мобилизација, беа усвоени истиот ден кога беше објавена одлуката за итно одржување „референдуми за приклучување кон Русија“ на окупираните територии. Ниту еден пратеник во Думата не се изјасни против овие амандмани.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба одговори на избрзаните повици за одржување на серија референдуми. Тој напиша на Твитер:

„Лажните ‘референдуми’ нема да сменат ништо. Нема да има ниту хибридна ‘мобилизација’. Русија беше и останува агресор кој незаконски окупира делови од украинската земја. Украина има целосно право да ги ослободи своите територии и ќе продолжи да ги ослободува што и да каже Русија“. (Н.В.)