Во Кочани хуманитарен настап на балетската група Ballet Magnificat од САД
Во Кочани вечерва ќе настапи Ballet Magnificat, професионална балетска група од градот Џексон, Мисисипи, САД, со хуманитарен концерт за помош на жртвите од пожарот во „Пулс“.
Балетската претстава што ќе биде одиграна на сцената во ЦК „Бели мугри“ претставува приказна базирана на книгата „Писмата на душевадникот“ од Карл Луис.
Ballet Magnificat го сочинуваат 15 члена. Директор на групата е Џереми Браун.
– Постоиме од 1986 година, досега имаме настапувано во 45 држави. Во Македонија сме четврти пат. Во Кочани доаѓаме првпат – изјави за МИА директорот на балетската група од Џексон, Џереми Браун.

Во краткиот разговор што го водевме тој нагласи дека се овде за да дадат свој придонес во сеопштите активности за помош и поддршка на Кочани и на настраданите во нивното заздравување.
За оваа балетска претстава на Ballet Magnificat од САД е поставена посебна подлога на сцената во кочанската Национална установа ЦК „Бели мугри“. Претставата почнува во 19 часот.
Ballet Magnificat во нашата држава ги води Здружението на граѓаните „Сакај го Кочани“. Балетската група од САД кај нас овој месец имаше два настапи со хуманитарен предзнак – на 17 април во МКЦ во Скопје и на 20 април во ЦК „Ацо Шопов“ во Штип.