Владата бара податоци увезениот мазут во последните десет години, Битиќи најавува одговорност


Владата вчера ги разгледала извештаите за увезениот мазут и индустриско масло, но дадени се насоки да се направи поопсежна анализа за последните десет години за сите компании кои увезувале во овој период.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи денеска вети дека секој кој направил пропуст или злоупотреба ќе сноси одговорност без разлика дали се работи за институција или компанија.

„За жал, во првичните анализи се опфатени само дел од компаниите кои увезувале мазут или индустриско масло во периодот од последните две години. Дадовме насоки да имаме поопсежна анализа за последните десет години за сите компании кои имаат увезено мазут или индустриско масло и во моментот кога ќе ги добиеме сите информации, бидете уверени дека секој ќе сноси одговорност за тоа што го правел, без разлика дали е тоа Царинска управа, Пазарен инспекторат, Инспекторат за животна средина, министерство или компанија која увезувала“, изјави Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на компанијата „Пејпер Мил“ во Кочани. 

За одлуките од вчерашната владина седница стана збор и на редовната на прес конференција во Владата. 

Владиниот портпарол Душко Арсовски појасни дека извештаите добиени од институциите содржат информации за почитување на одредбите од Правилникот за квалитетот на течните горива, податоци за увоз на нафтени деривати во периодот 2018-2020 година и податоци од извршените надзори од страна на инспекторатите во компаниите увозници и корисници.

„Се работи за обемна документација и по направениот пресек на информациите добиени досега Владата одлучи дека е неопходно за оредедени наоди дел од надлежните институции да достават дополнителни информации во рок од седум дена. Тоа значи дека на следната владина седница ќе се донесат соодветни заклучоци за натамошно постапување“, рече Арсовски.

На прашањето дали се откриени пропустите за увозот на спорниот мазут во земјава, Арсовски одговори дека надлежните институции добија дополнителни задолженија со кои се проширува опфатот на фирми и ќе се испитуваат, како што рече, буквално сите вклучени во овој бизнис, во сите фази – од увозот до складирањето и користењето.

„На идната владина седница треба да се разгледа сублиматот од мноштвото документи и извештаи со дополнувањата што треба да се направат деновиве и понатаму ќе има постапки за коишто ќе известиме дополнително“, рече Арсовски.  

На дополнителното прашање, зошто се пролонгира рокот за седум дена за нови информации и дали во претходните 14 дена не е откриено ништо, портпаролот одговори дека и во изминатите две седмици на терен работеле сите институции задолжени од Владата, но дека е констатирано оти е потребно проширување на опфатот на фирми.

„Затоа велиме дека во наредните денови ќе се испитува буквално секој економски субјект којшто се занимава со овој бизнис од увоз до складирање, така што откако ќе бидат собрани сите овие податоци Владата ќе има поконкретен увид и на наредната седница на Владата ќе се разговара за ова, по што ќе известиме“, одговори Арсовски.