Вистинитоста на пријавениот „кеш“ во анкетните листови – најтешка за проверка


Секој функционер и именувано лице, во рок од 30 дена од стапување на функцијата има законска обврска да поднесе анкетен лист до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Целта на поднесувањето анкетни листови е да им овозможи на антикорупционерите увид во имотот на функцинерите пред, за време и по завршување на мандатот. На овој начин, несразмерното зголемување на имотот на именуваното лице лесно може да се воочи и да поттикне отворање постапка во која треба да се докаже законитоста на новостекнатиот имот.

Во анкетниот лист функционерот треба да наведе се што поседува лично – движен и недвижен имот, како и членовите на неговото семејство со кои живее. Од сите ставки на анкетниот лист кои преку разни институции се лесно проверливи и може да се следи нивното движење, само ставката „средства во готовина“ е препуштена единствено на чесноста на подносителот.

„Можноста“ за пријавување готовина, според податоците од ДКСК ја искористиле околу два проценти (2%) или 126 од вкупно 7.376 функционери, кои поднеле анкетен лист.

Секако тоа не значи дека токму тие имаат цел да бидат коруптивни и дека намерно пријавиле готовина во анкетниот лист, но според првата антикорупционерка Билјана Ивановска, за пријавениот „кеш“ функционерите можат да дадат секакво алиби за тоа како и кога го стекнале и дека во пракса ова е многу тешко да се докаже.

– Постои ризик дека сумата што ја пријавил е точна. Значи, дали е толку, или помалку, или е повеќе, дали воопшто има „кеш“, значи, тоа е дискутабилно прашање. Ние можеме да го повикаме тој да дојде, меѓутоа се е тоа ризик. Тој може да позајми пари и да ги донесе, да рече еве, тие се парите. Значи нема тука, основа голема за верување. Се тоа е оставено на совеста на функционерите, кој како ќе каже. Меѓутоа голем ризик е, дали е точно или не, и дотолку повеќе што, да речеме тој да ги нема парите, а ги пријавува дека има кеш му остава простор во иден период да се стекне со пари на некој коруптивен начин и после да рече „да тие мене ми се пријавени пари““, вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

При пријавувањето на анкетниот лист до антикорупциската комисија, најголем дел од функционерите или именувани лица кои пријавиле „кеш“ како тип на имот навеле само готовина, но има и такви кои пријавиле заштеда во девизи, готовина во сеф или готовина во банкарски сеф.

Висината на пријавените средства е од неколку илјади денари, па до повеќе милиони денари, но има и такви кои пријавувале од 2 до 20 илјади евра, долари или франци. Од оние со „кешот“, повеќе од половина пријавиле денари, додека 12,5 проценти не навеле за каква готовина станува збор.

Секоја промена на имотот, функционерот е должен да ја пријави во ДКСК. Доколку некој функционер при стапување на функција наведе дека поседува „кеш“, кој не е евидентиран со никаков купопродажен договор, без банкарски транаскции или од должничко-доверителски односи, туку го пријавува како заштеда или пари „од грнето на дедо ми“, подоцна може да го искористи како „алиби“ за новостекнатиот имот.  Токму поради овој проблем првата антикорупционерка вели дека е неопходна законска измена, односно нов закон за потекло на имот. Таа предлага секој да пријави како го стекнал имотот, но и одреден лимит на готовина што може да се чува во домот.

– За ова, ние го предлагаме законот за потекло на имот, за да се докаже од каде се парите и дали тие пари се оданочени, пред се. Овие ситуации со кеш можеби може да се решат. На пример, во една институција има пропишано колку може да биде благајничкиот максимум, односно колку може институцијата да има пари во каса. Ако тоа го преточиме на едно семејство, дали може да речеме да се донесе закон дека дома не може повеќе од илјада евра да имаш пари-кеш и дека сите пари треба да одат преку банкарска сметка. Ако се сака може да се среди, изјави Ивановска.

Како единствена правна клучна контрола на системот, таа го посочува, токму законот за потекло на имот, каде што секој граѓанин ќе мора да образложи од каде му се парите.

– И тогаш, и функционерот нема да си замислува дека ќе може својот имот привремено додека е на функција да го префрла на име на некој свој близок пријател што не му е член на семејството, а по завршување на мандатот да си го врати на свое име. По завршување на мандатот, функционерот не го следиме и тој тогаш ќе може да си го врати имотот на свое име, изјави Ивановска.

Проверката на имотот на функционерите ДКСК ја прави по годишен план за работа и опфаќа мал дел од група именувани лица – градоначалници, судии, обвинители и други. Во согласност со нивните надлежности ДКСК може да побара податоци од Министерството за внатрешни работи (МВР), Управата за јавни приходи (УЈП) и други институции и така собраните податоци ќе ги спореди со пријавеното во анкетниот лист. Доколку има несразмерни зголемувања во имотот на некој функционер тогаш ДКСК само  ги проследува собраните податоци до Финансиската полиција, Основното јавно обвинителство (ОЈО), Управата за јавни приходи или Упрвата за финансиско разузнавање кои потоа треба да го истражат случајот и да одлучат дали ќе отворат постапка против тоа лице.

Од функционерите и именувани лица кои пријавиле „кеш“ во анкетниот лист, 34,9 проценти се судии и претседатели на судови, следуваат јавните обвинители и заменици јавни обвинители со 14,3 отсто, а третото место го заземаат претседателите и членовите на управните одбори (УО) и надзорните одбори (НО) со 13,5 проценти. Тројца пратеници, по двајца градоначалници, амбасадори и декани пријавиле готовина на својот анкетен лист.

До донесувањето на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, УЈП ги спроведуваше постапките за испитување на имот и имотна состојба, по што оваа надлежност премина на ДКСК.  Од разговорот со инспектори во УЈП кои работеле на ова, најчесто, предизвиците за даночниот орган настапуваат во случаите кога даночниот обврзник ќе се повика на семејна заштеда од претходен период, семејна заштеда повеќе генерации наназад (родители, дедо, прадедо),  пари дадени од родители за кои нормално не се склучени писмени договори и сл.

– Во ваквите случаи главниот предизвик е да се утврди или во „најмала рака“ да се стекне разумно уверување дека лицето и членовите на семејството можеле да ја остварат заштедата на која се повикува во постапката, што во секој случај многу е тешко правилно да се утврди фактичката состојба, затоа што недостигаат сознанија за стилот на живеење, какви трошoци имале и др., велат од УЈП.

Доколку во постапката за испитување на имотот и имотната состојба не се докаже дека имотот е стекнат или зголемен како резултат на примања што се пријавени и оданочени, даночниците носат решение за оданочување на непријавените приходи со персонален данок од 70 проценти.

Според УЈП пријавената готовина во анкетниот лист има третман на друг имот и таа не претставува предмет на оданочување „сама по себе“. Доколку за лицето се спроведува постапка за испитување на неговата имотна состојба, даночниците велат дека функционерот е должен на органот кој ја спроведува постапката да му даде образложение и докази за стекнувањето на готовината.

– Поедноставно е кога даночниот обврзник може готовината која ја пријавил во анкетниот лист да ја „оправда“ т.е да ја докаже  со писмен документ (договор, наследство и сл.), но во пракса обично не е така. И во овие случаи, приложените  докази не се земаат „здраво за готово“, односно  дополнително се цени секој доказ единечно и сите заедно како целина“, објаснуваат од УЈП.

За разлика од ДКСК, даночниот орган досега постапувал во случаи во кои лицето се повикува на некаква заштеда и пари од претходни генерации и според нив, главниот предизвик е да се утврди дали функционерот и членовите на неговото семејство можеле да ја остварат заштедата на која се повикува во постапката. Даночниците нагласуваат дека сепак е многу тешко правилно да се утврди фактичката состојба поради недостиг  од сознанија какви трошоци имале лицата кои се цел на проверка.

При пријавување готовина или „кеш“ во графата „сопственост“, од функционерите и именуваните лица 46,7 проценти навеле дека тоа им е личен имот, 27,5 дека тоа им е заеднички имот и 13,2 проценти пријавиле имот на брачен другар. Но има и такви, односно 5,4 проценти, кои кешот го пријавиле како имот на родителите, а 4,8 отсто дека е во сопственост на нивните деца. Само тројца не навеле чија сопственост е готовината која ја пријавиле.

За справување со коруптивното однесување и тргувањето со интереси не е доволна само политичка одговорност, односно разрешување од функција, туку задолжително мора да следи и кривична одговорност, вели професорката по кривично-процесно право, Гордана Лажетиќ. Според неа, токму отсуството на кривична одговорност на дел од поранешните функционери кај граѓаните предизвикува чувство на изиграност, навреда на интелигенцијата и создавање впечаток дека патиштата на корупцијата се исти.

Професорката, исто како и првата антикорупционерка, смета дека проверката на готовината пријавена во анкетните листови останува енигма, односно факт што тешко се проверува и докажува без да се има увид во даночните пријави на функционерите низ годините.

– Пријавена готовина во поголем износ никако не смее да се толкува како „сомнителна“ сама по себе. Таквиот приод е опасен. Тоа што е некој богат, не значи дека се занимава со валкани бизниси, нагласува Лажетиќ.

Но сепак, таа нагласува дека на податоците наведени во анкетните листови не треба да се гледа како на  „магично решение“ за проблемот со неосновано збогатување и предупредува дека не треба да се биде наивен и да му се верува на функционерот дека тој ќе ги впише неосновано стекнатите средства и имот под свое име, или на име на некој од поблиското семејство, на банкарска сметка во нашата држава.

За разлика од заедничкиот став за недокажливоста на потеклото на готовина со Ивановска, професорката Лажетиќ не верува дека носењето закон за потекло на имот ќе го реши овој проблем.

– Јас не го делам мислењето дека треба да се донесе посебен закон за пријавување на потеклото на имотот, не затоа што не ми пречи противзаконито збогатување, напротив, туку затоа што не сум оптимист како тој процес ќе се спроведува кај нас, кој ќе биде вклучен, колку вклучените ќе бидат етични и совесни и што ќе се постигне со целиот тој процес, појаснува Лажетиќ.

Како излез од оваа состојба, професорката предлага зајакнати финансиските истраги, лоцирање на имотот во странство и негово враќање во државата и почесто изрекување проширена конфискација. За успешна финансиска истрага, пак посочува дека е неопходна мултисекторска соработка на МВР, Управата за финансиска полиција и Царинската управа, Јавното обвинителство, но и Управата за финансиско разузнавање, Агенцијата за катастар на недвижности, УЈП и Агенцијата за управување со одземен имот.

За време на изработката на оваа новинарска сторија користена е официјалната интернет-страница на Државната комисија за спречување на корупција, на која се достапни анкетните листови на функционерите. Покрај парите во готовина впечатлив беше и фактот дека поголемиот број функционери веднаш по стапувањето на функција подигаат кредит од некоја банка и купуваат имот. Дали е тоа случајно или не …

 

Овој новинарски прилог e дел од проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“. Прилогот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. За содржината се единствено одговорни авторите, Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентарот, и тој не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.