Вежбањето и физичката активност го зајакнуваат телото и во поодмината возраст


САД – Ново истражување од Харвард покажува дека физичката активност е „во човечката ДНК“, но и дека вежбањето е директно поврзано со подолг животен век. Според истражувачите, физичката активност, подоцна во животот, може да придонесе за побавно ослабување на телото.

Трудот посочува дека физичката активност подоцна во животот ја пренесува енергијата од процесите кои може да го загрозат здравјето на механизмите кои го подобруваат телото. Истражувачкиот тим ги вклучува еволуцискиот биолог Даниел Е. Либерман, главен автор на студијата, Арон Багиш и Ај-Мин Ли од Медицинскиот факултет при Харвард. Тие претпоставуваат дека луѓето еволуирале за да останат физички активни и при стареењето. Ова штити од хронични болести како што се кардиоваскуларните, дијабетес тип 2, па дури и некои видови на рак.

– Во западните општества е распространето сознанието дека како што старееме, нормално е телото да се забави, да се работи помалку и – да се пензионираме… Нашата порака е спротивна – како што старееме, станува уште поважно да останеме физички активни, рече проф. Либерман, главен автор на студијата.

Трудот покажува дека, покрај согорувањето калории, физичката активност претставува физиолошки стрес, предизвикувајќи всушност оштетувања во телото. Одговорот на телото на ова „оштетување“, сепак, е зајакнувањето. Тоа вклучува поправка на пукнатите мускулни влакна, на ‘рскавицата и заздравување на микрофрактурите. Реакцијата по вежбањето, исто така, предизвикува ослободување антиоксиданси и антиинфламаторни супстанции и го подобрува крвотокот. Во отсуство на физичка активност, овие одговори се помалку активирани.

– Клучната цел е дека сме еволуирале за да бидеме активни цел живот, па на нашите тела им е потребна физичка активност за добро да стареат. Порано секојдневната физичка активност беше неопходна за да се преживее, но денес мора да избереме да вежбаме – доброволна физичка активност поради здравјето и кондицијата, изјави Либерман.

Се покажа дека процесите на поправка на клетките и ДНК ја намалуваат опасноста од дијабетес, дебелина, рак, остеопороза, Алцхајмерова болест и депресија.