Ветингот може да почне со Јово и Катица


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Има симболика, но и доза на иронија, во тоа што разрешувањето на главниот врховен судија Јово Вангеловски се одигра токму вчера, по многу политичко-правни перипетии и речиси една и пол година откако беше поведена иницијативата за утврдување негова одговорност.

Вангеловски, кому ова му беше втор мандат на чело на највисоката судска инстанца во земјава, падна поради одлука за еден од само неколкуте затворени случаи на Специјалното јавно обвинителство кое, од друга страна, е исто така пред „разрешување“, заедно со главната специјална обвинителка Катица Јанева. Ако Јанева не биде разрешена деновиве, тогаш за само пет дена ќе заврши нејзиниот мандат, во „пакет“ со мандатот на обвинителството во кое веќе стојат спакувани „бомбите“ што своевремено одекнуваа од „Бихаќска“ чекајќи трансфер во редовното обвинителство.

Иако нивното заминување од функциите се погоди во речиси исто време, Јанева и Вангеловски имаа различни патеки во кариерата. По долгогодишен обвинителски стаж во внатрешноста, Јанева стана ѕвезда во битката за владеење на правото во земјава, откако јавноста и со свои уши се увери во масовните суспендирања на правната држава во време на претходната власт. Вангеловски, пак, и покрај долгогодишното адвокатско искуство, влезе во Врховниот суд без ден судиски стаж и набрзо потоа застана на кормилото во „палатата на правдата“. Притоа, со оглед на тогашните политички околности и замрените демократија и критичност на јавноста, не му беа пресметани како голем грев или барем како судир на интереси кумските врски со Трајко Вељаноски, кој во тоа време само што дојде на чело на парламентот. Девет години подоцна, кога во мачниот период на смена на власта во 2017 година, се случи и „камбекот“ на Вангеловски на чело на Врховен суд, не му беше пресметано како хендикеп ниту тоа што неговиот глас се слушаше во снимките од прислушуваните разговори, чија автентичност подоцна и самиот ја потврди.

И како што предметот „Труст“ на СЈО беше пресуден за Сеад Кочан да заврши во затвор, така и ослободувањето на бизнисменот од притвор, додека беше во бегство, ѝ пресуди на кариерата на Вангеловски. За кариерата на Јанева, пак, се покажа како пресуден случајот „Рекет“, на чие ехо сега се прават обиди за порамнување со нула на сè она што е дел од СЈО, почнувајќи од обвинителите и техничкиот кадар до доказите за предметите. Притоа, иронично е тоа што аферата со масовното прислушување, која ја предизвика големата политичка криза во земјава, во пакет со сите криминали и корупциски случаи што произлегоа од неа, сепак, во голема мера ги надминува размерите на тековната афера „Рекет“. Меѓу другото, и од аспект на калибарот на сите поранешни функционери што се опфатени во случаите од прислушуваните разговори. Таму, меѓу осомничените, обвинетите или осудените има поранешен премиер, ексдиректор на УБК, лидери на партии и бивши министри…, кои во времето на формирање на СЈО беа актуелни, како што и Јанева сè уште е на чело на СЈО, и покрај тоа што е третоосомничена за „Рекет“. И како што овој случај мора да биде до крај истражен и затворен, така мора да бидат затворени и предметите што се изродија од „бомбите“. Притоа треба да се има предвид дека СЈО не беше формирано за Јанева да стане специјална обвинителка, туку да придонесе за справување со политичката криза во земјава која избувна поради суспендирањето на правната држава во време на претходната власт и поради сите фалинки во тогашното функционирање на редовното обвинителство и на судството, за што, меѓу другото, се потврда и гласовите на Вангеловски и на други судии во „бомбите“, но и опструкциите со кои се соочуваше СЈО во судовите при процесирањето на предметите. Во тој дел, не треба да се заборави ниту начелното правно мислење со кое Врховниот суд, практично, му ги врза рацете на СЈО или, метафорично кажано, Вангеловски ѝ стави лисици на Јанева – уште пред да се случи нејзиното вистинско притворање за „Рекет“.

Всушност, како што Јанева не е СЈО, ниту Врховниот суд не е Вангеловски. По неговото разрешување нема да бидат фрлени во контејнер сите тековни предмети во највисокиот суд во земјата, ниту сите врховни судии ќе бидат преместени во пониските судови. Врховен нема да згасне со заминувањето на Вангеловски од кормилото, како што и СЈО не смее да згасне на сличен начин како што беше формирано – со политички договор меѓу четирите најголеми партии. Всушност, од СЈО може да исчезне придавката „специјално“, ама тоа не значи дека треба да бидат пуштени низ Вардар – до Гевгелија и сите обвинители што досега ги водеа предметите и сите случаи – независно од тоа во која фаза од постапката се моментно.

Опозицијата, пак, која сега го користи „Рекет“ како нова шанса да го отстрани „обвинителството на Катица“ од мапата на институции – заедно со предметите (барем оние што беа отворени по јуни 2017 година), можеби не е свесна дека не само што е контрадикторно, туку е и провидно кога, од една страна, секојдневно бара одговорност за аферата која подолго од два месеци ја тресе и владата во земјава, а од друга страна бара начин, по секоја цена, да ги спаси од одговорност своите претходници на високи државни функции.

Што се однесува, пак, до Вангеловски и Јанева, од нив може да почне ветингот во судството и во обвинителството. Затоа што и „бомбите“ и сега „Рекет“ укажаа дека во правосудството е неопходен ремонт, кога веќе е невозможен генерален реизбор. И ако навистина се реализира таа проверка, тогаш нема да биде изненадување ако процесот достигне размери како во Албанија. Таму, за потребите на ветингот, допрва се формира институција налик на македонското СЈО, додека само два-тројца врховни судии останаа на функциите, односно излегоа без петна од проверките за потекло на имот, врски со политичките и бизнис-центри и за стручност и компетентност.