Ветинг и за политичарите


ЉУПЧО ПОПОВСКИ

Од некаква морална супериорност, политичарите најавуваат дека ветингот во МВР само што не започнал. Дека со него ќе почнело институционалното прочистување на полицијата, што ќе довело до повисока професионализација. Можеби ќе биде така, но самото спроведување на ветингот не е никаква гаранција дека полицијата ќе биде и попрофесионална, и поодговорна, и помалку склона на грешки. Како што не е никаква гаранција дека големите плати за судиите ќе ја намалат или ќе ја редуцираат корупцијата. Или дека ќе бидат поодговорни во процесите и во закажувањата на рочиштата. Големо прашање е дали и со плата од 10.000 евра месечно работата на судиите и обвинителите ќе се подобри.

Исто толку големо прашање е дали политичарите можат со поголема моќ да ја подобрат својата работа. Тие се избираат на избори и, се разбира, не можат да подлежат на ветинг. Но општеството на некој начин може да го направи ветингот за нив и со тоа да им сугерира на партиските лидери како да ги прочистат нивните редови. Оливер Спасовски, на пример, вели дека комисиите во МВР биле формирани и дека ја почнале работата со ветингот. Тие може тоа да го направат за рекордно време, но дали по тоа нема да се случуваат комедиите како она со поканата за рочиштата во процесот за „Титаник“, кога полицијата не успеала да ги спроведе од куќен притвор Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Објаснувањата дека полицаецот во полициската станица бил суспендиран се прозаични, затоа што тоа не го решава клучниот проблем – дека има лоша организација во Министерството. Несфатливо е како полицијата не успеала да спроведе двајца луѓе од куќен притвор на судски процес и потоа тоа да се оправдува со дисциплинска постапка. За бегството на Никола Груевски и да не зборуваме. Тоа ќе го прогонува Оливер Спасовски додека е во политиката (а и потоа), без оглед дали бил виновен или не.

Исто така е несфатливо како лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и неговата партија велат дека правниот систем е уништен. „ВМРО-ДПМНЕ ќе ги врати правната држава и владеењето на правото. По победата на изборите на ВМРО-ДПМНЕ ќе почне ослободувањето на Македонија од овој вистински режим“, вели Мицкоски. Понекогаш изгледа дека вмровците ги сметаат граѓаните на оваа држава за малоумни, па тврдат дека со нив ќе почнело враќањето на правниот поредок во државата после сето она што ѝ го направија на истата таа држава. Кога правниот поредок го клекнаа на коленици, а судскиот систем го направија своја испостава. Ако некој во опозицијата мисли дека синтагмата „МВРО-ВМРО“ е заборавена, тогаш не само што лошо ѝ прави на партијата туку дава и потврда оти таму размислуваат да продолжат онаму каде што подзастанаа со објавувањето на бомбите. СДСМ навистина може да ги изгуби изборите следната година, но не поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе го враќал владеењето на правото, туку поради тоа што социјалдемократите не успеаја да го исправат клекнато право на здрави нозе.

Во основа, јасно е зошто ВМРО-ДПМНЕ е против донесувањето на законот за јавното обвинителство. Причината е едноставна – тогаш партијата ќе треба да се соочи со својата голотија и оние што направија толку злодела ќе треба да се соочат со правдата. А партијата, веројатно, ќе треба да се прочисти. Ако ги погледнете двете реакции по најновиот случај на обвинителството со продажбата на државните парцели – онаа на бегалецот во Будимпешта, Никола Груевски, и на потпретседателот на партијата Александар Николоски – ќе видите дека во нив речиси и да нема разлика. Тоа е истата одбранбена идеолошка матрица во која за сите неволји и криминални постапки на партијата и нејзините членови се виновни некои други. Како што тврди Мицкоски во интервјуто за Канал 5: „Граѓаните не добија ништо од ова Специјално обвинителство, резултатот е еднаков на нула“. Па затоа тие ќе предложеле свој закон за јавното обвинителство.

Затоа изгледа сосема нејасна и со погрешен опуртунитет изјавата на Министерството за правда дека „со нетрпение го чекаме текстот од ВМРО-ДПМНЕ. Кога ќе го добиеме ќе се произнесеме. Доколку има подобрувања на текстот, ќе бидат прифатени. Ако има скриена амнестија, нема да биде прифатен“. Што значи тоа? Дека министерката Рената Треневска-Дескоска ќе чека уште неколку месеци додека опозицијата да го изучи „компаративното европско право и препораките на Европскиот суд за човекови права“ и да го подготви новиот закон за СЈО. Во кој, се разбира, ќе нема место за истрагите што ги води СЈО.

Погрешните калкулации на Владата го доведоа законот за СЈО на слеп колосек и со тоа кај меѓународните партнери ги намалија оценките за работата на некои од нејзините членови. Секако, не може сè да биде диктирано од европските и американските партнери, но политичарите како да не сакаат да видат каква енергија и ресурси вложија, на пример, Холандија и Америка, во функционирањето на СЈО и новите стандарди што ги воведе и сега се подготвени него да го поднесат како неопходна жртва за во крајна линија да се заштитат во некоја иднина. А, ако недонесениот закон за СЈО во октомври се појави како (не)очекувана пречка за одредувањето датум за преговори со ЕУ, тогаш приказната ќе се префрла на други колосеци.

Затоа, изгледа чудно зошто Владата не го стави законот во процедура за расправа во Собранието и тогаш многу работи ќе станат појасни – и квалитетот на решенијата, и кој е против да се гони корупцијата во ешалоните на политичарите. Вака, тоа сега изгледа како здодевна приказна, во која граѓаните најмногу ќе загубат, а политичарите сопствените грешки ќе ги претставуваат како доблести во изборната кампања што ќе следува.

Однесувањето на политичарите речиси секаде е исто – тие помалку мислат на интересите на граѓаните, а повеќе на сопствените и интересите на партијата. Затоа што зад секој агол ги чекаат некакви избори. Но има некоја разумна граница во таа себичност. Прашање е дали македонските политичари може да ја видат.