Вера

АНА ПАВЛОВСКА-ДАНЕВА

Убаво е човек да има верба. Во Бога, во некаква необјаснива енергија, во сопствената интуиција, во најблиските, во идејата, во науката, во рациото, во партијата можеби… во нешто што нè прави креативни, хумани и нè одржува исправени кога животот натежнува, нè прави силни кога неправдата удира, нè прави понизни кога грешиме.

Таквата верба претпоставувам постои кај секој од нас. И кај религиозните и кај атеистите. И кај оние што веруваат во Бога и кај оние што веруваат само во себе. И секоја верба е оправдана и прифатлива. Сè додека е искрена. А, искрените работи, вообичаено, се интимни. Ги чуваме за себе или за најблиските. Затоа ми пречи, неверојатно ми пречи и ми предизвикува желба гласно да викам по носителите на државни функции, кога патетично и популистички јавно ја изразуваат својата вера во својот Бог, кога ја потенцираат религијата, припаѓаат во верски занес на секој верски празник (а, ги имаме бааги во државичкава) од претходната власт претворен во неработен ден и изедначен со државен празник. Прво, затоа што граѓаните не (треба да) ги интересира верската определба на шефот на државата, на првиот или последниот министер, на првиот човек на полицијата, на парламентот, на судот и сл. Нивната верба треба да биде само нивна, таа нема да ги направи ниту подобри ниту полоши претседатели, пратеници, министри, судии. Второ, затоа што сите устави на државава, од нејзиното постоење до денес, ја утврдуваат нејзината секуларност, што значи дека претседателот на Републиката, како и секој друг граѓанин може да ја практикува својата религија во кој сака божји храм, кога и да посака како верник, но како шеф на државата нема никаква обврска или надлежност официјално да им се обраќа на своите граѓани со пораки за сплотеност, хуманост, сочувство, љубов, грижа и слични изрази, кои се пеат, искажуваат, проповедаат во црквите и џамиите. Едноставно, тоа не е работа на државниците. Тие сите овие молитви, стремежи и желби треба да се трудат да ги направат реалност. Има кој да ги проповеда! Трето, изветвено е, евтино и крајно злоупотребувано средство за привлекување гласачи – честитањето верски празници на Фејсбук и Твитер од страна на политичари кои не се најсигурни дури ни како се изговара празникот и кои претходно негодувале на зголемувањето на бројот на државни празници поврзани со религии и прогласување на тие денови за неработни.

Наспроти ваквото „спуштање“ до народните маси, кое е некако вештачко и проѕирно, јас сè уште очекувам одредени носители на државни функции да применат и нешто од социолошките теории за елитите. Особено оние идеи на големите мислители, дека елитите постојат, но треба да се стремиме да ги диференцираме елитите кои се производ на личните способности од оние што се производ на институциите. Јас вториве ги нарекувам „фејк елити“. Такви се изнагледавме изминативе години. Груевски беше ненадминлив во нивното создавање и одржување на чело на истите институции. Затоа, залуден е секој обид да се влезе во ваков натпревар со него. Дел од алатките на создавање на институционални елити кои наместо да ги поведат и просветлат масите, правеа сè за лажно да се поистоветат со нив – беа и верските честитки, патетики, молидбени и присоединувањето на државата со црквата. Доста ни е тоа, на народов му треба верба во институциите, во делата и постапките на носителите на државните функции, а не во нивните богови.

И, кога сме кај вербата, таа задолжително подразбира доследност и конзистентност, нескршнување, нејзино ненапуштање. Оттука, чувствувам потреба да ги потсетам нашите политичари верници, демохристијаните од собраниската опозицијата во Собранието на неколку факти: истите тие беа пратеници од владејачкото мнозинство кога пред речиси десет години го сменија Деловникот за работа на Собранието (највисок правен акт за пратениците, „Устав на Собранието“) без консултација, без согласност, без гласање од опозициските пратеници. Факт број два: се донесе Закон за лустрација (по кој се лустрираа мртви луѓе, се лустрираа министри само затоа што биле министри во влада на политичкиот опонент, се лустрираа лица заради одмазда, заради париски реваншизам, се рекетираа семејства со закани од лустрација по нивни живи или починати членови) без консултации со експертска јавност, меѓународна заедница и со апсолутно и аргументирано противење на опозициските пратенички групи. Никому од денешниве опозициски пратеници кои во тоа време го гласаа на овој начин Законот око не му трепна. Факт број три: денешниве опозиционери, тогаш пратеници на владејачкото мнозинство сами си предложија и сами си донесоа Закон за амнестирање на хашките случаи, противуставен, против одредбите на меѓународното право и против аргументите и противењето на тогашната опозиција. Како последица од тоа, денес владин министер ќе стане човек кој да не беше тој насилнички донесен закон, можеби ќе отслужуваше казна за сторено кривично дело. Факт број четири: денешниве борци за демократија и политички консензус, сами си донесоа Закон за поништување на пописот кој не само што беше почнат туку беше и во поодмината фаза и за кој беа потрошени десетици милиони евра од буџетот. Без причина, без повод, без аргументи. Заради гола политика и желба за самоодржување на власт. Не, не, не, тогаш не се ни седнуваше со координаторите и претставниците на пратеничките групи од опозицијата ниту ставот да им се слушне, не, пак, да се преговара или да се постигнува политички консензус. Тогаш одлучуваа исклучиво фејк елитите, оние институционалните, вештачки создадените, а не оние основани врз основа на лични способности. Затоа, кога истите тие пратеници зборуваат за несоработката на денешната власт со опозицијата, за непостигнатиот консензус при носење на клучни закони, за недемократскиот капацитет на власт… не преостанува ништо друго освен да се исклучи телевизорот. Или интернетот, сеедно.

Затоа велам, вербата е добра работа. Ако е искрена. Ако е позитивна. Ако е доследна. Ако се изразува со дела, не со постови и објави. Во спротивно, таа од верба во Бога, се претвора во ѓаволско дело. Од верба во демократија се претвора во демагогија.