Вардар за Гинис


БИЛЈАНА БОГДАНОВСКА

Матен Вардар, брзо тече, тајни носи, време влече… така некако оди песната на Влатко Стефановски, па никогаш не сме знаеле што крие водата. Но од дното на најголемата река во земјава, која извира од Вруток и се влева во Егејското Море, викендов беа извадени педесетина автомобилски гуми, и тоа само од под мостот „Гоце Делчев“.

Уште колку мостови го премостуваат 388-километарскиот Вардар? Уште колку гуми и друг отпад кријат неговите води? Пластичните шишиња што пливаат и се собираат околу галиите, по вакви ѓубриња извадени од дното, може и да се занемарат.

Автомобилските гуми извадени од дното на реката Вардар во центарот на Скопје ќе завршат во Зоолошката градина како реквизити за животните. Тука завршува единствената добра работа поврзана со оваа вест.

Многупати земјава конкурирала во разни занимливости да влезе во Гинис. Се виткаа најмногу посни сармички, се правеа најголеми пастрмајлии, но, судејќи по тоа што беше извадено викендов, комотно можеме да конкурираме за Гинис со отпадот што го содржат водите на Вардар. Тука тешко дека ќе имаме конкуренција. Не дека ќе се извадат најмногу кубни метри отпад од него или најмногу автомобилски гуми туку дека не престануваме. Продолжуваме да фрламе, сè додека водата покрива.

Секако, во акцијата за чистење се вклучија професионалци од акваклубови, нуркачи, кои безбедно газеа по речното дно и вадеа гуми. Акцијата беше организирана од неформалната група „Не биди ѓубре“, а оние најповиканите, градските власти, беа информирани како и сите ние другите, преку социјалните мрежи.

Официјалната изјава на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, за тоа како се чисти Вардар е дека тековно се преземаат акции за чистење, неколкупати годишно. Па, се пофали и дека делот од Хром до Карпош 4, кој беше зараснат со дрвја чии гранки допирале до водата, лани бил исчистен. Тоа е природа, таа ќе си дојде по своето, па ако не годинава, до година повторно може да се надвиснат дрвјата над Вардар, и освен естетски, што нам нема да ни изгледа убаво, ништо лошо нема да се случи. Проблемот е што ние неконтролирано грабиме во природата, без задршка, па каде и да поминеме оставаме пустош.

Ни казни не нè плашат. Последниот пример е од пред неколку недели кога поради хаварија во фабрика Вардар поцрвени. Фирмата доби забрана за работа од 90 дена, а може да плати и казна до 100.000 евра. Ќе „поцрвени“ ли фирмата од бес или барем од срам?

„Водата нешто носи“ е роман на Лајош Зилахи, во кој се зборува за тело на жена што водата го носи по нејзиниот тек. Ако продолжиме сè што не ни треба да го фрламе во водите на Вардар или, пак, во водите на Охридското Езеро, каде што последниов месец беа извадени кади, тоалетни шолји, казанчиња, па дури и вреќи со плочки од бања што се реновирала, ќе се сврти ли водата, таа нас да нè однесе, оти памет не ни доаѓа?

Вардар од Вруток до граница поминува 301 километар, понатаму преминува во Аксиос. Но дали ќе го викаме Вардар или Аксиос – матен е. Сепак, мислам дека ние сме матни.