Уште еден конзервативен политичар во Германија поднесе оставка во аферата со маските


Алфред Заутер наводно примил 1,2 милиони евра за обезбедување договори при набавка на маски за лице

Поранешен министер за правда на Баварија стана последниот германски конзервативен политичар кој се повлече по обвиненијата за корупција.

Во неделата, Алфред Заутер – пратеник во регионалниот парламент и висок член на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), баварската сестринска партија на Христијанско-демократската унија на канцеларката Ангела Меркел (ЦДУ) – поднесе оставка од сите политички функции што ги извршува.

Обвинителството го испитува Заутер како дел од истрагата за сомневање за мито поврзана со набавка на маски за лице за корона вирус. Тој исто така го суспендираше своето членство во парламентарната група на ЦСУ во Баварија за време на постапката.

Германските медиуми оваа недела објавија дека Заутер, по професија адвокат, добил дури 1,2 милиони евра за помагање во договорите за набавки. Тој негираше каков било криминал и рече дека какви било профити биле наменети за добротворни цели од самиот почеток.

Оставката на Заутер доаѓа во време на поширок скандал околу наводната корупција и дополнителни зделки што го разнишаа сојузот ЦДУ/ЦСУ само шест месеци пред Германија да излезе на национални избори. Партијата на Меркел веќе претрпе две значителни загуби на регионалните избори овој месец и се лизна во анкетите на јавното мислење.

Во истата истрага за набавки, обвинителите исто така го испитуваат поранешниот заменик на парлементарната група ЦДУ/ЦСУ, Георг Нуслејн, кој потоа поднесе оставка од ЦСУ. Тој ги негира обвинувањата за корупција и мито.

Друг пратеник на ЦСУ, Тобијас Цех, се повлече по обвиненијата за конфликт на интереси, бидејќи, наводно, лобирал за поранешниот македонски премиер Никола Груевски; пратеникот на ЦДУ, Николас Лебел, кој призна дека неговата компанија заработила 250.000 евра за договори за посредување за маски за лице, ќе го напушти Бундестагот во август; и Марк Хауптман, друг пратеник на ЦДУ, се повлече од функцијата во врска со наводните плаќања од Азербејџан, иако тој негираше дека направил нешто лошо. (Според агенциите)