Унгарскиот обвинител бара од ЕП да го укине имунитетот на главниот ривал на Орбан
Опозицискиот лидер Петер Маѓар се соочува со обвинение за грабнување телефон од човек кој го снимал во ноќен клуб
Главниот обвинител на Унгарија побара од Европскиот парламент да го укине имунитетот од гонење на главниот политички ривал на премиерот Виктор Орбан.
Европратеникот Петер Маѓар се соочи со обвинувања за кражба по инцидентот на крајот на јуни, помалку од две недели по изборите за Европскиот парламент, на кои неговата опозициска партија Тиса (Почит и слобода) заврши на второто место зад владејачката партија на Орбан, Фидес со речиси 30 отсто поддршка.
Случајот против Маѓар, кој произлезе од кошкање во ноќен клуб, редовно се покренува во унгарскиот печат контролиран од владата, кој прв ја откри приказната. Сега, генералниот обвинител на земјата Петер Полт, поранешен член на Фидес, кој беше обвинет за пристрасност кон унгарската влада, сака да отвори кривична постапка против европратеникот.
Маѓар присуствуваше во ноќниот клуб Ötkert во центарот на Будимпешта во раните утрински часови на 21 јуни, кога влезе во жестока расправија со друг гостин.
Според полицискиот извештај до кој дошол унгарскиот информативен портал „Телекс“, гостин во клубот го снимал Маѓар како танцува со жени. Маѓар се спротивставил и настанала расправија при што Маѓар му го грабнал телефонот на човекот од рака.
Маѓар подоцна бил снимен како го извлекуваат чуварите на клубот, а потоа оди до брегот на блиската река Дунав каде, според полицискиот извештај и обвинителите, фрлил „предмет со црна боја“ во водата. Маѓар призна дека му го одзел мобилниот телефон на човекот, но не призна дека го фрлил во река.
„Ова однесување може да претставува кривично дело кражба. Телефонот вреден повеќе од 100.000 форинти (250 евра) ѝ е вратен на жртвата во работна состојба по интервенција на полицијата“, пишува во соопштението на Јавното обвинителство.
Полт побара од претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола да му го одземе имунитетот на Маѓар во ЕП за да биде кривично гонет.
Маѓар на Фејсбук објави саркастичен одговор. „Колку може да биде брз и ‘ефикасен’ основачот на Фидес, Петер Полт“, напиша тој. „Каква е ситуацијата со Тони, другар генерален обвинител?
„Тони“ се однесува на нерешен случај во кој е вклучен моќниот шеф на кабинетот на Орбан, Антал Роган, кого Маѓар го обвинува за корупција на високо ниво.