Унгарија обезбедува 575 милиони литри гориво од државните резерви


Унгарија ќе обезбеди 575 милиони литри гориво од државните стратешки резерви за да обезбеди стабилно снабдување и контролирани цени на пазарот.

Според одлуката објавена во службениот билтен, Владата ќе ослободи 150 милиони литри бензин и 425 милиони литри дизел поради нестабилноста на меѓународниот пазар на горива.

Горивото од резервите ќе биде достапно до крајот на јуни.

Во март, владата воведе ограничени цени од 595 форинти за литар бензин и 615 форинти за литар дизел со цел да го ублажи растот на цените за граѓаните и компаниите.

Според унгарските медиуми, бензинските пумпи ќе можат да го продаваат горивото по регулирани цени само на домашни купувачи.

Независните оператори предупредуваат дека проблемот не е физички недостиг на гориво, туку фактот што со регулираните цени работат без профит.

Од енергетската компанија МОЛ, пак, тврдат дека снабдувањето со гориво во земјата останува стабилно и дека производството е доволно за сите партнери.

Унгарскиот министер за економија и енергетика Иштван Капитањ изјави дека засега нема простор за промена на ограничените цени на горивата.