Саудиска Арабија предложи договор за ненапаѓање меѓу Иран и земјите од Блискиот Исток
Саудиска Арабија предложи договор за ненапаѓање меѓу земјите од Блискиот Исток и Иран за стабилизирање на ситуацијата по војната, изјавија информирани извори за „Фајненшел тајмс“. Тие рекоа дека договорот би можел да биде сличен на Хелсиншкиот договор, потпишан во 1975 година од страна на САД, европските земји и Советскиот Сојуз за намалување на тензиите за време на Студената војна.
Арапски дипломат изјави за весникот дека повеќето држави од Блискиот Исток би поддржале такво решение. Тие стравуваат дека Иран ќе биде ослабен по војната, но сепак би претставувал закана за своите соседи, особено со оглед на намаленото американско присуство. Техеран е исто така заинтересиран за таков договор, бидејќи долго време се обидува да им ја пренесе на САД и на Западот идејата дека регионот треба сам да управува со своите работи. Многу европски лидери ја поздравија саудиската иницијатива и ги повикаа земјите од Заливот да ја поддржат, велат извори на ФТ.
Од почетокот на војната меѓу САД и Израел против Иран, земјите од Персискиот Залив беа погодени од ирански напади со дронови, што го осакатува регионалниот воздушен сообраќај. Техеран, исто така, го затвори Ормускиот теснец, преку кој на пазарот влегуваат приближно 20 отсто од глобалната нафта и приближно 30 проценти од течниот природен гас. Американскиот претседател Доналд Трамп го објави почетокот на операцијата „Проект слобода“, според која американската војска требаше да ги придружува трговските бродови низ теснецот, но ја суспендираше мисијата помалку од два дена подоцна. Според Ен-Би-Си, ова делумно се должеше на Саудиска Арабија, која ѝ го забрани пристапот на американската војска до својата воздухопловна база и својот воздушен простор.
Во меѓувреме, за време на војната на Блискиот Исток, самата Саудиска Арабија тајно започна серија напади врз Иран како одговор на нападите врз нејзина територија, кажаа извори на Ројтерс. ОАЕ го сторија истото. Емиратите ги координираа своите активности со Израел и ги негира нападите. Ријад, од своја страна, избра да преговара со Техеран за да се воздржи од меѓусебни напади и да ги намали тензиите.