Британскиот министер Стив Рид: Никој во партијата нема поддршка да го предизвика премиерот Стармер
Британскиот министер за станбени прашања Стив Рид, близок сојузник на премиерот Кир Стармер, ги повика колегите во владата да се „смират и длабоко да вдишат“ по бурната политичка недела во која се појавија шпекулации за можен предизвик за неговото лидерство.
Рид изјави дека во овој момент никој не докажал дека има доволно поддршка за да покрене внатрепартиски предизвик против Стармер.
– Нема да негирам дека ова беше навистина тешка недела за сите нас, но би ги советувал колегите: длабоко вдишете, размислете што им се случи на конзервативците кога го направија ова, изјави Рид за радио „Тајмс“.
Тој алудираше на политичката нестабилност во Конзервативната партија, која во претходниот период помина низ повеќе промени на лидери пред да претрпи тежок пораз на општите избори во 2024 година.
Рид нагласи дека партијата треба да остане обединета зад Стармер и да не се впушта во борба за лидерство.
– Факт е дека нема предизвикувач, никој нема собрано 81 номинација за да му се спротивстави на премиерот, додаде тој.