Унгарија ги ограничува дозволите за вработување работници од земји надвор од ЕУ
Унгарскиот премиер Петер Маѓар го ограничи приливот на работници од надвор од Европската Унија со владин декрет објавен денеска во Државниот весник.
Маѓар ја презеде функцијата на 9 мај откако неговата центристичка партија убедливо победина парламентарните избори во април.
Унгарија вработува околу 90.000 работници од надвор од ЕУ, што претставува околу 2 проценти од работната сила. Повеќето од нив работат во производството на батерии и автомобилска индустрија, градежништвото, курирските услуги и како сезонски работници во земјоделството. Повеќето се од Филипини, Украина, Кина, Виетнам и Индија, јави ДПА.
Ограничувањето на приливот на работници мигранти беше меѓу ветувањата што ги даде Маѓар за време на неговата изборна кампања. Тој го оправда своето ветување тврдејќи дека повеќе Унгарци треба да имаат работа и дека на компаниите треба да им се спречи да ги намалуваат платите со вработување странци, иако работодавците велат дека има недостиг на работна сила во многу сектори во Унгарија.
Новиот пропис предвидува дека постојните дозволи за престој во земјата остануваат важечки до истекот на нивниот рок. Не е прецизирано дали дозволите што истекуваат можат да се продолжат.
Уредбата не го запира целосно издавањето дозволи за престој на државјани на трети земји во Унгарија. Наместо тоа, забраната се однесува на поедноставената шема за гастарбајтери на владата на Орбан. Механизмот овозможи релативно непречено вработување работници преку агенции контролирани од Орбан, практика што Унгарците силно ја критикуваа за време на неговата изборна кампања, јави ДПА.