УНЕСКО ја отстрани Виена од листата на загрозено наследство. Нема да гради облакодер висок 73 метри


УНЕСКО денес одлучи да го отстрани историскиот центар на Виена од листата на загрозено светско наследство откако беа ревидирани плановите за контроверзен проект за облакодер, кој со години предизвикуваше загриженост, се вели во соопштението на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.

Историскиот центар на Виена беше додаден на листата на загрозено светско наследство на УНЕСКО во 2017 година поради планирана висока зграда во центарот на градот. УНЕСКО во тоа време предупреди дека проектот може негативно да влијае на препознатливата историска силуета на австриската престолнина и да го наруши нејзиниот урбан карактер.

Првичниот план предвидуваше зграда висока 73 метри, но проектот подоцна беше ревидиран, при што максималната висина беше намалена на нешто помалку од 50 метри. Ревидираниот предлог сè уште треба да помине низ оценка на влијанието врз животната средина.

Историскиот центар на Виена беше запишан на листата на светско наследство на УНЕСКО во 2001 година поради неговиот уникатен урбан пејзаж, кој комбинира архитектура од различни периоди, од средниот век и барокот до згради од крајот на 19-ти и почетокот на 20-ти век.

По одлуката од Бусан, 58 локации остануваат на Листата на светско наследство на УНЕСКО во опасност. Меѓу нив, многу се загрозени од вооружени конфликти, природни катастрофи и ефектите од климатските промени.