Улица врвулица

БИЛЈАНА БОГДАНОВСКА

Чекам автобус „23“ кај „Капитол“, подготвена за жештината и „благопријатните“ мириси во неа, затоа што знам дека нема клима. Задоволна сум што наоѓам место да седнам, да прочитам неколку страници од книгата. На следните неколку постојки, автобусот се полни со луѓе и штом стигнавме кај Железничката станица почнуваат сè погласните негодувања дека се работи на булеварот, се стеснува улицата, па оттаму до Олимписки базен патуваме 15 минути. Нервозата кај патниците расте, воздишките преминуваат во пцости, прекинати со гласно прашање: Се поминува ли пред Собрание?

Возачот кажува дека е блокирана таа улица, па ќе продолжи кон следната. Луѓето се симнуваат од автобусот среде никаде, без постојка и на раскопан коловоз, затоа што од тука им е поблиску до дестинацијата каде што се упатиле утрово. За безбедноста никој не се грижи. Ги замолуваме граѓаните за разбирање, е мантра што секојдневно ја повторуваат градоначалниците кога одат на увид на работите.

Знам дека се реконструираат повеќе булевари во Скопје, знам дека бомбастично е најавено дека во рекордно време се завршуваат (20-30 дена), а знаат и оние што се возат со мене, оти слушнале на радио, прочитале во весник или виделе на телевизија. Но тоа не ја намалува нервозата. Па, не сме ние новинарите седативи!

Кај Олимпискиот базен автобусот речиси стои. Додека пробие до крстосницата, се чини поминува година. Мала утеха е сознанието дека ете, за некој ден, ќе се возиме по нов асфалт, со уредно обележани ленти и пешачки премини. Денеска треба да се стигне на работа, на пазарче, на гости…

Градскиот татко при секој почеток на работа на некој булевар нагласува дека првпат во Скопје на улиците се работи брзо, дека првпат се работи и ноќе, но она што го гледаме ние додека се возиме со градскиот превоз се паркирани асфалтерки, багери и слично, кои заземаат цела лента, а сообраќајот бавно се движи.

Се сеќавам кога првпат стигнав во една светска метропола каде што еден час требаше да почекаме автобус кој ќе нè пренесе до хотелот. Дојдоа шест-седум работници со комплетна опрема, заградија некоја шахта, ископаа, санираа и си заминаа, а автобусот сè уште го немаше. Не помина ни половина час, а улицата не личеше дека тука нешто се работело пред само пет минути. Кога кај нас вака, си помислив?

Еве дочекав. По 18 години од тогаш, кај нас првпат се реконструираат 600 метри за еден месец, и тоа ноќе. Денски, ќе се препотуваме и ќе се нервираме, ќе се прашуваме од каде сè ќе нè врти градскиот автобус и дали ќе нè остави поблиску до дома отколку до работа. Или можеби дека требаше да тргнеме пеш? Ама тогаш немаше да можам да читам книга! А, да. Немам поим што прочитав на последните три-четири страници што ги прелетав додека се возев со градскиот автобус. Ај, на враќање… ако го направат булеварот.