Уф, колку многу нон-пејпери
Со глас или без глас во ЕУ - дебатата за неколкуте нон-пејпери, во основа е дали некои на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, навистина имаат желба да влезат во ЕУ
Кој нон-пејпер побрзо да го толкуваат овдешните и регионалните аналитичари, политичари и политички истражувачи. Овој на германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон; оној на пет земји (Германија, Франција, Белгија, Холандија и Луксембург) што дојде веднаш по германско-францускиот документ. Оние на групата „Пријатели на Западен Балкан“ во последниве години; или пак нон-пејперот од самото срце на Европската комисија (кабинетот на претседателката Урсула фон дер Лајен) за „обратното проширување“. Или можеби претходницата на германско-францускиот документ во вид на писмо – нон-пејпер на Мерц до трите клучни личности во Европската унија главно за забрзување на пристапувањето на Украина кон блокот.
Канцеларот Мерц изгледа како љубител на нон-пејпери па овдешнава јавност да ја потсетиме на уште еден таков документ (ако воопшто се заинтересирала за тоа претходно) од јануари годинава, кој беше своевиден пуч за функционирањето на европските институции и самата Унија. Мерц и италијанската премиерка Џорџа Мелони подготвија нон-пејпер кој беше претставен на февруарскиот лидерски самит и се фокусираше на силно поедноставување на регулативите на ЕУ, намалување на трошоците за енергија.
Тој нон-пејпер требаше да го сигнализира крајот на француско-германската „моќна двојка“ со Меркел и Макрон, кои ја водеа ЕУ, заменувајќи ја со италијанско-германска комбинација. Мерц и Мелони ја делат дефиницијата за себе како „атлантисти“ кои го имаат увото на Трамп, што значи дека тие во суштина се врзани за проамериканска позиција. Со тој нон-пејпер требаше да се уништи Европскиот зелен договор, намалувајќи ги регулаторните напори на Комисијата на ЕУ на нула и да се стави настрана Европскиот парламент.
Во основа тоа беше политички проект на европската десница за геополитичка промена: продлабочување на структурираната соработка помеѓу Европската народна партија (ЕПП) и Европските конзервативци и реформисти (ЕКР), формирајќи моќен конзервативен блок во Европа. Од тој нон-пејпер не бидна ништо. Мерц и Mелони можат партиски да соработуваат, „државниот удар“ пропадна. „Најхрабриот офицер“ кој се спротивстави на двојката, се разбира, беше Емануел Макрон. А Мелони и Мерц во меѓувреме ја загубија наклонетоста на Трамп – Италијанката поради жестоката одбрана на папата по нападите на американскиот претседател, а Германецот со изјавата дека жителот на Белата куќа бил надитрен од иранските лидери.
Ексклузивата од Тиват
По „екскурзијата“со Мелони, Мерц се врати на доверливиот политички партнер, Макрон. Нивниот заеднички нон-пејпер беше подготвен како најголема ексклузива на самитот ЕУ-Западен Балкан, во црногорското летовалиште Тиват. Тој документ навистина беше една од клучните точки за расправа на лидерите на самитот. Иако претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека тој нон-пејпер за „градежни блокови“ на постепеното членство на кандидатите во ЕУ, е само еден од повеќето што циркулираат во Унијата, на некои од аспирантите им даде повеќе надеж дека може да прескокнат некои од засега несовладливите пречки.
„Мораме да обезбедиме дополнителни стимулации како дел од постепен процес на интеграција базиран на заслуги и да го поедноставиме тековниот процес за да го направиме поефикасен и да овозможиме побрза и подлабока интеграција“, се наведува во нон-пејперот.
Некои од кандидатите кои се понапред, како Црна Гора, не гледаат со ентузијазам на тој документ затоа што веќе почна да се пишува пристапниот документ за нејзиното членство во ЕУ. Украина го одби предлогот на Мерц во првото писмо за „придружно членство“. „Не може да има комплетен европски проект без Украина, а местото на Украина во Европската унија мора да биде целосно и еднакво“, рече Зеленски во објава на Икс. Потоа испрати писмо до лидерите на ЕУ во кое вели: „Ја браниме Европа – целосно, не делумно и не со полумерки. Би било неправедно Украина да биде присутна во Европската унија, а да остане без глас“.
Некои се задоволни со такво решение за „градежни блокови“. Србија го прифати речиси со одушевување, Македонија дава полудвосмислени изјави, но и овдешните власти се наклонети кон него, сакаат да добијат нешто и да се пофалат дека зачекориле надвор од ќор-сокакот, а проблемот со менувањето на уставот да го тргнат настрана. Иако и за да се влезе во тие „градежни блокови“ и да се почнат преговорите ќе треба да се вметнат Бугарите во уставот.
Уште во Тиват српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија е апсолутно за предлогот што го дадоа Макрон и Мерц, бидејќи тоа ќе го промени темпото и енергијата на пристапувањето во ЕУ, што е позитивна вест за Србија. Тоа не значи дека ќе се избегнат какви било обврски, рече тој. „Напротив, туку значи дека, кога правите нешто, добивате признание за тоа и можете да седнете на маса“, толкуваше Вучиќ.
Македонскиот премиер се врати дома „вооружен“ со разговорите со Макрон и Мерц, споделувајќи некаков јазичен оптимизам, без да даде факти на што се темели тој. Христијан Мицкоски изјави дека само тој од балканските лидери имал средби со Мерц и Макрон. Вучиќ, пак, освен средбата со Мерц и Макрон наведе и други разговори: со Антонио Кошта, со Урсула фон дер Лајен, со шпанскиот премиер Педро Санчез, со белгискиот и данскиот премиер. Тоа е дел од оние балкански фалби за сопствената важност и влијание.
Веднаш по самитот дојде нов нон-пејпер се залага за „општ образец за идните договори за пристапување“ со сегашните земји-кандидатки, за да се обезбеди дека идните проширувања ќе ја зајакнат Европската унија. Нон-пејперот предлага понатамошно зајакнување на постојните заштитни мерки и преодни мерки, кои беа применети во претходните рунди на проширување, како и осмислување дополнителни заштитни мерки, особено во владеењето на правото. Исто така, се предлагаат привремени и преодни ограничувања на правото на глас.
Бидејќи овој документ е потпишан од Германија, Франција, Холандија, Белгија и Луксембург, некои велат дека ова е дополнително разјаснување на документот на Мерц и Макрон, други пак нагласуваат дека ова е чекор назад од него.
Документот оценува дека „прекопирањето на претходните договори за пристапување нема да биде доволно“ за нови проширувања и дека мора да се искористи можноста за дизајнирање на потребните подобрувања. Во нон-пејперот се додава дека на ЕУ ѝ се потребни соодветни инструменти за да може да дејствува во случај на потенцијално назадување на вредностите на ЕУ, како што е владеењето на правото.
Каде беше Џорџа Мелони?
Еден лидер забележително не беше присутен во Тиват – премиерката Џорџа Мелони. Нејзината земја, Италија, ја нема во ова вриење со нон-пејпери. Околностите за нејзиното недоаѓање во Тиват специфично зборуваат за односот на Рим кон германско-француските идеи за проширувањето на ЕУ.
Каде беше Мелони?
Кога снимателите ги повикаа лидерите по работниот ручек да излезат надвор на сонце за фемили фото сомнежот кај новинарите доби потврда: Џорџа Мелони ја немаше. Само неколку минути подоцна, Палатата Киџи (седиштето на владата) потврди дека, со оглед на продолжувањето на нејзината посета на Калабрија, Мелони „со жалење“ одлучила да го прескокне самитот. Не беше само прашање на распоред и организација на агендата. Недоаѓањето на Мелони беше директен сигнал за Макрон и Мерц за нивната активност на фронтот на Западен Балкан. Плус тие двајцата заедно со британскиот премиер Кир Старем се дел од групата Е-3 што работат со Украина. А Италија не е вклучена.
Италија со години е исклучително внимателна кон Западен Балкан и дури и во часовите пред самитот, продолжи да ја одржува линијата што ја зазема досега на форумите на ЕУ: пристапувањето на Украина и Молдавија не може да се одвои од она на балканските земји. Црногорските домаќини беа непријатно изненадени од недоаѓањето на Мелони, како и лидерите на ЕУ.
Тој ден утрото Мелони присуствуваше на церемонијата по повод 212-годишнината од основањето на Карабинерите во Реџо Калабрија. Наводно, церемонијата се одолговлекла. Сепак, веднаш потоа, Мелони одлучи да не замине до аеродромот за да полета за Тиват. Наместо тоа, таа отиде во Префектурата за да присуствува на поштенскиот печат на поштенската марка по повод годишнината од Карабинерите. А тоа не беше најавено во агендата на премиерката.
Тоа беше реакција дека последните денови работите се одвиваата без вклучување на Италија. Отсуството на Мелони во Црна Гора предизвика фронтален напад од опозицијата, која зборува за „изолирана“ Италија. „Таа ги навредува Мерц и Макрон и покажува адолесцентно однесување“, нагласи Матео Ренци. „Нејзиното отсуство во Тиват е удар во стомакот“, инсистира Демократската партија. Тоа е дел од вообичаената политичка битка во една земја. Но иритацијата на Мелони од оската Макрон-Мерц може да има последици во отфрлање на овие нон-пејпери. Италија е голема земја и мисли дека треба повеќе да биде почитувана. Особено за нејзиниот специфичен интерес за Црна Гора и Албанија.
Јасно е дека не постои согласност околу ниеден од овие нон-пејпери што циркулираат. Нешто можеби ќе стане појасно за состанокот на Европскиот совет овој јуни на Кипар. Антонио Кошта има свои идеи. На пример, пред почетокот на самитот во Тиват во интервју за Еуроњуз Кошта рече: „Лично верувам дека не ни е потребна едногласност за отворање поглавја и групи. Потребна ни е едногласност за затворање на поглавјата и групите“. Па додаде дека „билатералните прашања“ што би можеле да го запрат пристапувањето на една земја треба да се „решат“ меѓу засегнатите земји, со поддршка од институциите, но не и на нивна штета. Тој тоа го кажа со одредено задволство по одлуката на новиот унгарски премер Петер Маѓар да го укине двегодишното вето на неговата земја врз преговорите за пристапување на Киев откако постигна договор за правата на унгарското малцинство во Украина.
Додека во Скопје, во Белград, во Тирана се премерува и на сточни и на аптекарски ваги што може да значи нон-пејперот на Мерц и Макрон и дополнителниот на петте држави едно политичко „страшило“ чека зад аголот за да загосподари на европската сцена во мај 2027 година. Тоа е лидерот на крајната десница во Франција, Џордан Бардела. Според сите анкети, тој е голем фаворит да победи во првиот круг на претседателските избори, а со тоа да го направи клучниот чекор за влез во Елисејската палата.
Не знаеме за друите главни градови во регионот, но изгледа дека овде во Скопје како да не се размислува што би можело да стане со перспективите за зачленување во ЕУ. Ако Бардела стане претседател ефектот за македонските власти може да биде двостран: внесувањето на Бугарите во уставот ќе може да се префрли на друг колосек, затоа што лидерот на Националниот собир (РН) е против проширување на ЕУ; и второ, може да завршат преправањата дека земјата сака да влезе во ЕУ и да се прават болните реформи и да ѝ олесни на сегашната владејачка политичка каста да се откаже од вештачката амбиција.
Никој не знае дали Бардела ќе победи на претседателските избори (или Марин Ле Пен, ако во јули биде прифатена нејзината жалба на пресудата дека пет години не може да се занимава со политика), но уште од сега се прават анализи што ќе значи тоа за Европа, за Европската унија и за Франција. Оваа недела излезе една прилично обемна анализа (подобро наречено студија) на Европскиот совет за надворешни работи, која на многу ингениозен начин скицира што би можело да се случува во првите две години од претседателството на Бардела. Тоа вреди да се прочита и да се проучи.
Бардела има голем скептицизам околу институционалниот капацитет на ЕУ за да се проширува и ја доведува во прашање логиката на зголемување на членовите на блокот: „Кога структурата не функционира со 27 членки, зошто би сакале 36?“ Тој жестоко се спротивстави на пристапувањето на големи земјоделски сили како Украина, тврдејќи дека внесувањето на Украина во единствениот пазар на ЕУ „би го сигнализирало крајот на француското земјоделство“ поради приливот на евтин увоз. Па зборува за „увезување“ на организираниот криминал и корупцијата од Западен Балкан.
Во сценаријата што ги наведува Европскиот совет за надворешни работи за можната победа на Џордан Бардела во делот за проширувањето се споменува и Скопје. Еве што пишува:
Празно столче
„Проширувањето, исто така, би можело да се покаже како провокативна тема. Многу европски влади се загрижени за влезот на земјите од Западен Балкан, Молдавија и особено Украина, во ЕУ. Но, ако Национален собир (РН) го освои француското претседателство, таа ќе биде влада со најгласни спротивставени гласови меѓу големите европски држави. Партијата предупреди дека проширувањето ќе го уништи француското земјоделство и ќе ги потисне француските плати; ќе ги интензивира буџетските барања на ЕУ кон Франција. Пристапувањето на Украина со нејзината огромна земјоделска индустрија, особено го алармира РН. Всушност, партијата ја нарече оваа перспектива ‘последна шајка во ковчегот на француското земјоделство’.
Долгорочниот резултат од овие трендови веројатно би бил француска изолација. Тие би го поставиле претседателот на РН во конфликт со Европската комисија – но и со други влади, вклучително и десничарските, во Европа. Дури и ако другите во ЕУ се согласат со нејзините сомнежи за проширување, инсистирањето на францускиот национален приоритет ќе ги отуѓи дури и идеолошки сличните сили на други места. Во време кога националистичките партии се во подем во другите големи земји-членки на ЕУ, вклучително и во Германија, тоа би можело да го поттикне унилатерализмот и таму. Резултатот би можел да биде двојно парадоксален: поосамена десничарска Франција во подесничарска Европа и понационалистичка Франција повеќе изложена на мешање на надворешни сили.
Февруари-мај 2028 година. Скопје, Белград, Абу Даби, Брисел
Април во Париз е пријатен месец. Лисјата се враќаат на дрвјата, цвеќињата во парковите, толпите во кафулињата. Нов ветрец стигна и до Елисејската палата. Марин Ле Пен имаше сосема нова титула – специјален советник на претседателот – и нова канцеларија во позлатениот Салон Помпадур. „Шарли Ебдо’ ја претстави на насловната страница како Наполеон, а Бардела како нејзин втор конзул.
На кафе во Берламонт, Бјорн Зајберт (шефот на кабинетот на Фон дер Лајен) и советникот на Мерц, Михаел Клаус, се грижеа за изборите за Европскиот парламент следната година и дали нивните шефови требаше поинаку да ја водат првата година од Бардела. ‘Секогаш беше влада на РН’, рече Клаус, ‘но сега е и влада на Ле Пен’. Комисијата штотуку отвори прекршочна постапка поради едностраните гранични контроли на Франција. Вести им ги осветлија телефоните: ‘Руски упади со беспилотни летала во Сувалки; Руте го обвинува Путин за несреќата во Вилнус; Приносите од француски обврзници на највисоко ниво од 1982 година’.
Двајцата Германци беа во право. Фокусот на Елисејската палата се префрли од кршење на старите партиски граници и додворување на Трамп.
Првиот знак дојде во април. Лидерите на ЕУ требаше да се сретнат со колегите од Западен Балкан во Скопјe, Северна Македонија. Со нова итност во воздухот по несреќата на литванскиот авион и провокациите со руските дронови, целта беше да се забрза пристапувањето на Албанија, Црна Гора и Северна Македонија во обид да се изгради моментум и за Украина. Бардела одби да присуствува, испраќајќи го министерот за Европа, Пјер Ромен Тионет, кој им рече на собраните лидери: ‘Франција не е заинтересирана за проширување’.
Следната недела Бардела отпатува во Белград на самит со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. ‘Ова е прекрасен регион на горди нации“, рече тој во палатата Нови Двор. „Тие можат да напредуваат како посилни партнери на европските држави без потреба да се приклучат кон ЕУ. Нашата трговија веќе расте од година во година’. Вучиќ ја намести крагната и нервозно ги погледна своите помошници“.
Ова е навистина интересно четиво. Трустот на мозоци на владејачката екипа во Македонија може да се занимава со разни проекции додека го чита. Но треба да ја дочека и веста и да ги гледа насмеаните лица в понеделник (15 јуни) во Луксембург кога на меѓувладина конференција Украина и Молдавија официјално ќе ги почнат преговорите по кластери за пристапување во ЕУ.
Ние овде уште можеме конституционалистички да расправаме за член 2, па член 49, па член 4 од договорот за ЕУ, за тоа колку пати сме го смениле уставот. Политиката е друга професија од стручната анализа. И веројатно ќе го премолчиме почнувањето на преговорите на Украина и Молдавија, како тоа да не нѐ засега. Бидејќи, како што тврди владејачката структура, ние сме „фронтранери“.
(Линк до текстот во Дојче веле овде)