Каква гаранција се ветувањата на премиерот
Премиерот Мицкоски има историска одговорност за последиците што ќе се случува со државата во иднина со неговите гаранции што ги бара од ЕУ и од Бугарија, а не им нуди никакви гаранции на своите граѓани освен скап лет во место
Додека како најважна ударна вест сѐ уште траат расправите за „реконструкција и ребрендирање“ на старо-новата влада се присетив на една реченица на Блаже Конески искажана во ресторанот на Клубот на пратеници пред повеќе години по истиот повод како и сега. Јавни личности мудруваа навидум многу загрижено за најавените промени во владата, кои министри ќе си заминат, а кои ќе дојдат на нивно место.
Откако ги искажаа сите „аргументи“ колку е тоа значајно за иднината на Македонија, Конески рече: „Кога ќе сретнете некој во нов костум со шарена вратоврска кој однекаде ви е познат, а не можете да се сетите кој беше човекот, мора да е некој македонски министер“. Сите се изнасмееја на безначајноста на најавените промени. Оттогаш до денес во владите, се обидов да избројам безуспешно, продефилираа повеќе од 200 министри.
Гледано од денешна дистанца катастрофата на македонската парламентарна демократија и на неуспесите на владините состави не се само во некомпетентноста на повеќето министри и премиери, туку и во неможноста да ја работат својата работа и компетентните и способни „слуги на народот“, што во превод означува зборот министер, вклучувајќи го и првиот министер како што некаде се означува премиерот. Суштинскиот проблем е во дефектниот систем, некои тоа со право го наречуваат фабричка грешка на македонската повеќепартиска демократија.
Системската грешка почнувајќи од првата експертска влада, па потоа сите по ред до денес, е што македонските повеќепартиски влади не се одраз на темелните уставни вредности на новиот систем поделбата на власта да биде на извршна, на законодавна, на судска, тука би ја додал и на „четвртата власт“, слободните медиуми. Напротив, овие фундаментални уставни определби на политичкиот и економскиот парламентарен систем се погрешно поставени уште во темелите за изградба на современо демократско општество.
Ако првите влади по прогласување на независноста страдаа од непознавање на максимата уште од времето на Бизмарк: „Ако има двајца професори во владата, ќе има илјада проблеми“, така во Македонија по сто и кусур години од опомената на Бизмарк владините состави беа главно професорски и во буквална смисла на функционирање.
По првите експеретско-професорски стасаа партиски влади кои тежнеат за апсолутна власт со целосно обезличување на парламентот и на грубо бришење на уставната поделба на власта. Се дојде дотаму извршната власт да се претвори во двоглави, па и троглави влади каде одлуките и законите се носат прво во партиите, а потоа само се потврдуваат во владата. Парламентот стана безначајно аминџиско друштво, каде расправите колку и да изгледаат жестоки се бура во чаша вода.
Медиумите соучесници во сеење на омраза
Судската власт не е власт, обезвластена е под силен притисок и јавни застрашувања и поради сопствениот кукавичлук и подложеност на корупција. Најеклактантен пример се заканите на премиерот Мицкоски до обвинителствата и судиите, давајќи им задачи што очекува од нив. Тие никогаш не му возвратија што тие очекуваат од власта. Ниту еден јавен обвинител не повика висок функционер да даде исказ по телевизиските и медиумски обвинувања за сторени кривични дела, корупција и криминал.
Медиумите, по пролетта и високите професионални дострели од деведесетите години на минатиот век и првите години од 21. век систематски се уништувани од политиката до нивно исчезнување. Она што е останато главно се партиски пропагандисти, секоја чест за неколку исклучоци. Новинарство е соучесник во создавањето амбиент дека е загрозен националниот идентитет на Македонците, дека компромисите со соседите се велепредавства, папагалски прифајќајќи ги партиските повици на меѓусебни поделби и омраза. Така е создавана партизираната јавност која се претвори од „судија“ на резултатите на политиката во жесток навивач за своите тимови не многу различни од „комити“, „чкембари“, „шверцери“, „ајдуци“, „пирати“, „војводи,“ „мајмуни“…
Така, длабоко навлезени во третата деценија на 21. век стасавме до најновата реконструкција на владата која, замислете, била најдобра до сега, ама по промените ќе биде уште подобра. Премиерот Мицкоски им фрли коска на навивачките групи да вршат празна слама, лесно одегнувајќи ја суштината што уште не ја видоа заслепените аналитичари, или пак ја видоа ама попаметно им е да молчат.
Се спасува ли Вреди или се намигнува на ДУИ
Се работи на стратегијата да му се помогне на коалицискиот партнер Вреди кој се обезвреднува со подредената улога во владата и одземените стекнати права. Наближуваат избори, па така некои коалициски министри на сметка на Вреди ќе заминат како колатерална штета. Реконструкцијата на самопрогласената најдобра влада со најлоши резултати е да им се помогне на албанските партнери од Вреди да се одбегне идната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ. Ако пак тоа не е можно со изборните резултати, време е да му се намигне на Али Ахмети дека може да се врати правилото за коалицирање победник со победник. Кога е во прашање да се сочува власта ќе се одработи секоја варијанта без големи потешкотии кај навивачите. Тоа е веќе проверено со ДУИ повеќе пати.
Втората голема стратегиска определба на премиерот Христијан Мицкоски и партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ е новиот изборен закон. Успешно е наметната во јавноста непостоечка дилема дека опозицијата е против тоа дијаспората да гласа. Се пуштаат драматично паролите кој е против тоа на дијаспората да ѝ се одземе правото на гласање со блокирање на законот во Собранието. Во илјадниците амандмани сигурно ќе нема ниту еден да не можат да гласаат граѓаните кои живеат и работат во странство. Тие и досега гласаа според важечките законски одредби во земјите каде што Македонија има дипломатски претставништа. Сосема други се причините што при секои избори нивното изјаснување е многу мало. Има повеќе причини за таквата незаинтересираност кои треба да се истражат и според тоа да се постапува.
Амандманите на опозицијата се мотивирани од јасно видливите намери преку изборниот закон да се контролираат изборите и да се оневозможат манупулациите со компјутерско гласање на дијаспората. Кажано наједноставно власта сака да ја озакони изборната кражба со уфрлање без контрола на гласовите на стотици илјади иселеници без оглед дали воопшто гласале, а битката против изборни нерегуларности да ја прикаже како непријателската опозиција сака да им го забрани правото да гласаат. Ако опозицијата е толку слаба колку што редовно ни соопштуваат премиерот и провладините медиуми, тогаш зошто толку голема загриженост за гласовите на македонските гласачи од дијаспората која ниту на едни избори не покажа голема заинтерсираност за гласање, за разлика од иселениците Албанци. Премиерот најави дека ќе ја спушти партиската црвена линија за дијаспората нудејќи да гласа по пошта. Само не е јасно каде ќе стигнуваат писмата на иселениците со гласачките ливчиња – во дипломатските претставништва на Македонија, или овде во ДИК. Ако доаѓаат овде, Поштата во Македонија е толку многу професионална така што не треба да се секираме за ефикасноста во испорачувањето.
Без визија за иднинатата и за последиците
И третата работа по многу нешта најважна што Македонија и натаму останува во неизвесност за својата европска припадност со членство во ЕУ. Премиерот Мицкоски бара гаранции Македонците во Бугарија да ги добијат своите загарантирани права согласно меѓународното право и конвенциите за човекови права и гаранции дека Македонија нема да се соочува со нови блокади и опструкции од субјективни причини. Мицкоски упати порака до сите 120 пратеници, вклучително и до оние кои во иднина можеби би предложиле измени без исполнување на условите.
„Ги советувам сите пратеници да не го поддржат ставот за уставни измени без да добиеме гаранции. Кога нема јас да бидам премиер, можеби ќе има друг кој ќе ви одговори поинаку“, рече тој.
За ваквите навистина „храбри“ определби за да не дојде до нови велепередавста треба под итно да се донесат уставни измени со кои Мицкоски ќе се прогласи за доживотен премиер, оти без него отиде државата во неврат со изгубените идентитетски посебности.
Но, што правиме со гаранциите што треба да ги дадат премиерот и владата на македонската јавност. Има ли гаранција дека без компромиси Македонија ќе ги деблокира преговорите со ЕУ и ќе ги оствари реформите, дека заедно со Албанија ќе стане членка на ЕУ. Колкави се шансите да се оствари најголемата стратегиска државна и национална определба. Премиерот Мицкоски, како што вети во предизборните кампањи дека ќе ги поништи штетните договори со Грција и со Бугарија, и сега може да вети комотно дека ќе ги обезбеди правата на Македонците во Бугарија, ќе успее да ги отстрани блокадите од Бугарија и од други членки на ЕУ, ќе ги заврши реформите за две години и заедно со Албанија ќе станеме членка на ЕУ.
Има ли некој разумен во државата што може да верува во тоа. Мислам дека и самиот тој не верува во таква можност. Затоа и не ветува такво нешто, туку ги чека гаранциите однадвор кои никогаш нема да ги добие.
Премиерот Мицкоски има историска одговорност за последиците што ќе се случува со државата во иднина со неговите гаранции што ги бара од ЕУ и од Бугарија, а не им нуди никакви гаранции на своите граѓани, или како што милува да каже на „неговиот“ народ. Засега единствената гаранција што ја даваат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ секој ден е скап лет во место и додека е тој премиер и неговата партија на власт ќе нема преговори со ЕУ и ќе нема членство во ЕУ. Колкава е штетата од тоа ќе се дознае предоцна кога тоа ќе се случи. Така е кога се нема визија за иднината и кога компромисите се прогласуваат за велепредавства. Тогаш ќе нема никакво значење сознанието дека компромисите биле помалку штетни од последиците, исто како што сега дознаваме дека неприфатените компромиси пред 20, пред 15 и пред 10 години биле подобри.