Ребаланс на буџетот со стари клишеа

Гледајќи ги бројките во предложениот ребаланс на буџетот, сѐ што според економската теорија и пракса треба да се намалува, владата предлага да се зголеми, а сѐ што треба да се зголеми владата предлага да се намали


Ребалансот на буџетот беше најавен уште по завршувањето на првиот квартал кога бомбастично беше објавена „историски“ највисоката реализација за капитални трошоци. Сега истите гласноговорници молчат бидејќи капиталните расходи драстично паднаа и во ек на градежна сезона, во мај, тие се на „историски“ ниско ниво, под милијарда денари.

Притоа се занемаруваше фактот за енормно високиот дефицит и тој се оправдуваше дека е резултат токму на високите капитални расходи, неплатени од минатата година.

Но како времето одминуваше ребалансот се одолговлекуваше. Приходите не се реализираа со саканата динамика, расходите го надминуваа проектираното ниво, проектираниот годишен дефицит беше реализиран во првите пет месеци. Сѐ поочигледно беше дека државните финансии се во исклучително тешка состојба, но таа во јавноста медиумски умешно се камуфлираше.

Јавноста беше убедувана дека буџетот е во одлична кондиција, дека дефицитот се менува на дневна основа и не треба да се гледа на краток период, како што тоа го прават аналитичарите и критичарите на власта, и под никакви услови дефицитот нема да се зголеми. Се велеше дека  доколку е потребно ќе се врши прераспоредување на расходите во рамките на постојното ниво на расходи. Барањето решение во владата се одвиваше во насока на намалување расходите, според министерката за финансии за 5 отсто кај секој буџетски корисник, со тоа да се намали дефицитот, а притоа да не се покаже слабост во исполнување на партиските ветувања. 

Сепак, настојувањата на владата и барањето на реално, рационално и целисходно решение завршија неуспешно. Предложениот ребаланс на буџетот е со зголемени расходи, со историски највисок номинален дефицит на буџетот, со раст на задолжувањата во странство и на домашниот финансиски пазар.

Гледајќи ги бројките во предложениот ребаланс на буџетот, сѐ што според економската теорија и пракса треба да се намалува, владата предлага да се зголеми, а сѐ што треба да се зголеми владата предлага да се намали. Се намалува проекцијата на раст од 3,8 на 3,1 отсто, наспроти фалбите за развоен буџет со историски најголеми капитални трошења. Се  зголемува задолжувањето во земјата и странство од 121 на 140 милијарди денари. Очекувано е  кога се предлага зголемување на расходите за 11,6 милијарди денари адекватно да се зголемат приходите во буџетот како резултат на растот на економијата. Но тие остануваат  речиси на исто ниво, бидејќи зголемување има само како резултат на донации. Се намалуват даночните приходи за речиси една милијарда, ама затоа на расходната страна се зголемуваат разните трансфери, кои секогаш претставуваат тајна за што се трошат. Се проектира зголемување на платите ама нивото на приходи од придонеси останува исто. Наспроти тоа се проектира раст на инфлацијата што значи граѓаните дополнително ќе осиромашуваат, а државата ќе троши повеќе.

Појаснувањата за зголемени расходи се дека ќе растат капиталните трошоци заради дополнителни деведесетина милиони евра во инфраструктурни објекти. Но споредбата на буџетот и ребалансот не покажува започнување на нови објекти. Дали се потврдува фактот дека проектите по општините кои требаше да се финансираат од унгарскиот кредит сега ќе се финансираат со ново задолжување, иако тоа сака да се оправда со наводна забрзана реализација? Дали вредноста на тие и други проекти финансирини од државата ги надминуваат првобитно планираните износи и има потреба од дополнителни финансирања? Дали повторно се камуфлира неспособноста во планирање и реализација на проектите од страна на функционерите на локално и државно ниво, или е во прашање злоупотреба на процесот на јавни набавки?

Конечно, меѓу редови, владата во предложениот рабаланс призна дека има проблеми во повратот на ДДВ и затоа ги зголеми трансферите за ДДВ.

Внимателното следење на изјавите на премиерот и министерката за финансии, ја соголија вистината дека состојбите не одат во саканиот правец, но имаат потреба да го вперат прстот во некој кој би бил одговорен. Покрај досега постојано барање на оправдување дека последиците од владеењето на СДСМ и ДУИ тешко се лечат, на тапет се најдоа и нивните партиски другари од минатото и денес.

Така, министерката за високата стапка на инфлација го впери прстот кон гувернерот на Народната банка и дека владата нема никаква надлежност, што е ноторна невистина. Иако се самостојни, извршната власт која ја води фискалната политика и Народната банка надлежна за монетарната, тие не можат одвоено и без координација да дејствуваат, а уште помалку дијаметрално спротивставени да работаат еден против друг. Министерката не остана должна ни на поранешниот прв човек на владата од нејзината партија, Никола Груевски, и дискретно ја обвини политиката за привлекување на странски инвестиции која се состоеше од даночни ослободувања на инвеститорите, како причина за намалени приходи во буџетот. Сѐ поприсутно е тврдењето дека реформата на пензискиот систем започната и креирана од нивната партија, ВМРО-ДПМНЕ, во двеилјадитата година не ги даде очекуваните резултати.

Ребалансот покажа дека владата нема намера да менува ништо во однос на досегашното водење на политиката во областа на финансиите. Применува веќе видени клишеа, иако се свесни каде водат тие. Повеќе од јасно е дека ребалансот е исклучиво во функција на партиските ветувања. Доволен показател е тоа што само пред некој месец на предлог на владата се усвои фискалната стратегија, според која дефицитот на буџетот се проектира на 3,5 отсто, што би бил државен интерес. Со предложениот ребаланс тој ќе биде 4,1 отсто од проектираниот БДП, што е во функција на партиските ветувања.

Се редат обвинувања на секој и секого, но најмалку вина гледаат кај себеси. Нема измени во прибирање на приходите на државата. Нема измени во планирање на расходите. Без анализа кој како ги троши буџетските пари, без анализа како е најцелиисходно и најрационално да се трошат е незнаење и дезориентираност. Не може во ист кош да ги ставите и буџетските корисници кои вложуваат во развој и корисниците кои се трошаџии за плати и други трансфери.

Проблемот во Македонија е структурен. Се намалува бројот на работоспособно население, се зголемува бројот на корисници на социјална помош. Можеби затоа владата презема „реформски чекор“  и ја преиспитува бројката на приматели на социјална помош, сметајќи дека има простор за вештачко намалување на нивниот број. Не е решение што наредните шест месеци државата законски „ќе украде“ два процентни поени од придонесите за Агенцијата за вработување и ќе префрли во пензискиот фонд, наместо да се бара системски долгорочно решавање на исплатата на пензии.

Сѐ додека вината се бара кај друг без притоа се собере храброст да се согледаат сопствените грешки и да се преземат чекори кои партиски би биле непопуларни  подобрување нема да има. Цената ќе се плати, побрзо или подоцна. Одложувањето само ќе ја зголеми.

(Слободан Најдовски е економски аналитичар)