Уцени и закани


НИКОЛА ПОПОВСКИ

Веќе е јасно како бел ден дека во оваа 2019 година во ЕУ нема да се донесе одлука за почеток на преговори на Македонија за членство во Унијата заради негативниот став на Франција кон нашата земја и дека тоа прашање повторно ќе се разгледува во 2020 година, иако однапред се знае дека во 2020 ќе се соопшти дека прашањето ќе се разгледа во 2021 година и сè така додека самите не решиме која ни е целта и не сфатиме што сакаме за нас во иднина. Реченицата за одлагање на одлуката ја слушаме веќе 15-ина години и таа веројатно уште долго ќе ни се соопштува на два-три дена од датумот во кој Македонија и особено нејзината влада се колнеле дека ќе е историски и ќе ги оправда сите отстапки што ги направи кон своите соседи што веќе се членки на Унијата и што постојано се закануваат со своето право на вето.

Искрено, одлуката на Франција и не е некое изненадување. Таа е резултат на француските фрустрации од историјата на оваа земја во минатиот век и сопственото уверување дека тие се некоја голема и важна сила во светот што треба да носи одлуки за големо „не“ кога сите други се „за“, а свесни се дека не се. Се сеќавате како таа „голема“ Франција воено и економски беше прегазена во Втората светска војна, па на крајот мораше да ја ослободуваат странски војски, односно оние на САД и В. Британија за да не ѝ се случи да биде ослободена од страна на Црвената армија на Советскиот Сојуз и токму таа да вмаршира во Париз? Сигурно се сеќавате на тоа.

Знаете дека во текот на минатиот и почетокот на овој век големината на економијата на Франција, мерена преку обемот на нејзиниот БДП беше надмината од економиите на Јапонија, Германија и НР Кина, а дека се на пат за да бидат надминати и уште од четири економии во светов во наредните 2-3 децении? Тоа се фрустрации што треба да се зацелат.

Македонија е одлична шанса за тоа. Заедно со Албанија. А најдобра шанса се укажа со „Брегзит“ за кој Французите беа и сè уште се најзаинтересирани. Без присуството на В. Британија уште само Германија остана таа што е поголема и помоќна од Франција, а тие го сонуваат недосонуваниот сон на нивниот Наполеон дека еден ден ќе се најголеми во Европа. Русија, секако е исклучена од анализата иако таа, сама по себе, е доволна за сонот да не може ниту да се сонува.

Згора на сè, Франција и нејзините политички елити сега ни кажуваат дека за нив „Преспанскиот договор нема никаква врска“ и дека „тоа е историски договор, но не е директно поврзан со процесот на проширување, па не треба да се очекува дека тој ќе го одблокира процесот на проширување“. Тие веројатно сметаат дека името на земјата не е сменето за да ги одблокира македонските интегративни процеси во НАТО и ЕУ, туку дека Македонија беше несреќна со своето име, па после промената стана пресреќна. Извинете што така мора да се изразам, но јадна е Франција што така мисли. Но да ја оставиме во својата игра да се доигра.

Единственото нешто за што можеби треба да ѝ се заблагодариме на оваа земја е фактот што со својот потег ќе нè заштити од дополнителната бламажа за која веќе формално се изјасни дека сака да ни ја наметне Бугарија. Јадна и таа. Смета дека сите свои фрустрации од минатото ќе ги избрише со уцените кон Македонија и особено кон македонскиот народ. Тие, пак, сакаат да почнеме преговори за членство во ЕУ така што ќе им се извиниме за нечистите игри што ги играа за време на илинденскиот период и потоа нивната окупација и ѕверства во текот на Втората светска војна и дека ние јавно ќе се самопоништиме себеси соопштувајќи дека од најобични Македонци сакаме да станеме нивни второкласни Бугари. Тоа, жаргонски би рекле, ќе оди малку потешко.

Во оваа пригода кога го славевме празникот на нашето востание против фашистичката окупација и фашизмот како појава треба да се потсетиме дека тоа востание ниту било случајно ниту неочекувано и дека не е воопшто запрепастувачки што е кренато од мала група млади луѓе што биле организирани во рамките на партија што немала повеќе од илјада членови, но со јасна цел и визија како тоа да го оствари. Во рок од само четири години по востанието, малиот но одважен број прилепски востаници до почетокот од 1945 година прерасна во стоилјадна македонската народноослободителна партизанска војска и ги обезбеди темелите на современата македонска држава. Таа тогаш се роди за да остане, а не за да биде предмет на секојдневни уцени од поразените.

Во една кратка брошура од околу 80 страници, издадена во 1979 година, командантот на македонската партизанска војска, генералот Михајло Апостолски, дава одговор на мемоарската книга на Бугарката Цола Драгојчева, секретар на БКП за време на Втората светска војна и подоцна долгогодишен член на Политбирото на БКП. Во книгата таа ги изнесува своите великобугарски и националистички ставови кон Македонија и Македонците, но Апостолски во својот одговор ја потсетува дека: „Основниот фалсификат што го прави Драгојчева во своите мемоари се сенародното вооружено востание на македонскиот народ што започна на 11 октомври 1941 година, четиригодишната крвава пресметка со бугарскиот фашизам и резултатите што произлегоа од востанието. За тоа кај неа нема ниту еден збор, бидејќи е јасно дека сето она што го постигна македонскиот народ во народноослободителната војна, она што го постигнува денес е резултат на неговата вооружена борба. Ете зошто Драгојчева ниту со еден збор не го спомнува создавањето на Народноослободителната војска, народната власт, не го споменува создавањето на Комунистичката партија на Македонија во екот на војната, одлуките на историското Прво заседание на АСНОМ“. Во овој одговор на Апостолски се наѕира единствен одговор не само на тогашната негаторска позиција што тој ја нарекува великобугарска и не само на погрешната завојувачка бугарската стратегија за време на Втората светска војна, туку и на денешната бугарска политика која ни милиметар не се помрднала ниту се променила од нив. Имено, денешната бугарска политика кон Македонија е речиси, ако не и целосно идентична со онаа на бугарските фашисти и на бугарските комунисти по 1948 година.

Проблемот е што тие бугарски политики тогаш беа под закрила на Хитлеровата нацистичка Германија и подоцна под менторство на советскиот социјализам во вид на информбировска одмазда, а денес молчешкум се под срамна заштита на ЕУ. Онаа во која сите се залагаат за човекови права и демократија и во која Франција, во веќе видливото отсуство на Велика Британија и дефанзивата заради здравствени причини на Меркеловата Германија сака да биде главниот политички арбитер. Но, ваква, таа е поблиска до Вишиевата Франција на маршалот Филип Петен отколку до онаа на антифашистот Де Гол.

Во целиот проблем веројатно најголемиот товар е што ние самите не успеавме да дадеме соодветен одговор за себеси и за светот. Одговор, на пример, во вид на пресметка со криминалот, борба со корупцијата, заштита на правната држава, владеење на законите и достоинствени институции. За жал, ние испорачуваме неказнивост на криминалот, здружување на криминалот од сите партиски и идеолошки бои, корупција што цвета, носители на врвни државни функции (поранешни и сегашни) што цел мандат се влечкаат по кривични судови и никаков видлив напредок. Во такви услови дури и без глупавите уцени ние тешко ќе напредуваме.