Убедлива победа на Алкалоид против Бутел


Ракометарите на Алкалоид вечерва постигнаа убедлива победа од 37:21 во дуелот од 9.коло од плеј офот од Супер лигата против Бутел на домашен терен. Ова беше 20-та победа за тимот на Алкалоид во првенството и вкупно 15.та победа во 16-тиот меѓусебен дуел против Бутел.

Гостите имаа водство од 3:2, но потоа Алкалоид со серија од 7-0 направи пресврт и ја навести убедливата победа.

На полувреме беше 19:11 за Алкалоид, а брзо на стартот на почетокот на вториот дел Алкалоид имаше и двоцифрена предност.

Најефикасен на дуелот беше Улфар Тордарсон со 8 голови, а кај Бутел Мице Шилегов постигна 5. Одличен на голот на Алкалоид беше младиот Ѓорѓи Николовски, кој имаше 12 одбрани.

На другите два дуела од претпоследното коло: Охрид – Еурофарм Пелистер 22:25 и Вардар – Тиквеш 36:26.

Лидер и нов шампион е Вардар со 58 бодови, пред Е.Пелистер и Охрид по 50, додека Алкалоид има 44.