Никола Јокиќ се враќа во репрезентацијата на Србија
Прашањето дали Никола Јокиќ повторно ќе игра за српската репрезентација е една од главните теми на српската кошаркарска јавност речиси секое лето. Неизвесноста дополнително се зголеми откако Србија не освои медал на Евробаскетот во Рига, но и по промената на селекциската клупа. Новиот селектор Душан Алимпијевиќ сега ја објави веста што српските фанови ја чекаа долго време: најдобриот кошаркар во светот треба да се врати во репрезентацијата.
Алимпијевиќ потврди дека Јокиќ треба да игра за Србија во репрезентативните прозорци во јули и август, додека ситуацијата со капитенот Богдан Богдановиќ е малку покомплицирана. Во интервју за Моцарт Спорт, Алимпијевиќ откри дека е во постојан контакт со трикратниот МВП на НБА од првиот ден на неговата нова позиција. Тренерот моментално е во Атина, каде што го следи Фајналфорот на Евролигата.
„Никола Јокиќ треба да биде достапен во двата прозорци, во јули и август“, рече српскиот тренер. Србија ќе игра против Швајцарија на 2 јули, а три дена подоцна, на 5 јули, ќе ја пречекаат Босна и Херцеговина во Белград.
Алимпијевиќ нагласи дека е свесен дека јавноста е најзаинтересирана за неговиот однос со Јокиќ и нагласи дека никогаш немало сомнеж во неговиот настап.
„Ништо не беше спорно од првиот момент. Со Никола бев во контакт откако ја презедов функцијата селектор, а комуникацијата со него се одвива на наједноставен можен начин. Тој навистина живее за репрезентацијата, иако можеби на некои понекогаш не им изгледало така. Тој е многу мотивиран кога станува збор за репрезентацијата. Им се јави на соиграчите и им се заблагодари за нивната борба во претходните натпревари“, рече Алимпијевиќ.