ФИФА Светско првенство 2026: Дали ова е најисклучувачкиот турнир во историјата?
Светското првенство на ФИФА претставува врв на најпопуларниот спорт во светот. Со децении, турнирот се рекламира како едномесечен спектакл во кој границите се бришат и милијарди луѓе се собираат — без разлика дали пред телевизор, во кафе-бар, паб или на стадион — за да видат кој ќе го подигне најпосакуваниот трофеј.
Иако Светското првенство речиси секогаш било игралиште за богатите и познатите, овогодинешниот турнир — кој ќе се одржува од 11 јуни до 19 јули 2026 година во Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико — се чувствува малку поинаков.
Турнирот — со три земји домаќини, 48 земји учеснички и ветување дека ќе биде најголемиот досега — продолжува да биде засенет од огромно високите цени на картите, затегнатите гранични контроли, ограничувањата за патување и растечкиот авторитаризам во САД. Неизвесноста околу патувањето и трошоците за карти, комбинирани со нестабилната домашна ситуација, ги оставија фановите и следбениците донекаде разочарани.

Високи трошоци, долги растојанија
Картите за Светското првенство секогаш биле скапа работа. Но, уште пред фановите да стигнат до купување карти, одлуката на ФИФА турнирот да се одржува низ три огромни земји, со големи растојанија меѓу нив, го направи турнирот фрагментиран уште од самиот почеток. Нема ниту обединет културен идентитет, ниту географска специфичност која би го направила турнирот толку кохезивен како кога домаќини беа Јужна Африка, Бразил или Катар.
И покрај тоа, фудбалот си е фудбал, и фановите ќе ја пропатуваат планетата за да ги гледаат своите омилени тимови. Но, патувањето во САД за многумина ќе значи долги и скапи трансатлантски летови, кои можат дополнително да поскапат поради можниот недостиг на авионско гориво предизвикан од американско-израелската војна против Иран. Откако ќе стигнат во САД, патувањето помеѓу локациите низ земјата во повеќето случаи ќе бара дополнителни авионски или возни карти, плус сместување. Некои фанови дури можеби ќе мораат да патуваат помеѓу САД, Мексико и Канада ако сакаат да гледаат повеќе натпревари и тимови, што дополнително ги зголемува трошоците.
Фановите честопати штедат со години пред турнирот и чекаат ФИФА, светската фудбалска организација, да ги отвори дигиталните прозорци за лотарии за карти, за да имаат шанса да добијат билет. Тоа не значи дека нема побарувачка за турнирот. Во првиот круг од продажбата на крајот од 2025 година, ФИФА доби околу 20 милиони барања за карти. До јануари 2026 година, ФИФА пријави дека примила 500 милиони барања за билети. Надвор од земјите домаќини, најголемиот број апликации дојдоа од фанови од Аргентина, Бразил, Колумбија, Англија, Германија, Португалија и Шпанија.
Меѓутоа, разликата во цените е огромна. Додека претходните Светски првенства во Јужна Африка, Бразил, Русија и Катар нудеа субвенционирани цени за локалното население, за овогодинешниот турнир нема таква федерална поддршка. Картите за натпреварите во САД се најскапи, но цените во Канада и Мексико не заостануваат многу.
Според „Си-ен-ен“, цените за отворањето на турнирот во Мексико, во вториот круг од продажбата во април 2026 година, се движеле од 3.000 до 10.000 долари. И покрај некои намалувања во последните неколку недели поради падот на побарувачката и нестабилноста на пазарот за препродажба, цените на картите го направија турнирот недостапен дури и за најлојалните локални навивачи.

„Познавам десетици луѓе кои патувале на Светски првенства низ светот, или дури и на Олимписките игри во Париз, но многу малку од луѓето што ги знам купија карти за ова“, изјави за „Мидл ист ај“ (Middle East Eye) Џенифер Мулер, член на управниот одбор на навивачката група „Клауд 9“ (Cloud 9) од Њујорк.
Искуството на Мулер не е единствено. Фановите низ САД изразуваат разочараност поради цените. Во Атланта, сопственик на локално спортско списание изјави дека фановите купуваат карти кои чинат колку една месечна рата за хипотека.
Во декември 2025 година, ФИФА воведе нова категорија „влезни карти“ по 60 долари, но набљудувачите ја оценија оваа мерка како чист пропаганден потег, бидејќи станува збор за само неколку стотини карти по натпревар. Исто така, Град Њујорк објави минатата недела дека преку лотарија ќе резервира 1.000 карти по цена од само 50 долари за локалните жители.
Проблеми со транспортот
Но, картите за натпреварите се само почеток. Откако ќе обезбедите билет, треба да стигнете до стадионите.
Во Мексико и Канада транспортот до стадионите на кои се играат натпреварите најверојатно ќе биде поедноставен. Во САД фановите се предупредени дека можеби ќе трошат стотици долари само за да стигнат до центарот на градот, до стадионот и назад. „Асошиејтед прес“ објави дека цените на возните билети од Њујорк до стадионот скокнале 12 пати повисоко од вообичаената цена.
„Јас живеам на 12 милји од стадионот ‚Метлајф‘ (MetLife Stadium). Дури и ако билетите ми паднат во скут, немам поим како би стигнала до стадионот без да потрошам над 100 долари за патување од 12 милји“, изјави Мулер.
Но, има и други разочарања. Фан-зоните, кои се многу популарни низ светот за време на турнирот и обично се бесплатни, во неколку американски градови беа претворени во настани за кои се плаќа влезница. По критиките, некои градови, како Град Њујорк, ја откажаа таксата за влез. Сепак, некои градови ќе продолжат да нудат „премиум“ секции во фан-зоните за околу 200-300 долари по лице.
Комбинацијата од екстремно високи трошоци, огромни растојанија и недостигот од јасен посебен идентитет придонесоа турнирот да делува како ништо повеќе од огромна машина за профит.
„Џани Инфантино, претседателот на ФИФА (FIFA), постојано зборува како овој Светски куп ќе донесе 11 милијарди долари за неговата организација. Не би се изненадил ако всушност надмине и 11 милијарди“, изјави за „Мидл ист ај“ Џулс Бојкоф, автор на книгата „Црвен картон: Светскиот куп 2026, спортвошинг и машинеријата за алчност на ФИФА“ (Red Card: The 2026 World Cup, Sportswashing, and the FIFA Greed Machine). „Тоа се повеќе пари од кој било спортски настан во историјата на светот“, додаде тој.
Ограничувања за патување
За милиони фанови низ Африка, Азија и Блискиот Исток, патувањето во Северна Америка не е само скапо – туку е во голема мера недостижно. Цените на летовите и сместувањето се превисоки, а потоа доаѓа дополнителната пречка – визите.
САД одржуваат еден од најстрогите визни режими во светот. Посетителите од глобалниот Југ се очекува да достават детални финансиски извештаи, историја на вработување, податоци за најблиските роднини, да присуствуваат на интервјуа лице в лице и да плаќаат високи такси само за можноста да аплицираат.
Сега постои и дополнителен слој на проверка преку социјалните мрежи за апликантите за неимигрантски визи, наводно за да се филтрираат заканите за националната безбедност. Но, многумина обвинуваат дека владата го користи ова за да ги отфрли оние со политички ставови со кои не се согласува администрацијата на Трамп.
Додека Русија во 2018 и Катар во 2022 година воведоа посебни системи за влез за сопствениците на карти, САД воведоа нови пречки за фановите низ светот, особено за оние од посиромашните земји.
Во декември 2025 година, Трамп стави 39 држави, вклучувајќи и четири земји кои учествуваат на турнирот, на листата за забрана за патување. Хаити и Иран добија целосна забрана, додека Сенегал и Брегот на Слоновата Коска добија делумна забрана.
Поради безбедносните грижи поврзани со американско-израелската војна против Иран, Техеран побара неговите натпревари да се преместат во Мексико. Барањето беше одбиено. Американската влада, исто така, воведе „визен депозит“ за патници од 50 држави. Ова бара посетителите да платат депозит од 5.000 до 15.000 долари на Стејт департментот пред да добијат виза.

Во средината на мај, Вашингтон ги ослободи сопствениците на карти од земјите учеснички од плаќањето на овој депозит. Ова се однесува на Алжир, Кабо Верде, Брегот на Слоновата Коска, Сенегал и Тунис.
„Ројтерс“ објави дека членовите на квалификуваните тимови и персоналот, исто така, може да бидат ослободени од депозитот.
„Остануваме посветени на зајакнување на приоритетите за национална безбедност на САД, истовремено олеснувајќи го легитимното патување за претстојниот Светски куп“, изјави Мора Намдар, официјален претставник во Одделот за конзуларни прашања на Стејт департментот.
Според Шеик Там, сенегалски организатор на заедницата во Атланта, Џорџија, неколку членови на Сенегалската фудбалска федерација, како и групата навивачи што обично го следат африканскиот шампион низ светот, не добиле визи за патување во САД. Ова значи дека додека голем дел од локалните навивачи се исклучени поради цените, други се ефективно блокирани да присуствуваат.
– Сега се обидуваме да работиме со амбасадата за да видиме како да ги добиеме картите поевтино, за барем да можеме да ги платиме летовите и да го поддржиме тимот – изјави Там за „Мидл ист ај“.
Студениот ефект на ИЦЕ (ICE)
Набљудувачите одамна тврдат дека големите спортски настани им овозможуваат на земјите домаќини да го искористат турнирот за унапредување на своите политички и економски цели, како и за градење на сопствениот имиџ. Бенито Мусолини го искористи Светското првенство во Италија во 1934 година како средство за легитимирање на фашизмот, исто како што направи и Адолф Хитлер на Олимписките игри во Берлин во 1936 година.
Неодамна, индискиот десничарски хинду премиер Нарендра Моди го искористи Светскиот куп во крикет во 2023 година за да го прикрие насилството врз муслиманите и другите малцинства. Претходните турнири на Светското првенство на ФИФА во Бразил (2014) и Јужна Африка (2010) беа придружени со инциденти на урбано раселување, присилни доселувања, засилени безбедносни мерки и „чистење“ на јавниот простор за да им се направи место на туристите и корпоративните спонзори.
Светското првенство во Катар во 2022 година, исто така, беше изградено на грбот на експлоататорски пракси со мигрантската работна сила, и покрај сјајната фасада на турнирот. Овој феномен, познат како „спортвошинг“ (sportswashing — перење на имиџот преку спорт), како што тврдат научниците како Бојкоф, обично се користи за опишување на постапките на државите надвор од глобалниот Север.
– Тоа не значи дека во Русија или во Катар нема огромни проблеми со човековите права. Тие се добро документирани и се реалност, но луѓето честопати замижуваат пред кршењето на човековите права во Соединетите Американски Држави или едноставно не ги нарекуваат така – додаде Бојкоф.
Но, спортвошингот е токму логиката на која администрацијата на Трамп најверојатно ќе се потпре во својот пристап кон турнирот.
– И сосема искрено, ако Светското првенство има некакви позитивни ефекти, тоа би можело да им ги отвори очите на многу луѓе за двојните стандарди за кои зборуваме тука, па да почнат да гледаат на Соединетите Американски Држави и на другите таканаречени демократии низ покритична лупа, која предвид ги зема и нивните проблеми со човековите права – рече Бојкоф. Под Трамп, САД сè повеќе покажуваат поширока клима на исклучување и непријателство кон луѓето со различна боја на кожата.
Ова доведе до насилни имиграциски рации и притвори во градовите низ САД, додека Трамп маршира кон своето ветување за спроведување масовни депортации.
„Гледаме како маскирани, вооружени федерални службеници се распоредуваат на начин кој ги тероризира имигрантските заедници низ целата земја, а не само во градовите домаќини поврзани со Светското првенство“, изјави за „Мидл ист ај“ Џамил Даквар, директор на програмата за човекови права на Американската унија за граѓански слободи (ACLU).

Досега американската влада одбива да даде гаранции дека граѓаните кои не се од САД ќе бидат безбедни од рациите на Службата за имиграција и царина, позната како ИЦЕ (Immigration and Customs Enforcement — ICE), на стадионите.
„Водиме континуиран разговор за ова“, одговори тој. „Една работа е сигурна, го познавам претседателот 25 години. Претседателот не исклучува ништо што ќе помогне американските граѓани да бидат побезбедни“, изјави за медиумите во декември 2025 година Ендрју Џулијани, извршен директор на Работната група на Белата куќа за Светското првенство на ФИФА 2026.
На еден натпревар од Светското клупско првенство на ФИФА во Њу Џерси, во јули 2025 година, татко на две мали деца беше уапсен од страна на ИЦЕ.
Атмосферата во САД стана толку тензична што активистите предупредија дека дури и сопствениците на валидни визи може да се соочат со притвор, инвазивно испрашување или агресивно спроведување на имиграциските закони при влезот во САД.
На крајот на април, АКЛУ издаде предупредување за патување, предупредувајќи ги странците за ризиците од посета на САД — вклучувајќи ја можноста за арбитрарен (произволен) притвор и депортација; инвазивна проверка на социјалните мрежи и расно профилирање; задушување на слободата на говорот; надзор; па дури и ризик од нехуман третман или смрт во притворските установи.
Даквар рече дека верува оти ова е првпат во модерната историја АКЛУ да издаде толку остро предупредување за патување поради спортски настан од вакви размери.
„Во текот на изминатата година стапивме во контакт со ФИФА и во повеќе наврати ги покренавме овие прашања и загрижености, особено околу насилното спроведување на имиграциските мерки“, рече Даквар.
„Ги предупредивме за влошувањето на ситуацијата со човековите права под администрацијата на Трамп, вклучувајќи ги нелегалните и неуставните имиграциски пракси каде поединци беа притворани и депортирани без соодветна законска постапка, а во некои случаи имаше и обиди за депортација на постојани легални жители поради нивниот активизам во поддршка на палестинските права.
„Насилното распоредување на вооружени федерални сили, вклучително и Националната гарда, според моето мислење, е нешто што го немаме видено во изминатите многу децении. Тоа ги погодува не само мигрантите или барателите на азил, туку и случајните минувачи, луѓето кои ги следат настаните, репортерите, па дури и легалните жители“, додаде Даквар.
Застапниците на човековите права како Даквар се исто така загрижени за тоа што може да им се случи на посетителите кои ги изразуваат своите политички ставови, вклучително и изразувањето поддршка за палестинските права. За време на Светското првенство во Катар, навивачите од целиот арапски свет ги претворија стадионите и јавните простори во видливи изрази на солидарност со Палестина.
Човекови права во САД
Меѓутоа, активистите и навивачите се свесни дека ваквите манифестации најверојатно нема да бидат толерирани на ист начин во САД.
„Не успеавме да добиеме обврзувачки гаранции од ФИФА или од федералната влада дека луѓето што ќе присуствуваат на Светското првенство нема да бидат подложени на истите насилни или авторитарни пракси, вклучувајќи смртоносна употреба на сила, профилирање, нехуман притвор и брза депортација без соодветна законска постапка. Ако ова може да им се случи на постојаните легални жители, па дури и на граѓаните, тогаш секако може да им се случи и на посетителите кои доаѓаат во земјата“, рече Даквар.
Иако АКЛУ е загрижена за тоа како може да бидат третирани посетителите, таа исто така е загрижена и за правата на луѓето кои веќе се наоѓаат во САД, од кои многумина протестираат против политиките на Трамп.
Токму оваа недела, работниците на стадионот „Софај“ (SoFi Stadium) во Инглвуд, Калифорнија, каде што е предвидено да се одиграат неколку натпревари од Светското првенство, побараа ИЦЕ да нема никаква улога на турнирот. Работниците изразија загриженост дека ФИФА ќе ги споделува нивните информации и податоци со ИЦЕ и со разузнавачките агенции на странски земји.

„Не можеме да го славиме Светското првенство додека работниците, туристите, имигрантските семејства и локалните заедници се натерани да се чувствуваат небезбедно. Лос Анџелес треба да биде град на добредојде — а не на страв“, се вели во соопштението испратено до „Мидл ист ај“ од Јоланда Фиеро, работничка на стадионот и членка на синдикатот „Јунајт хир локал 11“ (Unite Here Local 11).
Застапниците и активистите велат дека тие не ги повикуваат странците да го избегнуваат или да го бојкотираат турнирот.
„Ова е повик за претпазливост — за свесност за ризиците, за подготовка и за планирање на безбедноста“, рече Даквар.
„Повеќе од сè, ова е исто така сигнал до ФИФА дека треба да преземат одговорност и да го искористат своето влијание за да осигураат дека ова Светско првенство нема да стане простор каде што се нормализираат насилните пракси и широкораспространетото кршење на човековите права, и каде што луѓето ќе бидат изложени на надзор, депортација, апсење, притвор или други прекршувања“, додаде тој.
На крајот на денот, навивачите и активистите се добро свесни дека, и покрај нерамноправноста, репресијата и двојните стандарди, „најголемото шоу на Земјата“ ќе продолжи.
„Верувам дека можеме и да уживаме во акцијата на теренот и да ги поддржуваме работниците-спортисти на теренот, но и да ја критикуваме ФИФА за начинот на кој, во основа, ја претвора играта на народот во игра за плутократите (богаташите)“, рече Бојкоф. (Middle East Eye – Лондон)