Трка што мора да ја добиеме


ЗДРАВКО САВЕСКИ

Ситуацијата со климатската криза е крајно сериозна, далеку посериозна од третманот што ѝ го даваат медиумите во Македонија. И толку сериозна што по објавата дека овој јули беше најтопол месец во историјата на човештвото, за 23 септември генералниот секретар на Обединетите нации закажа самит на светските лидери. Колку е сериозна работата кажува и барањето на генералниот секретар светските лидери да се појават на самитот со конкретни планови што планираат да направат до 2020 година. Празните зборови веќе станаа одвишни и – контрапродуктивни. Тоа го кажува и најавата на самитот: се работи за трка која може и мора да ја добиеме.

Трка? За каква трка станува збор? Поради ноншалантноста на власта и незаинтересираноста на медиумите, не чуди што луѓето во Македонија не се информирани ниту за климатската криза ниту за ургентноста од преземањето мерки за нејзино спречување. А последиците ќе бидат катастрофални. Не само за луѓето по островите во Пацификот, не само за тие во Африка, туку и за нас самите. И не за генерациите што ќе живеат по 100-200 години. Зборуваме за последици (високи температури, суши, поплави, пожари, глад, жед, преселби, сиромаштија) кои нас ќе нè снајдат во следните 10-20 години. Ако под итно не се преземе не „нешто“, туку драстични мерки што ќе го променат начинот на производство и потрошувачката. Фактички, поради пропуштените години, потрошени во глума дека нешто се презема, сè повеќе се кристализира уверувањето дека без системски промени едноставно не може да се неутрализираат климатските промени.

И затоа, ние веќе го немаме луксузот да дебатираме дали постоеле климатски промени или не. Немаме време ниту да се залажуваме дека ќе се извлечеме со полумерки. Сето тоа време се потроши во претходните децении. Сега, ако сакаме да ја добиеме трката, потребен ни е квантен скок во пристапот кон работите. Прво, треба информирање за луѓето да станат свесни за големите опасности кои ги очекуваат во блиска иднина поради климатската криза. Второ, треба точно лоцирање на коренот на проблемот. Капитализмот многумина не само што не го гледаат како проблем, туку го сметаат за пожелен економски и општествен систем кој, уште повеќе од тоа – нема алтернатива. А, сето тоа – додека тој нè турка во провалијата. И трето, не треба само зборување, туку итно организирање.

Кога еден систем го турка човештвото во пропаст, тој систем мора да биде променет. И во светлината на тоа сознание, станува јасно дека станува збор за систем кој си го одживеал времето, кој го изгубил својот легитимитет и смислата за постоење. Заврши времето кога приврзаниците на капитализмот можеа од интелектуална и морална висина да го фалат. Зашто пред фактите, капитулираат сите прикаски за неговата пожелност и ефикасност. Ефикасност за што? За трупање огромно богатство во тесен круг на сметка на уништувањето на иднината на човештвото? И веќе паѓаат во вода сите планови за негово реформирање. Зашто самиот генетски код на капитализмот, неговиот начин на функционирање и неговиот вредносен систем, нè доведе до оваа ситуација каде што постојат само две опции: или ние ќе го уништиме капитализмот или тој ќе нè уништи нас.

Зошто капитализмот е проблематичен? Зошто повеќе не може да се реши климатската криза без надминување на капитализмот? Капитализмот се раководи од гладот за профит. Никое ниво на профит не е задоволително. Тоа секогаш мора да биде што поголемо. При задоволувањето на тој глад за профит, стремежот кој е внедрен во системот е да се минимизираат трошоците, преку намалување на платите за работниците и преку префрлање на штетата врз природата. Запрашајте се дали ќе биде задоволителна висината на профитот за капиталистите ако работниците добиваат достоинствени плати и не се нанесува штета на природата? И дали тие ќе бидат стимулирани во таков случај, при таква профитабилност, да инвестираат и иновираат?

Капитализмот едноставно има пљачкашки инстинкт. Сè што може да се исцица – да се исцица. Сè да се претвори во пари, да се извлече што поголем профит, а за последиците – другите нека се грижат. За него не постои гледањето подалеку од трупањето богатство, не постои долгиот рок. За него сè постои само низ призмата на бизнис-можностите. Можеби најдобар пример за тоа е случајот со Гренланд. Додека светот се ужаснува од последиците што ќе ги донесе топењето на мразот на Гренланд, Доналд Трамп, кој не е само претседател на САД туку и крупен капиталист, се интересира да го купи островот од Данска. Зашто, знаете, ако се истопи мразот на Гренланд, ако целиот Арктик стане пловен во лето, се отвораат нови бизнис-можности и бизнисмените нив мора да ги искористат. Ами последиците по човештвото од топењето на мразот на Гренланд? Што има тоа да го интересира еден капиталист! За него другите луѓе, сè останато, се само средства за остварувањето на целта – акумулирање профит. Таа егоистичка етика лежи во самите темели на капитализмот. И не само што е антихуманистичка туку денес, во контекст на климатската криза, таа е и погубна. Шокантната пресметливост на Трамповата понуда за купување на Гренланд е најдобар показател дека капитализмот е двигател на проблемот со климатската криза, дека е историски надминат и дека решението мора да се бара преку негово надминување.

Се разбира, целиот проблем со капитализмот не се темели само на ладните пресметки како оваа на Трамп или онаа на десничарскиот претседател на Бразил Болсонаро кој, гледајќи профит од сечата на амазонските шуми, можеби неповратно ја загрозува иднината на човештвото. Проблемот лежи и кај вредносниот систем што го промовира капитализмот. Тој вредносен систем, покрај промовирањето егоизам, покрај гледањето на другите (луѓе, природата) само низ призмата на личната корист, покрај стимулирањето на консумеризмот, ги социјализира како капиталистите така и останатите во духот на културата на префрлање на одговорноста. Кој е оној што треба да преземе нешто? Другите, власта! Сите – само не дотичниот човек, социјализиран во духот на капитализмот. Ако можам да си дозволам да возам автомобил, зошто да не го направам тоа? Ако ми даваат бесплатно пластична кеса, зошто да влечкам со себе платнена торба? Јас како поединец сум немоќен и од мене ништо не зависи. И бидејќи е така, „слободен“ сум да си го живеам животот онака како што сакам. Префрлајќи ја одговорноста.

Буквално истото го мислат и капиталистите. Кога уништуваат зелена површина во Скопје за да изградат зграда, кога сакаат да отворат рудници за злато, воопшто не грижејќи се за штетата по природата и здравјето на луѓето. Тие, според нивното мислење, прават минорни работи. Зарем од нив зависи дали ќе се извлечеме од климатската криза? Другите треба да преземат нешто, на другите е одговорноста, а бидејќи е така, секој поединечен капиталист ја има „слободата“ да се грижи само за сопствениот профит. И така, поради хаотичноста на капиталистичкиот систем, каде што никој не се смета себеси за должен да преземе нешто, ние веќе не полека, туку забрзано се движиме кон точката од која нема враќање.

Во моментов иднината изгледа многу црна. И таа нема да стане поинаква ако замижеме. Многумина, заглавени во секојдневните обврски, шокирани од скандалите на власта, не обрнуваат внимание на надоаѓачката климатска криза. Уште помалку го оспоруваат капитализмот. Но едноставно времето нè гази. Потребен ни е квантен скок во однос на тоа како ги гледаме работите. Да, најлесно е да ја репродуцираме доминантната култура на префрлање на одговорност. И да тврдиме дека ништо од нас не зависи, ниту како поединци ниту како држава. Но тоа може само да ни ја смири совеста. А од најлошото – нема да нè спаси.