ТРИ на Саемот на книгата под слоганот „Светот се менува, книгите остануваат“


Од 23 до 29 април, во Спортската сала „Борис Трајковски“, за време на овогодишното издание на Саемот на книгата, Издавачки центар ТРИ ќе се претстави со над 16 новитети, средби со над 20 домашни автори и со авторот Хајс Вилбринк од Холандија, и секако, со бројни понуди и попусти за читателите.
Целото саемско искуство на ТРИ годинава е посветено на идејата дека во ерата на промени, единствената константа е читањето. Враќањето на вредностите од книгите ТРИ го овозможува преку богатата понуда на новитети од различни жанрови. Од глобалните сензации – „Во светот на гладниот дух“ од Габор Мате и „Анксиозната генерација“ од Џонатан Хајт, преку светот на класиците – „Чуварот во ’ржта“ од Џ. Д. Селинџер со нов превод од Румена Бужаровска, добезвременската „Демони“ од Фјодор М. Достоевски.
Од саемските промоции издвојуваат неколку закажани за сабота (25 април) – на новиот превод од Бужаровска,со преведувачката и со Калина Малеска; гостување на авторот на „Ѕверовите“,кој во разговор со Дарко Лешоски ќе ни го претстави своето мајсторско дело; како и претставување на првиот роман за деца и млади „Тринаесеттиот“ на Лидија Димковска.На 27 април ќе биде промовиран романот „Обликот на водата“ од Андреа Камилери, што ќе ни го овозможи универзитетската професорка и преведувачка Радица Никодиновска, а на 28 април Лидија Капушевска-Дракулевска ќе го промовира новото поетско дело на Ристо Лазаров, „Метаверзум“.
Целата програма ќе биде достапна на социјалните медиуми на ТРИ, заедно со детален календар на настани и средби со потпишување на истакнатите домашни автори Лидија Димковска, Венко Андоновски, Винка Саздова, Виолета Танчева-Златева и другите ексклузивци на ТРИ.
Оттаму ги поздравуваат сите читатели со неколку пораки до нив, поканувајќи ги со една значајна мисла од Бојан Саздов, главниот уредник на издавачката куќа,кој на читателите им порачува на Саемот на книгата да не ја бараат најдобрата книга, „туку книгата што ви треба во овој момент“.
Каталогот со целосната понуда е достапен на страниците на ТРИ. Попустите ќе важат и во нивните книжарници и онлајн на kniga.mk.