Трета среќа


ПЕТАР АРСОВСКИ

Подолго време трае дебатата, која е инспирирана од различни мотиви и по различни основи, дали во Македонија е потребна трета опција. Иако разумниот одговор е да, зашто секоја нова политичка понуда, особено ако е квалитетна, го подига општото ниво на дискурс и политички производ, ја засилува конкуренцијата и ги подига стандардите, па сепак таква опција не се одржа на политичката сцена на подолг рок. Дали е тоа само заговор на двете политички партии, чиј базичен интерес е да останат единствени опции, дали е недостиг на добра понуда, дали е сплет на историски околности? Или има некоја друга причина зошто на македонскиот политички пазар сè уште доминираат двете партии?

Политичкиот пазар на македонската изборна понуда е, со мали исклучоци, релативно стагнантен, статичен, веќе подолго време. Како и во повеќе земји од транзицијата, и ние почнавме со старите трансформирани комунисти, и новите, потешки за трансформација, националисти. Во меѓувреме комунистите станаа социјалдемократи, националистите станаа авторитарни популисти, но јадрата останаа. Не се појави нова опција со автохтоно јадро, кое би значело суштинско освежување на политичката сцена.

Една од причините за ваквото политичко милје е изборниот модел. Првичниот изборен модел во Македонија беше чист мнозински модел, кој обезбеди стабилни влади, но уште на почетокот исфрли на површина две големи политички јадра во македонскиот блок, поради природата на самиот модел. Така, уште однапред, политичката моќ се концентрираше во два големи блока. До денес, и покрај тоа што сега имаме пропорционален модел, сепак изборното законодавство ги фаворизира поголемите партии терајќи ги помалите (од страв да не изгубат гласови во прераспределбата на пратеници) да прават предизборни коалиции со поголемите партии, и така, де факто, да се претопуваат повторно во два големи блока. Така, изборниот модел директно влијае на бипартизацијата на политичката сцена.

Втората причина е трајножаречката политичка криза на државата и правецот во кој се движи општеството. И покрај теоретскиот изблик на разочараност од електоратот, и упорната мантра на критичката јавност дека е потребна трета опција или понуда, сепак, изборните резултати не ја поддржуваат сосема таа теорија. Незадоволството на електоратот не се прелева директно на апстиненција, најмногу поради фактот што на сила се две големи варијабли: првата е незадоволството и потребата од нова понуда, но втората, засега посилна, е постојаната биполарна опција: големи одлуки за правецот во кој се движи државата прават политичкиот избор да е фокусиран на големи, стратегиски теми: со ЕУ и НАТО или без нив, со или против меѓуетничката кохабитација, и така натаму.

Ваквите големи одлуки оставаат простор само за исклучиви избори, за биполарни политички блокови, тие се по својата природа „центрифугални“, одвраќаат гласачи од трета опција односно од политичкиот центар.

Третата причина е што, барем засега, третите опции во Македонија се појавуваат како реактивен и политички опортун феномен, а не како проактивен, автохтон, суверен изблик на нова понуда. Демократска алтернатива, НСДП, и многуте мали сателити околу ВМРО-ДПМНЕ, секогаш се појавуваат спроти избори, или веднаш после нив, најчесто како производ или на политичко предаторство за изборна шанса, или како последици на внатрепартиски разводи. Ваквите иницијативи, кои се во основа прагматичен, а не идеолошки модел на формирање на нова понуда, потоа премногу лесно се претопуваат во еден од големите блокови. На крајот, такви се и светските искуства: поголем дел од „третите“ иницијативи во регионот неславно завршија, или со претопување во поголем блок или со паѓање во политички заборав.

На крајот, и меѓународните искуства се мешани во оваа смисла. Упорниот изблик на антиестаблишмент сентимент – односно заситеност од досегашната политичка понуда, на пример во САД и Велика Британија, резултираа, наместо со подем на нови силни опции, со ревизија на пристапот на една под поголемите партии. Така, на сцена стапија популисти, кои служеа како инфузија на нова енергија, односно како симбол на расчистување со стариот начин на политички елитизам, но во постојните десни партии. Доналд Трамп и Борис Џонсон се примери за таквиот феномен. Наместо да добијат, на пример, либерал-демократите во Велика Британија, што би значело раскрстување со стариот дуопол, сепак заситеноста од досегашниот политички дискурс се манифестираше како поддршка за Џонсон – реален политички аутсајдер.

Ова не значи дека политичката понуда е доволна или дека општествата немаат потреба или капацитет за трета опција. Напротив, сите сигнали од електоратот се индикација дека во голем дел од земјите, Македонија особено, постојат школски предуслови за изблик на нова понуда. Сепак, предизвиците остануваат – каква било нова понуда, ако е производ на политички прагматизам наместо идеолошка пресвртница, ако не е поткрепена со ревизија на изборниот модел, или ако не ги има предвид предизвиците на амбиентот и досегашните искуства, ќе биде под сериозен ризик. Дополнително треба да се има предвид дека електоратот нема неограничена енергија за обиди: ако ваквата иницијатива пропадне во неколку наврати, ќе бидеме повторно осудени на постојната политичка олигархија на подолг рок.